„ВАГНЕР“ СЕ ВРАЌА ВО УКРАИНА ПОД НАДЗОР НА ПУТИН? Платениците можеби ќе добијат нова задача

Нејасно е каква улога тие (од Кремљ) ќе играат додека „Вагнер“ е фокусиран на офанзивни задачи, веројатно во Купјанск и во Лиман, напиша на Х, Самуел Рамани, соработник во Кралскиот институт за Обединети услуги (РУСИ).

2,153

Платеничката војска „Вагнер“ на Телеграм сугерираше дека нејзините борци се враќаат во Украина „за да ги заштитат интересите на Русија“ еден месец по смртта на нивниот основач Евгениј Пригожин, кој го оспори авторитетот на Владимир Путин, пишува Њузвик.

„Војниците на еден од водовите на првиот јуришен одред, откако ја собраа својата независна група, се враќаат во зоната на конфликтот за да ги заштитат интересите на Русија и на победата“, се вели во објавата на каналот на ПМЦ.






„Момците ќе се борат во една од тешките насоки“, се додава во објавата во која директно не се споменува Украина, ниту пак се дадени дополнителни детали за тоа каде ќе одат.

На каналот беше промовиран и цитат од покојниот водач, Пригожин, кој вели: „Кога повторно ќе ѝ требаме на нашата земја, ќе се вратиме и ќе го заштитиме нашиот народ“.

На каналот беа објавени слики од војници кои држат руски знамиња и знамиња на „Вагнер“ и пред автобуска станица на непозната локација.

Објавата на ПМЦ доаѓа во време кога белорускиот проект Хајун, независна група за набљудување, ги оспори извештаите дека борците на „Вагнер“ ја напуштиле Белорусија каде што биле протерани како дел од договорот, кој наводно го склучија Евгениј Пригожин и белорускиот претседател Александар Лукашенко.

„Не се демонтирани сите шатори во кампот на ПМЦ Вагнер во Белорусија“, се вели во понеделникот на Х.

Објавата алудира на локацијата во областа Асиповичи во белорускиот регион Могилев.

Самуел Рамани, соработник во Кралскиот институт за Обединети услуги (РУСИ) напиша на X, поранешен Твитер, дека поранешниот советник на Кремљ, Сергеј Марков, кој се залагаше за Пригожин, има слични тврдења за враќањето на Вагнер „и се фали дека Украинците се плашат“.

– Нејасно е каква улога тие ќе играат додека „Вагнер“ е фокусиран на офанзивни задачи, веројатно во Купјанск и во Лиман – додаде Рамани.

Купјанск и Лиман се региони каде се одвива украинската контраофанзива.

По бунтот во јуни, Кремљ презеде поблиска контрола врз „Вагнер“, чии борци Путин рече дека може или да се приклучат на руската армија или да одат во Белорусија.

На 23 август, Пригожин и некои од неговите врховни команданти загинаа во авионска несреќа, која нашироко се сметаше како одговор на неговиот бунт против рускиот воен естаблишмент два месеци претходно.

Кремљ ја негираше одговорноста за несреќата.

Многу од војниците во „Вагнер“ се поранешни затвореници на кои им беше ветено дека казната ќе им биде укината во замена за шест месеци воена служба. Меѓутоа, по излегувањето на „Вагнер“ од Украина, аналитичарите велат дека на платениците им е тешко да дојдат до работа поради нивните криминални досиеја.

Поврзани содржини