ТРЕБА ЛИ ВЕНКО МАРКОВСКИ ДА БИДЕ РЕХАБИЛИТИРАН? „Јас сум Македонец“, рекол поетот со несреќна судбина

„Венко Марковски и во периодот додека беше во партизани, и по него сѐ додека не се случи ова со него, создаде многу значајна патриотска поезија. Не е мое јас да ја ценам неговата литература, но не смеам да не спомнам дека Венко Марковски се покажа и како многу нестабилен човек. Во неговата поезија имаше контрадикции: во онаа што ја пишуваше на македонски јазик главно ја напаѓаше бугарштината, а во едно обемно дело од својот поетски опус што го напиша во Бугарија и на бугарски јазик под наслов ‘Преданија заветни“ ја возвеличи сета бугарска историја на начин со кој сакаше да каже дека ова сѐ што е кај нас и e наше е вештачка творба“, сведочи Крсте Црвенковски, поранешен прв човек на македонската Комунистичка партија. 

2,921

Желбите за рехабилитација на поетот Венко Маркоски на се нови, а добиваат на интензитет во последно време, откако Софија и Скопје ги отвораат жешките теми од т.н. заедничка историја. Нема дилеми дека Венко е голем поет и темата за  негова евентуална рехабилитација заслужува целосно внимание од македонската научна, но и општа јавност.

Крушевчанецот Љупчо Маркоски, за кого не ки е познато дали е во некаква роднинска врска со големиот пет (како што можеби сугерира презимето), на Фејсбук се огласи со пост, во кој објави слика на Венко Маркоски и напиша:






„Се уште не рехабилитиран, неговото име и по 30 години независност останува непознато во македонската литература и книжевност. Секој може да слави се што претпочитува, но не игнорирајте дека човекот на сликата е таткото на македонскиот литературен јазик и ликот кој ја состави прелиминарната азбука. Заврши како што завршија многу дејци!  Слава на Венко Марквски!“

Кој беше Венко Маркоски?

Не е сосема вистина дека името на Венко е непознато во македонската литература и книжевност, но вистина е дека недоволно се разговара за контроверзите и за сдубината на оваа личност. Инаку, на Википедија, на пример, може да се најде една прилично објективна и неутрална статија во врска со поетот, од која може да се соберат клучните факти за неговиот животопис и за неговото дело.

Според овој извор, Вениамин Миланов Тошев (Скопје, 5 март 1915 – Софија, 7 јануари 1988), познат под псевдонимот Венко Марковски, е македонски и бугарски поет, академик на БАН, драмски писатеl и еден од основоположниците на современата македонска книжевност.

Гимназија завршил во Скопје, а словенска филологија студирал во Софија. Бил член на Македонската литературна група основана во Скопје (1931) и на Македонскиот литературен кружок (1938-1941). Бил во затвор во Гонда Вода и Ениќоj (1941-1942). Учесник во НОБ, член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и делегат на Првото заседание на АСНОМ.

Во периодот 1944-1945 активно учествува во работата на трите комисии за нострификација на македонскиот литературен јазик. Буквата „Ъ“ (ер-голем), за која тој се бори да биде дел од македонската азбука, не се одобрува од ЦК на КПЈ.

Во 1948 година ја поддржува Резолуцијата на Информбирото. Во конфликтот со Тито е затворен во Идризово, а фамилијата му е интернирана во Кичево. На 17 март 1956 година, под името Вениамин Миланов Тошев, за поемата „Сувремени парадокси“, е осуден на петгодишна робија на Голи Оток, а во 1965 година оди на лекување и останува во Бугарија. Во 1968 син му Миле Марковски и неговата фамилија биле протерани од Македонија во Бугарија.

Во Бугарија Венко Марковски е примен за пратеник во Народното собрание, за член на Соjузот на бугарските писатели, за член на Бугарската акадeмија на науките. Има награди: „Херој на Бугарија“, „Херој на социјалистичкиот труд“, „Георги Димитров“ и други.

Поради творештвото на бугарски јазик, југословенските власти го прогласуваат за предавник на македонскиот народ. По 1975 бил обезбедуван од бугарските тајни служби, бидејќи имало информација дека му е загрозен животот од УДБА.

Никогаш не потпишал дека е Бугарин!

Според сведоштвото на композиторот Властимир Николовски, Венко на неговата сестра Дока во неговите предсмртни мигови, за неговата национална определба недвосмислено ѝ се обратил со зборовите: „ Јас сум Македонец, Македонија е моја земја и таа ќе живее! Никаде, во ниту еден документ јас не потпишав дека сум Бугарин“.

Дока го потврдила ставот на Венко ѝ во нејзиниот разговор со професорот Ѓорѓи Марјановиќ: „ Никогаш тој не се изјаснил за Бугарин! Никогаш! Па тој и се потсмеваше на Филимена, кога во Софија настојуваше да зборува бугарски! Што се мачиш, мори жено, зборувај си како што знаеш и умееш, велеше“.

Во „Народни бигори“ (1938) и „Огинот“, песните на Марковски се под влијание на народната песна и по карактер се љубовни песни, испреплетени со национално-ослободителни мотиви и национално-ослободителни песни. Подоцна, Марковски потпаднал под силно влијание на социјалистичкиот реализам и пишувал песни во социјал-реалистички стил посветени на Тито, додека бил на македонска страна, и некои песни посветени на Бугарската Комунистичка партија, откако преминал на бугарска страна.

Освен поезија, Марковски ги напишал историските книги „Преданија заветни“ (историјата на Бугарија од 681 до 9 септември 1944 година, во стихови), „Крвта вода не станува“ и други. Преданијата се издадени и на руски јазик во Москва во 1981.

Исцеден ко лимон и фрлен?

На постот на крушевчанецот Маркоски, се разви куса, но интересна полемика меѓу него и познатиот новинар Бошко Нацески. Пренесуваме дел од таа полемика.

Бошко Нацески:

„Самиот (Венко Маркоски) се осуди со тоа што на сопственото национално достоинство им го продаде на Бугарите. Во едно интервју за софиски весник 1981 година ќе изјави: ‘Јас сум потомок на старо бугарско семејство. Бугарија е сржта на моето творештво’. Во неговото дело ‘Преданија заветни’, посветено на 1300-годишнината од првата бугарска држава, излезено од печат 1981, се што е македонско побугарчува – историја, јазик, култура, фолклор… Дури и ќе напише: ‘И моја син убиха македонските поздгонци’. А неговиот син Миле Марковски, кој иако емигрира во Бугарија, никогаш официјално не се откажа од својата македонска национална припадност, всушност е упокоен во сомнителни околности, во автомобил кој удрил во трамвај во Софија. Венко е дел од македонската и бугарската литература, а твори и на српски јазик. Но, национално се декларира како Бугарин. За каква рехабилитација зборувате?“

Љупчо Маркоски:

„Ни Венко никогаш не се откажал. Блаже Ристовски во неколку наврати од нивните средби тоа го потврдува. Изјавите сум ги слушнал и нема да ги коментирам како се изнудени. Факт е дека е член на првиот президиум на АСНОМ, дел е од комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик, подоцна и повлечен по налог на Белград. Во неколку наврати е затворан, одреден период и во мое Крушево, каде напишал неколку песни. Последниот пат наводно по линија на Информбирото, меѓутоа позадината е нешто сосема различно, завршил на Гол Оток за стих од песната ‘Чудна е Македонија’. По одлежување на казната, во Македонија му претат со смртни закани, поради што бил принуден да ја напушти. Духот му го убиле во оваа држава! И покрај сето тоа, нема како да го оспориме фактот дека прв објавил книга на современ македонски јазик. Конески, Рацин и останатите се негови деца. Што би рекол еден наш премиер, кога забранетата историја ќе ја отвориме како пупка, ќе дојде на ред и рехабилитација на овој значаен лик“.

Бошко Нацески:

„Јас не ви напишав ништо напамет. Венко не е принудуван со ништо во Бугарија, туку дебело е наградуван. Беше пратеник, стана академик. Живееше во вила во ексклузивен кварт во Софија. Вие ги објаснувате нештата без факти. Како да биде рехабилитиран, кога самиот и тестаментално и во творештвото по 1966, себе си се декларира како Бугарин? Но, по неговата смрт, по падот на Живков, станува мета на критики во истата Бугарија, во која пред тоа е величан. Во 1946 година софиски ‘Партиздат’ ја издава збирката со наслов “Поети револуционери’. Во неа стои : “Венко е македонски и бугарски поет, кој твори на двата јазика, македонскиот и бугарскиот, а во еден период пишува поезија и на српски’. Тој факт и кај нас никој не го оспорува. Инаку, приказни се тие дека заминал во Бугарија зашто овде добивал смртни закани. Нему му беше легално дозволено да замине. Дури таа тема е допрена и на средбата на Живков со Крсте Црвенковски, на која Црвенковски заклучува – само немој после да ни го враќате. А не тврдам дека кај Венко, посебно по трагичната смрт на неговиот син во Софија, не се јавиле извесни морални колебања. Но, за тој вид емигранти важи правилото според кое имаат третман на лимон – додека има сок, го цедат, а потоа го фрлаат. Тоа се човечки и семејни трагедии“.

(Фотографија: Нова Македонија)

 

Тито и Крсте Црвенковски

 

КРСТЕ ЦРВЕНКОВСКИ ЗА „СЛУЧАЈОТ СО ВЕНКО“
Во книгата на Јован Филип „Подводни гребени на политиката: Разговори со Крсте Црвенковски“, има прашања кои се однесуваат и на Венко Маркоски. Пренесуваме дел од нив:
– Кои и какви беа околностите што го повлекоа Венко кон таква одлука? Дали тој беше врховистички настроен?
– Не. Мислам дека Венко Марковски во 1943 година отиде во партизани со искрена намера да им се посвети на борбата и на својата македонска нација. Во партизани дојде со целото семејство, со сопругата и со својот 5-6 годишен син. Тоа дете нѐ придружуваше и во партизанските походи. Венко дојде во партизани како позната личност. Особено беше познат во Бугарија, во средините на Македонците. За разлика од нас младите, кои во партизани отидовме како анонимни личности, Венко веќе беше оформен поет. На АСНОМ беше избран за член на Президиумот на ЦК. Одредено незадоволство тој почнува да пројавува дури по војната, значи во услови на слобода.
– Дали Венко по ослободувањето имаше привилегии онолку колку што во тоа време и во такви услови можеше да му ги оневозможи Македонија ?
– Мислам дека тој се чувствуваше навреден. Според мое длабоко мислење тој во основата со право беше навреден, затоа што не доби ниедна поистакната функција. Венко Марковски со своите квалитети тогаш навистина можеше да биде истакнат министер за култура на Македонија или пак за образование, па дури и потпретседател на Владата задолжен за овие сектори. Меѓутоа, не му се даде ништо, а навистина беше несфатливо амбициозен човек. Прашање е дали истово нe би можело да се каже и за оние дотогаш воопшто или недоволно познати луѓе што станаа и претседатели нa влади и министри и што сѐ не. Се зависи од кој агол сакаме да ги гледаме нештата. Ако се гледа објективно и ако се има предвид дека беше навреден, тогаш не треба да се коментира начинот на кој тој го пречека Информбирото, изјаснувајќи се за него. Што и како се случило тоа, тешко би можел да кажам. Можеби навистина нешто проговорил, но тогаш доволно беше само да кажете дека нашите направиле грешка што не отишле во Букурешт нa повик на советското раководство на состанокот на Коминформот, па да одите в затвор. Но, имаше и луѓе кои директно им служеа нa Русите и кои мораше да одат в затвор. Сега немам намера да говорам за сите глупости што се правени и за сите оние невидени психички и физички тортури над луѓето. А Венко Марковски и во периодот додека беше во партизани, и по него сѐ додека не се случи ова со него, создаде многу значајна патриотска поезија. Не е мое јас да ја ценам неговата литература, но не смеам да не спомнам дека Венко Марковски се покажа и како многу нестабилен човек. Во неговата поезија имаше контрадикции: во онаа што ја пишуваше на македонски јазик главно ја напаѓаше бугарштината, а во едно обемно дело од својот поетски опус што го напиша во Бугарија и на бугарски јазик под наслов „Преданија заветни“ ја возвеличи сета бугарска историја на начин со кој сакаше да каже дека ова сѐ што е кај нас и e наше е вештачка творба.
Да се вратам на неговото заминување во Бугарија. По година — две, кога Тодор Живков се враќаше од еден конгрес на Комунистичката партија на Унгaрија, наврати во Белград. Во Белиот Двор имаше средба со Тито на која присуствував и јас во својство нa раководител на Централниот комитет на Македонија. Toгаш Живков го праша Тито дали Венко може да ocтaнe во Бугарија. Тито му рече: „Не знам, еве ви го Црвенковски, co него согласете се“. Јас му реков на Живков дека може да остане само под еден услов: „До колку бара да оди натаму да го пуштите“. Тој ми се сврте и ми рече: „Како, мислите ќе сака да оди во Китај“? Ова го рече затоа што тогаш Венко беше напишал една песна, посветена нa Mao Це Тунг. И покрај тоа штo беше надарен за поезија, тој истовремено беше и голем стихоклепец. Во каков било момент можеше да напише песна и да му ја посвети некому! Му беше дозволено да остане таму. Мојот став секогаш беше јасен и јас сум го истакнал во неколку интервјуа во последно време: „Еден е односот спрема творештвото, а друг е оној спрема идеологијата и политиката нa поетот“. И Белински уште во минатиот век во Русија има речено, „секогаш делото треба да се брани и од самиот писател, a нe треба да се отфрла поради неговите гревови“. Така и ние нe можеме да ја отфрлиме поезијата на Венко напишана на македонски и да му препуштиме сета некому таму да ја толкува како бугарски дијалект. Ние мораме да си ја приопштиме кон нашата литературна и културна ризница.
Поврзани содржини