УМРЕ СИРОМАШЕН И САМ, А ГО СМЕНИ СВЕТОТ Тајните на генијалниот и мистериозен Никола Тесла

На денешен ден почина генијот што го смени светот. Контроверзните пронајдоци, судирите со моќници и мистеријата околу неговата смрт сè уште отвораат многубројни прашања.

1,246

На денешен ден, 7 јануари 1943 година, во хотелска соба во Њујорк почина Никола Тесла – гладен, осамен и речиси заборавен од јавноста. Светот тогаш тивко се прости од човекот кој засекогаш ја смени цивилизацијата. Но годишнината од неговата смрт не е само повод за почит, туку и за потсетување на контроверзиите што го следеа целиот негов живот.

Тесла беше научник и хуманист кој веруваше дека знаењето треба да им служи на сите. Пари не го интересираа, иако зад себе остави повеќе од 700 патенти. Беше номиниран за Нобелова награда, но според сведоштва – ја одбил, одбивајќи да ја дели славата со други.






Денес, повеќе од осум децении подоцна, неговото име е симбол за генијалност, но и за недоразбраност. А зад митот за визионерот се кријат приказни за забранети пронајдоци, судири со моќници и сомнежи околу самата негова смрт.

Гениј што мислеше пред времето

Тесла замислуваше свет без жици, со бесплатна енергија достапна за сите. Неговиот проект за безжичен пренос на електрична енергија, кулата Ворденклиф, никогаш не беше довршен. Финансиските поддржувачи се повлекоа, стравувајќи дека од таква енергија нема профит.

Некои од неговите идеи беа толку напредни што звучеа опасно. Зборуваше за „зрак на смртта”, уред што може да уништува цели армии. Тесла тврдеше дека тоа е оружје за одвраќање, но владите го гледаа како закана.

Многу од неговите патенти исчезнаа или никогаш не беа целосно објавени. По неговата смрт, американските власти ги запленија документите од неговата соба, што дополнително ги подгреа сомнежите дека Тесла знаел – и создал – повеќе отколку што светот смеел да дознае.

Сам против системот

Тесла беше во постојан конфликт со индустриските магнати на своето време. Загуби правни битки со Томас Едисон и финансиски пресметки со Џорџ Вестингхаус. Наместо компромиси, тој избираше принципи – и често плаќаше висока цена.

Живееше аскетски, со строги навики и опсесии. Никогаш не се ожени, а последните години ги помина хранејќи гулаби и водејќи разговори со нив. За јавноста тоа беше чудно, за него – единствено прибежиште.

Иако беше славен во младоста, староста ја дочека во сиромаштија. Без стабилни приходи и без семејство, Тесла полека исчезнуваше од јавниот живот, додека светот продолжуваше да користи идеи што тој одамна ги замислил.

Несреќа што ја созаде мистеријата

Неколку месеци пред смртта, Тесла бил жртва на сообраќајна несреќа. Бил удрен од возило во Њујорк и претрпел тешки повреди. Одбил сериозен лекарски третман и никогаш целосно не се опоравил.
Официјално, починал од срцев удар.

Но, токму несреќата ги отвори сомнежите – дали повредите придонеле за неговата смрт, или дали некој сакал да го замолчи? Теории за заговор почнаа да кружат уште тогаш.

Факт е дека неговата смрт дојде тивко, без државни почести. Но интересот за Тесла не згасна – напротив, со годините само растеше.

Наследство што не може да се избрише

Денес Тесла е икона. Училишта, аеродроми и компании го носат неговото име. Но, вистинското наследство не е во спомениците, туку во идејата дека науката може да биде хумана.

Контроверзиите околу него не ја намалуваат неговата големина – напротив, ја прават човечка. Тесла беше гениј со мани, визионер што плаќаше за својата визија.

На годишнината од неговата смрт, останува прашањето: дали светот беше подготвен за Никола Тесла? Или тој едноставно дојде прерано.

Поврзани содржини