📷 УНИВЕРЗАЛНАТА САЛА ВО СКОПЈЕ БИЛА НАПРАВЕНА ПО УРНЕК НА СОФИСКИОТ ЦИРКУС Необичен момент ги поврзува двете идентични градби

Универзална сала во Скопје како монтажен објект е купена од бугарската фирма „Техноекспортстрој“ од Софија во 1964 година и е речиси идентична со зградата на Државниот циркус во Софија која изгорела во пожар во 1983 година.

3,476

Универзалната сала во Скопје која веќе неколку години беше во фаза на реконструкција, вчера изгоре во пожар. Објектот кој беше еден од симболите на Скопје изграден по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, со години беше вон функција, остана само како повремена сцена за политички пресметки на локалната и централната власт околу обврските и овластувањата, а за постарите скопјани како потсетник на старите времиња кога под сводот на Универзална се одржуваа бројни концерти, претстави и фестивали.

Изградбата на Универзалната сала во Скопје почнала непосредно по катастрофалниот земјотрес во 1963 година како „трајно одбележување на хуманата акција на дарителите од странство“. Од идејата да се воспостави културно-уметничката манифестација „Средби на солидарноста“ која еднаш во годината во Скопје ќе ги собере претставниците на земјите што му пружија помош на разурнатиот град, потоа израснува и идејата за изградба на Универзалната сала како место во кое ќе се реализираат тие активности.






Во историјатот на Универзалната сала стои запишано дека „Дирекцијата за комунална и снабена изградба на Скопје, носи одлука за изградба на еден ваков објект кој ќе биде од монтажен карактер“.

Во изградбата на Универзналната сала во Скопје со значајна материјална и финансиска помош учествувале повеќе од 35 земји во светот. Од собраните средства е купен објектот Универзална сала од бугарската фирма „Техноекспортстрој“ од Софија.

На 11 јули 1964 година во Софија е потпишан Договорот за купопродажба на објектот „универзална сала“ со вкупно 1.800 седишта. 10 месеци по потпишувањето на договорот, во 1965 година во Скопје никнува објектот „Универзална сала“. Иако уште недовршен и без технички прием, во јули и август 1965 година во салата се одржуваат вторите „Средби на солидарноста“.

Салата официјално е пуштена во употреба на 10 јануари 1966 година со драмската претстава „Виктор или деца на власт“ во изведба на белградското „Атеље 212“, а  на 16 јануари истата година е одржан голем Симфониски концерт на Македонската филхармонија со пијанистот Александар Унински.

Она што е помалку познато во историјата на скопската Универзална сала е податокот дека таа е направена како копија на зградата на Државниот циркус во Софија.

По вчерашниот пожар, интересен е уште еден момент што ги поврзува двете речиси идентични градби. И зградата на Државниот циркус во Софија и скопската Универзална сала горат во пожар.

Зградата на Државниот циркус во Софија – иновативно дело на бугарските архитекти Ерослав Станков и Костадинка Станкова Мутафова е изградена на Плоштадот Солен пазар во бугарската престолнина. Постои околу 20 години пред да биде пеплосана во пожар на 25 септември 1983 година.

Минатата година во Софија е организирана изложба посветена на Државниот циркус на кој меѓу другите експонати е изложен и специјално направен модел на старата зграда.

Универзалната сала во Скопје постоеше повеќе од шест децении, пред да заврши во пламен на 9 април 2024 година.

Поврзани содржини