УМЕТНИЦИТЕ СЕ КЛОШАРИ, ЗАРЕМ САКАШ ЦЕЛ ЖИВОТ КЛОШАР ДА БИДЕШ? Со сликарот Трајче Чатмов за уметноста и за животот – од и за уметноста

Во пресрет на изложбата на Трајче Чатмов, во искрен разговор, овој македонски сликар ни раскажа зошто и како ја одбрал оваа професија, за тоа како во средно учел биотехнологија и генетика, а потоа, наместо на медицина, успеал да се запише на Ликовна академија - од третпат, токму кога се разочарал и запишал богословија, како и за тоа како неговиот вујко, инаку, познат карикатурист, се обидувал да го одврати од уметноста.

2,052

Повод за нашиот разговор со уметникот Трајче Чатмов е неговата изложба најавена за 19 мај, во 20 часот, во Бифе Тафталиџе. Станува збор за уметник кој од својата прва самостојна изложба во далечната 1997 година во Охрид, во склоп на „Охридско лето“, до оваа, во Бифе Тафталиџе, имал навистина многу изложби од едноставна причина – секојдневно слика, па никогаш не му недостасуваат нови дела кои заслужуваат да бидат изложени пред љубителите на уметноста.

Неговата прва изложба се состоела од дури 120 слики во голем формат.






„Од пуста желба да се докажам или да не утнам нешто, на изложбата имав 120 слики. Возбуда на ниво! Сепак, одлично помина и таа моја прва изложба ми е еден перфектно убав спомен. Инаку, максимално сум активен кога станува збор за изложби од една проста причина, а тоа е што сликам секојдневно и имам продукција, иако еднаш добив ваков коментар: Аман, што направи овој со изложбиве?! За среќа, коментаров беше од колешка која нема направено изложба повеќе од десет години па тоа го сфатив како комплимент“, вели нашиот соговорник Трајче Чатмов.

Иако со уметност се занимава изминативе 27 години и во текот на своето творештво имал периоди на дилема дали го има направено вистинскиот избор кога станува збор за професијата, тие се однесувале повеќе на тоа, дали е доволно добар, дали воопшто вреди човек да се занимава со уметност на овие простори и во ова време, но и за тоа зошто не ги послушал неговите и не станал доктор.

„Мене како „неталентиран“, не ме примија од првпат на ДЛУМ, туку дури на третото конкурирање кога безмалку имав изгубено надеж и кога од разочараност, со благослов на тогашниот митрополит г.г. Михаил бев примен на Богословија“, раскажува Чатмов кој потсетувајќи се на своите младешки избори, ни открива дека во средно училиште, многу неочекувано за некој кој подоцна толку упорно ќе настојува да се запише на сликарство, учел биотехнологија и генетика.

„Имав безгрижно детство (иако такво беше и времето тогаш), па не бевме оптоварени со глупостите со кои растат денешните деца и кои уште од мали се оптоварени со тоа што понатаму во животот. Ние, зависно од денот, сакавме да бидеме партизани, индијанци, каубојци, Тихи, Прле и секако, Кригер. Што се однесува до цртањето, од секогаш сум цртал, тоа ми било дел од играта и тоа сериозен дел, па на училиште секако членував во ликовна секција, но никогаш како дете не сум размислувал или фантазирал да бидам уметник. Сам си одбрав да се запишам во гимназија и тоа, биотехнологија и генетика (тогаш се појави насоченото образование) и нормално, после средно се очекуваше од мене да се запишам на таков вид факултет бидејќи мајка ми беше стоматолог, сите мислеа дека ќе запишам стоматологија, но во средно веќе почнаа да се дефинираат желбите и јас почнав да се гледам како уметник. И покрај тоа што имав сугестија која ја памтам до денес од мојот вујко кој беше карикатурист: „Уметниците се клошари, зарем сакаш цел живот да бидеш клошар?!“

Секако, ова повеќе за да ме разубедат да не одам на ФЛУ“, се смее Чатмов.

Патем, неговите двајца вујковци, Бранко и Александар Јермилови, се доајени на македонската карикатура.

Во однос на тоа што кај нас изборот на уметноста кога станува збор за егзистенцијата, не е баш најсреќниот избор, вели:

„Кај нас никако не е возможно да егзистираш од уметноста или поточно, можеш да егзистираш исклучиво од неа само ако комплетно се предадеш на „тезгарење“, а тоа не го може секој, особено не јас со мојот карактер, па во таков случај сигурно би бил „клошар“ како што би рекол вујко ми. Затоа, во оваа држава наоѓаш работа од која егзистираш, а уметноста ја сведуваш на слободна активност и хоби“.

Чатмов, освен со сликарство се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм за што има добиено и неколку награди (најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“).

„Како и што обично се бидува во мојот живот, така и тоа, многу случајно и спонтано. Имаше една хуманитарна акција наменета за бегалците Македонци од Албанија и решивме да ја следиме таа акција со видео-запис, но местото кадешто беа сместени, руинираното бившо детско одморалиште на царина на Преспанско езеро, како и самите разговори со нив, направија целиот тој обичен видео запис да добие друга димензија. Од таму и идејата да настапам на конкурси“, објаснува Трајче.

За себе вели дека во суштина неговите слики се онакви каков што е и тој.

„Имам идеја, тргам по неа, но никако не се држам како „слепец за стап“ за неа, многу често ги следам случајностите и од нив ја вадам главната приказна. Не сакам ограничувања, а моментот кога нешто ќе ме ограничи, сликата дефинитивно е утка. Сликањето го гледам како игра и се додека е така делата ќе бидат добри, моментот кога нешто ќе се утне и кога ќе бидам принуден да го применам научениот занает, сликата веќе го губи својот шарм. Има периоди кога си празен, кога ништо не ти текнува, кога ништо не ти се допаѓа, кога си во дилема дури и дали воопшто некогаш да продолжиш со сликање, но едноставно оставаш малку време и после почнуваш полека да се враќаш таму кај што треба да бидеш“, вели нашиот соговорник.

 

Неговата најнова изложба кон крајот на неделава е интересна од повеќе аспекти и има приказна околу самото настанување на делата кои ќе бидат изложени.

„Еден ден расчистувајќи го ателјето, најдов поголема количина на разни парчиња хартија на која сум експериментирал и наместо да ги фрлам решив да ги искористам и самите случајности кои постоеја на нив да ги претворам во приказни. Нема во нив одредена тематика, напротив, темата е различна, од митологија, љубов, политички сарказам и обична зоологија. Заедничко за нив е единствено тоа што се на хартија. Ова е специфичноста на оваа изложба и искрено, не знам како ќе излезе“, вели тој и додава дека за тоа што наместо во галерија, овојпат се решил да прави изложба во Бифе Тафталиџе, е одговорен сопственикот на бифето, Саша Шотаровски.

„Шоте ми е драг пријател и гледајќи го просторот и изложбите кои претходно беа направени таму, добив идеја и мојата да биде во овој алтернативен простор. А што се однесува до продажбата, да бидам искрен, јас не мислам ништо да продавам од причина што Шоте се нафати да испродаде се и да ме направи богат и славен“, се смее Чатмов.

За разлика од порано кога уметнички слики се купуваа барем како подароци за свадби, денес, вели тој, работите се сменети.

„Денес подароци се носат само во плико, без да се размисли дека сликата што ќе ја купат денеска, веќе утредента има повисока цена. Но, таков ни е менталитетот или културното ниво“, завршува Чатмов.

Трајче Чатмов (1971 г.) ја започнува академската наобразба во 1992 година, со запишување на Факултетот за ликовни уметности во класата на професорката Ана Темкова. Своето усовршување го продолжува повторно во областа на уметноста, но овојпат проширена во делот на филозофијата и своите постдипломски студии ги завршува под менторство на професорот Родољуб Анастасов – сликарство и филозофија (естетика) под менторство на професорот Кирил Темков. Имал самостојни изложби во Скопје, Велес, Битола, Врање и во Белград (Србија), а учествувал и на повеќе групни изложби низ Македонија и надвор: Германија, Полска, Словенија, Србија, Бугарија, Дубаи… Покрај со сликарство, се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм за што и има добиено неколку награди во 1997/8 година (најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“).

Поврзани содржини