📽 ТРОЈАНСКИОТ КОЊ НА СТУДЕНАТА ВОЈНА ИМАЛ ГОЛЕМИ УШИ Советско уметничко дело станало шпионски уред што ги прислушкувал Американците

Во последните недели од Втората светска војна, руски извидници му подариле на американскиот амбасадор во Москва рачно изработен Голем печат на САД, кој бил поставен во неговата резиденција. Амбасадорот го закачил подарокот со гордост, како симбол на тогашната соработка меѓу Русија и САД.

236

Прислушкувачки уред, скриен во уметничко дело во 1945 година, останал незабележан од американската безбедност цели 7 години – и тоа не е единствениот пример кога уметноста била искористена за измама.

Пред 8 децении, во последните недели од Втората светска војна, група руски извидници му подариле на американскиот амбасадор во Москва рачно изрезбан Голем печат на САД, на неговата официјална резиденција – куќата „Спасо“. Подарокот симболизирал соработка меѓу Русија и САД за време на војната, а амбасадорот В. Аверел Хариман гордо го закачил во својот дом, каде што стоел до 1952 година.






Но, амбасадорот и неговиот безбедносен тим не знаеле дека печатот содржи таен прислушкувачки уред, подоцна наречен „Нештото“ (The Thing) од американските тимови за техничка безбедност. Уредот прислушкувал дипломатски разговори цели 7 години без да биде откриен. Со користење на наизглед безопасно уметничко дело за инфилтрација и за добивање стратешка предност, Советите го извеле „најгенијалниот трик по Тројанскиот коњ“. Но, ова е вистинска приказна, иако звучи како шпионска фикција, се вели во написот на Би-Би-Си.

Американските техничари подоцна сфатиле дека рачно изработениот Голем печат бил всушност „невидливо уво“, што ги слушало разговорите на амбасадорот.

Како функционирало „Нештото“?

Специјалистот за контраразузнавање, Џон Литл, со години бил фасциниран од уредот и дури направил сопствена реплика. Оваа година беше прикажан документарец за неговата работа, кој по премиерата во мај ќе се емитува во Англија.

Литл ја опишува технологијата на „Нештото“ со музички метафори – како комбинација од цевки налик на органски свирки и мембрана „како кожа на тапан, што вибрира на човечкиот глас“. Сето тоа било сместено во минијатурен објект, како игла за шапка, и имало предност да не биде забележано бидејќи немало електроника, батерија, ниту, пак, се загревало.

Изработката била неверојатно прецизна – „помеѓу швајцарски часовник и микрометар“. Историчарот Х. Кит Мелтон изјавил дека во своето време „Нештото“ ја издигнало науката за аудио-прислушкување на ниво дотогаш сметано за невозможно.

Во рамките на куќата „Спасо“, уредот се активирал само кога од блиска зграда се испраќал високофреквентен сигнал, кој ги одразувал вибрациите од антената на бубачката. Уредот бил откриен случајно во 1951 година, кога британски воен радиооператор ја погодил точната фреквенција и слушнал разговори од далечна просторија. Следната година, американските техничари го пребарале амбасадорскиот дом и дури по тридневна претрага сфатиле дека Големиот печат бил „невидливо уво“.

Уметноста како шпионажа

Еден од руските техничари кои го користеле уредот, Вадим Гончаров, изјавил:

– Долго време нашата земја добиваше специфични и многу важни информации што ни даваа предност… во Студената војна. И до денес никој надвор од советската разузнавачка служба не знае колку уште вакви „Нешта“ биле употребени за шпионажа на Западот.

Успехот на уредот не се должел само на техничката оригиналност, туку и на тоа што ги искористил културните ставови кон уметничките предмети. Убавите објекти се доживуваат како безопасни симболи на статус или на вкус и токму таа претпоставка ја искористиле Русите со рачно резбаниот печат од јавор.

Ова не е единствениот пример кога уметноста била искористена за шпионажа. Леонардо да Винчи, покрај сликањето на Мона Лиза, дизајнирал тенкови и опсадни оружја, Петер Паул Рубенс бил шпион за време на Триесетгодишната војна, а во Првата и во Втората светска војна уметници од разни земји осмислувале камуфлажи и операции на измама. Познатиот британски историчар на уметност Ентони Блант бил советски шпион за време на Втората светска војна и на почетокот на Студената војна.

Кој го смислил ова „Нешто“?

Во чудниот случај со „Нештото“, музичката историја исто така игра улога. Нејзиниот пронаоѓач, Лев Сергеевич Термен (познат како Леон Теремин), бил руски иноватор и талентиран музичар. Тој го создал првиот електронски инструмент – тереминот, што се свири без допирање: движењето на рацете низ воздухот околу антените ги контролира тоновите. Неговиот мистичен звук станал симбол за американските научно-фантастични филмови во 1950-те, најпознато во „Денот кога Земјата стоеше мирно“ (The Day the Earth Stood Still), од 1951 година, кој честопати се толкува како парабола за паранојата во студената војна.

По неговото откривање, „Нештото“ било чувано во строга тајност од американските служби. Но во мај 1960 година, кога американски шпионски авион U-2 беше соборен над Русија, Стејт департментот на САД јавно го изнесе Големиот печат на седница на Советот за безбедност на ОН за да покаже дека шпионажата во Студената војна не е еднострана. Според Џон Литл, тоа било толку срамно безбедносно пробивање, што требало да се собори авион за да излезе „Нештото“ конечно во јавноста.

Деталите за уредот потоа биле темелно проучени од британската контраразузнавачка служба, која му дала кодно име „SATYR“. Сите информации останале државна тајна сè до 1987 година, кога поранешниот безбедносен службеник Питер Рајт го открил ова во своите мемоари „Spycatcher“.

„Нештото“ ги фасцинира историчарите поради неверојатната техничка софистицираност за своето време и поради тоа што ја обликувало шпионажата во Студената војна. Но, исто така, открива и една мрачна историја на високата култура – надвор од оперските куќи и уметничките галерии – каде што класични музичари создаваат прислушкувачки уреди, а рачно изработени уметнички дела стануваат алатки за воено разузнавање.

Поврзани содржини