🎥 УМЕТНИК СИ НАПРАВИ МАЈТАП СО МАСК, БЕЗОС, ЗАКЕРБЕРГ, АМА СИ НАПРАВИ И ПАРИ Погледајте што значи „да те серат кучињата“
Кучињата-роботи со препознатливи човечки глави стануваат гротескна, но ефектна метафора за начинот на кој технолошките лидери влијаат врз нашето секојдневие.
На меѓународниот уметнички саем „Арт Базел Мајами Бич 2025“, што се одржува од 3 до 7 декември во Мајами, американскиот дигитален уметник Мајк Винкелман, познат под уметничкото име Бипл, ја претстави својата најнова и веќе вирална инсталација со наслов „Регулар Енималс“. Делото е изложено во новата зона посветена на дигитална и нова медиумска уметност, наречена „Зеро 10“.
Во оваа инсталација се појавуваат група роботски кучиња – механички четириножни уреди со хиперреалистични човечки глави. Нивниот изглед намерно ја носи ликoвната препознатливост на некои од највлијателните личности на современиот свет: Илон Маск, Џеф Безос, Марк Закерберг, како и уметничките икони Енди Ворхол и Пабло Пикасо. Едно од кучињата го носи и ликот на самиот автор, Бипл, што дополнително ја заокружува сатиричната идеја на делото.
Кучињата-роботи се движат низ транспарентно ограден простор, опремени со камери кои постојано ги снимаат посетителите. Снимките потоа се обработуваат преку вештачка интелигенција, создавајќи визуелни интерпретации во стилот на „носителот на главата“ — така, „Ворхол-кучето“ печати поп-арт верзии на кадрите, „Пикасо-кучето“ ги претвора во кубистички композиции, додека верзиите со Маск и Закерберг нудат технолошки и футуристички варијации. Во една од најпровокативните точки на перформансот, роботите од анусот „какаат“ (како пародија) физички отпечатени листови со фотографиите, некои придружени со QR-кодови што водат кон дигитални изданија на истите фотографии.
Клучната порака на Бипл е јасна: во време во кое алгоритмите, технолошките корпорации и милијардерите ја одредуваат визуелната култура и медиумската реалност, уметноста мора да го постави прашањето — кој ја контролира сликата што ја гледаме? Кучињата-роботи со препознатливи човечки глави стануваат гротескна, но ефектна метафора за начинот на кој технолошките лидери влијаат врз нашето секојдневие.
Дополнително, роботите се понудени како уметнички изданија во лимитиран сет — две копии плус едно авторско пробно издание – а цената за едно роботско куче достигнува околу 100.000 долари. Според организаторите, делата биле продадени веднаш по отворањето за VIP-публиката, што уште еднаш ја потврдува комерцијалната тежина на Бипл во светот на современата уметност.
„Регулар Енималс“ на Мајк Винкелман успеа истовремено да ја шокира, да ја забави и да ја испровоцира публиката, покажувајќи дека границата меѓу технологијата, хуморот и критичката уметност е сè позамаглена. И плус, успеа да заработи пари.
View this post on Instagram