УКРАИНА НЕ Е НИ ДРЖАВА, ТУКУ ИЗГУБЕНА ТЕРИТОРИЈА Како Русите гледаат на својот јужен сосед?
Во идеалното сценарио за кое многу Руси сонуваат, нема никаква војна, туку компромис со кој ќе се врати руското влијание врз Украина, или барем Киев ќе биде принуден да прифати неутралност. Тој компромис Путин го нарече „нова Јалта“, налик на договорот на крајот на Втората светска војна, кога Сталин, Рузвелт и Черчил го поделија светот на Исток и Запад.
„Украина не е ни држава“, туку западна енклава, „тоа е територија која Русите ја загубија во времето на Сталин“, а која дефакто ја освоил Иван Трети „собирачот на руски земји“ и која заедно со Белорусија ја составува големата Киевска Русија од средниот век. Вака накратко би можеле да се опишат ставовите на руската држава и официјален Кремљ во однос на својот јужен сосед, анализира Вашингтон пост.
Цврстите ставови на Кремљ можат да се огледаат и во коментарот на Владислав Сурков, поранешен помошник на Путин кој на провладиниот сајт АктуелниКоментари напиша:
„Русија ќе се прошири не затоа што е добра или затоа што е лоша туку затоа што тоа е чиста физика“.
Чистата физика можеби подобро е поткрепена со фактот дека Русија токму во моментов гледа шанса да го прошири своето влијание, макар и политички, убедена дека САД опаѓаат како светска сила и како кројач на глобалните политики. По онлајн-средбата на Бајден и Путин Кремљ отворено го обвинува НАТО дека ја премина „руската црвена линија“.
Дури и да се откаже од својата наводна окупација на Украина исплашен од санкциите од Западот, Путин веројатно нема да ги помести своите 175.000 војници од границата, а во умот на многу Руси ќе остане неговата изјава дека борбата на Украина против проруските сепаратисти во Донбас е геноцид врз рускиот народ.
Војна или не, еве шест начини на кои Русите гледаат на Украина.
„Не разбираш, Џорџ, дека Украина не е ни држава“
Руските функционери и медиуми често го промовираат ставот за Украина како помалку од суверена, структурно неодржлива земја, која нема право да прави свои сојузи. Летово Путин објави своја анализа во која напиша дека „вистинскиот суверенитет на Украина е можен само во партнерство со Русија“.
Николај Патрушев, шефот на рускиот совет за безбедност, ја нарече Украина „протекторат“ во интервју за весник во ноември, додавајќи застрашувачка забелешка:
– Постои потенцијал во Украина за излив на тензии толку силен што милиони Украинци ќе побегнат да бараат засолниште на други места.

„Две држави, еден народ“
По долгиот есеј на Путин изминатото лето во кој се велича „историското единство“ на Русија и Украина како „еден народ“, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, возврати дека братските односи на Путин „повеќе личат на (библиските браќа) Каин и Абел“.
Путин често зборува за „Една Русија“, што значи Русија, Украина и Белорусија – или „Голема Русија“ и „Мала Русија“, Русија е „голема“, а Украина „мала“. Тој во 2009 година тврдеше дека „никому не треба да му се дозволи да се меша во односите меѓу нас. Тие отсекогаш биле работа на самата Русија“.
„Мајко Русија, врати го Донбас дома“
Москва често сака прикаже дека луѓето кои говорат руски во Украина имаат потреба од нејзина заштита, издавајќи пасоши на повеќе од 500.000 од нив во два сепаратистички региони на источна Украина кои се дел од Донбас. Во септември, илјадници од нив беа префрлени во Русија за да гласаат на парламентарните избори.
„И ние имаме должност да се грижиме за нив. Мајко Русија, врати го Донбас дома“, напиша Маргарита Симонјан, главна уредничка на РусијаДенес.
„Не сакаме војна со Украина, само да биде под руско влијание“
Во идеалното сценарио за кое многу Руси сонуваат, нема никаква војна, туку компромис со кој ќе се врати руското влијание врз Украина, или барем Киев ќе биде принуден да прифати неутралност. Тој компромис Путин го нарече „нова Јалта“, налик на договорот на крајот на Втората светска војна, кога Сталин, Рузвелт и Черчил го поделија светот на Исток и Запад.
Ако ништо друго, ова е шанса за нова Студена војна. Да се потсетиме, откако дојде на власт Путин наметна имиџ на човек кој сака да ја обнови на Русија како моќна држава, проектирајќи моќ на Блискиот Исток и Африка, но, пред сè, во нејзината самопрогласена „сфера на влијание“ во поранешните советски држави, а тоа ја вклучува и Украина.
„Бескрајно ќе војуваме со Украина“, тоа е нашиот „чадор“
Потребата на Русија за безбедносен „чадор“ е вкоренета по последователните инвазии од Европа во изминатите векови, објасни Александар Баунов, аналитичар во Московскиот Карнеги центар.
– На две коски им треба меко ткиво меѓу нив – изјави неговиот сонародник Владислав Сурков кој беше одговорен за Украина, за „Фајненшл тајмс“ во јуни, мислејќи на Русија и НАТО и додаде дека „геополитичката гравитација на двете ќе ја прекине Украина“.
Додека тоа не се случи, Сурков предвиде бескрајна борба за Украина: „Може да згасне, може да се разгори, но ќе продолжи, неизбежно“.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во четвртокот предупреди дека Украина може да стане сценарио за кубанска ракетна криза, како американско-советската пресметка во 1962 година поради ракетните бази кои СССР ги изгради на Куба, што го доведе светот на работ на нуклеарна војна.
„Украина е поделен хаос, а не е држава“
Најголемиот руски кошмар би бил Украина да стане силна, стабилна демократија по западен терк, со нула корупција и граѓанско општество. Зошто? Затоа што таа слобода ќе ги натера Русите да го преиспитаат сопствениот систем, каде сè уште се случува луѓе да бидат затворани поради постови на твитер и каде Путин никогаш не ја губи моќта.
Затоа руските водители на државната телевизија често ја исмеваат Украина, како пропадната, поделена држава, под големо влијание на „нацистите“. Владислав Сурков, минатата година Украина ја нарече „хаос наместо држава“.
„Извозот на хаос не е ништо ново“, напиша тој на сајтот АктуелниКоментари, а за пример како „земјата да се обедини“ ја посочи анексијата на Крим.