УБАВИНАТА ДОАЃА ОДНАТРЕ, ОД ЗАДОВОЛСТВОТО СО СЕБЕ И ОД ПОЗИТИВНИТЕ МИСЛИ Разговор со нашата најубава спортистка
Самодовербата има многу голема и важна улога во нашите животи, а особено во животите на професионалните спортисти. Некои од нив вродено ја поседуваат оваа карактеристика, но вистинската самодоверба доаѓа со многу напорна работа, труд и посветеност.
Многумина ја познаваат по нејзините слики од Букурешт, кога гордо го вееше македонското знаме за нашите фудбалери на Европското првенство, а фотката осамна и на билбордите во градот. Други ја знаат како успешна каратистка, а трети како ТВ-лице од реклами и по фотографиите на Инстаграм.
Годинава таа полни 30 и веќе ја нарекуваат „најубавата македонска спортистка“, иако нејзината биографија освен титулите во карате, ја испишуваат и победа на државен натпревар по математика, признание за првенец на генерација и жестока посветеност на спортот.
Моника Стефановска за Плусинфо вели дека вистинската убавина е во работата на себе и во смиреноста на луѓето кои се задоволни од својот животен пат. Младата тетовчанка своеволно решила да вежба карате на само шест години, откако гледала демонстрација по часовите на гимнастика. Нејзината самодоверба била толку голема, што родителите немале избор освен да ја поддржат и да ѝ станат најголема потпора.
Сепак, според неа нејзино најголемо богатство се патувањата кои ја учат да ги почитува различностите во светот. Таа нашла време и да магистрира на спортски менаџмент, а на европското првенство одвоила шест денови да ги гледа двата натпревари со Украина и со Австрија и да ја слуша химната на земјата која не размислува да ја напушти, иако условите за спортистите што таа земја ги нуди не се баш најсјајни во моментов.
Во јавноста сте позната како најубавата македонска спортистка. Како ви се допаѓа таа одредница и дали чувствувате притисок поради тоа?
Убаво е да се слушне таков комплимент и секако, тоа ми импонира, пријатно е чувството кога те препознаваат како убавица. Можеби ќе звучи како клише, но моето искрено мислење е дека убавината доаѓа однатре, па според мене убав човек е секој човек којшто е задоволен со себе, има убави и позитивни мисли, го негува духот и телото и се стреми секој ден да е подобар од претходниот.
Колку од приватниот живот жртвувате за да му се посветите на каратето?
Секој спорт бара максимална посветеност и жртвување. Доколку спортистот се стреми да гради професионална спортска кариера тоа значи намален социјален живот, откажување од некое хоби. Во текот на изминатите години најтежок беше периодот кога требаше да најдам баланс помеѓу спортот и факултетот, но со силна желба и труд успевав да го постигнам истото.
Каратето ви овозможува да патувате во светот и да ги проширите видиците. Какот тоа ве менува како личност?
Патувањето е единственото нешто што го плаќаме, а нè прави побогати. Запознавањето на различни култури и посетувањето на многу земји ми даде шанса да создадам многу пријателства, а со тоа да се изградам во личност која е толерантна, комуникативна и ги разбира различностите.
Вашите родители отпрвин се противеле заедно со сестра ви да тренирате карате, а потоа тајно сте се запишале за еден ден да освоите медали на европски и светски првенства. Колку е битна самодовербата да направиш нешто кое околината го осудува?
Самодовербата има многу голема и важна улога во нашите животи, а особено во животите на професионалните спортисти. Некои од нив вродено ја поседуваат оваа карактеристика, но вистинската самодоверба доаѓа со многу напорна работа, труд и посветеност. Иако родителите на почетокот се противеа на нашиот избор, подоцна сфатија дека нашата желба за тренирање е огромна и дека нема да се откажеме по никоја цена, па ни станаа најголема поддршка и потпора.
Македонските спортисти се соочени со тешки услови и не секогаш стојат добро со финансиите. Сепак, во едно интервју велите дека никогаш не би ја напуштиле Македонија, а во Букурешт гордо го виоревте нашето знаме за поддршка на македонските фудбалери на Европското првенство. Што е тоа што му фали на македонскиот спорт?
Финансиите се многу важен фактор и се нешто што многу често недостасува. Тие се правопропорционални со популарноста на самиот спорт, па сметам дека фудбалот, кошарката па и ракометот не се соочуваат со истите проблеми со кои се соочува каратето. Но, тука е Агенцијата за млади и спорт која дава голема помош на македонскиот спорт и се грижи за спортистите.