„ТРАМП СЕ КОЦКАШЕ И УСПЕА“ Дали политичкиот успех на американскиот претседател зависи од одржувањето на мирот меѓу Израел и Иран?

Нападот врз Иран ја отсликува лидерската стратегија на претседателот на САД, Доналд Трамп, во вториот мандат - носење смели и контроверзни одлуки, дури и без широка поддршка. Без потреба да се грижи за нов реизбор и со Конгрес под доминација на Републиканците, Трамп си обезбеди политички простор за дејствување, се наведува во анализата на Ал Џазира Балканс.

853

Американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш покажа подготвеност да преземе ризик во првите месеци од својот втор мандат, а воздушниот напад врз Иран би можел да се покаже како неговиот најопасен потег досега.

Според аналитичарите, политичката добивка за Трамп ќе зависи од тоа дали ќе успее да го стабилизира кревкиот мир меѓу Иран и Израел, се наведува во анализа објавена од Ал Џазира Балканс.






Експертите предупредуваат дека Трамп лесно може да ја изгуби контролата врз развојот на настаните. Засега, изгледа дека тој успеал да го ограничи американското учество и да ги натера двете страни да прифатат прекин на огнот.

– Се коцкаше и излезе како што сакаше – изјави извршниот директор за Блискиот Исток и за Северна Африка на Евроазија Груп, Фирас Максад.

Сепак, останува неизвесно дали примирјето ќе се одржи. Само неколку часа откако стапи на сила, Израел изврши напад врз Техеран, што предизвика фрустрација кај Трамп.

Ако договорот пропадне, Трамп ризикува поделба меѓу неговите поддржувачи

Ако договорот пропадне или Иран одговори со нови напади, Трамп ризикува да ја подели базата што го донесе назад на власт. Политичкиот аналитичар Крис Стиревалт предупредува дека ова може да има долгорочни последици.

– Ако за 6 месеци Иран сè уште биде проблем, тоа може да го разниша движењето МАГА – вели Стиревалт.

Тој додава дека Трамп веќе го нарушил оригиналниот концепт на движењето со вклучувањето на САД во уште еден конфликт на Блискиот Исток – нешто што претходно го отфрлаше.

Минатиот четврток Трамп изјави дека му требаат 2 недели за да реши дали САД ќе се вклучат, но само 2 дена подоцна нареди бомбардирање – што ги изненади многумина Американци.

Овој чекор може да создаде проблеми и за идни републикански кандидати кои ќе се обидат да ја наследат Трамповата политичка платформа. Според Стиревалт, до 2028 година прашањето за странски интервенции ќе биде клучен тест за автентичноста на МАГА-идентитетот.

Белата куќа му ја препушти на потпретседателот Џеј Ди Венс задачата да го оправда нападот врз Иран во неделните медиумски настапи.

Ако Иран се откаже од нуклеарната програма, Трамп ќе постигне голем дипломатски триумф

Сепак, ако Трамп успее да го натера Иран да се откаже од својата нуклеарна програма, тоа би било голем дипломатски триумф – особено во регион кој со децении ги оптоварува американските претседатели и ги вовлекува САД во скапи воени ангажмани.

Професорот Дејв Хопкинс од Бостонскиот колеџ нагласува дека Трамп не ја подготвил јавноста за нападот и не понудил убедливо објаснување зошто Иран е директна закана за САД.

– Нема широка дебата околу тоа дали Иран навистина претставува клучна закана – изјави Хопкинс.

„Одлуката на Трамп да нападне беше оправдана“

Според проценки од американскиот разузнавачки сектор, одлуката на Трамп да ги бомбардира трите ирански нуклеарни објекти веројатно беше оправдана и стратешки прецизна.

„Многумина предупредуваат дека САД ризикуваат широка и катастрофална војна, но тоа е далеку од најверојатното сценарио. Напротив, станува збор за ограничена операција со јасна цел – и според досегашните показатели, веројатно беше исправен потег од две главни причини“, анализираше по нападот на САД Емили Хардинг, заменичка претседателка на Одделот за одбрана и безбедност и директорка на Програмата за разузнавање, национална безбедност и технологии при американскиот тинк-тенк CSIS.

Првата причина, според Хардинг, е избегнување на најлошото сценарио – да се остави иранската нуклеарна програма само делумно оштетена.

„Го следам Иран повеќе од 20 години, и во целиот тој период режимот секогаш настојувал да напредува кон развој на нуклеарно оружје – дури и за време на Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA). Тоа е логичен чекор за Техеран – тие го сметаат нуклеарното оружје за крајно средство за одвраќање. И не грешат – доволно е да се погледне примерот со Северна Кореја или рамнотежата на стравот меѓу САД и СССР за време на Студената војна“, објаснува таа.

Хардинг додава дека Израел, кога ја започнал офанзивата, бил свесен дека уништувањето на нуклеарната програма мора да биде финалната цел – во спротивно, дека ќе се соочи со забрзано иранско трчање кон развој на нуклеарна бомба. Иако Израел тврдел дека сам може да ја доврши мисијата, вклучувањето на САД со потешко и прецизно оружје донело поголема сигурност дека ударот ќе биде ефективен и длабински, смета таа.

Втората причина за ограничениот, но симболично значаен напад, според Хардинг, е внимателната природа на иранското раководство.

„И покрај агресивната реторика, иранските водачи се рационални и внимателни – нивниот главен приоритет е опстанокот на режимот. Во самиот тек на конфликтот, ајатолахот Хамнеи дури го прескокна традиционалниот процес на избор на наследник и именуваше три имиња, што укажува на обид да се осигура стабилност по неговото заминување“, наведува таа.

Иако операцијата предизвика остри реакции и протести кај дел од американската јавност, примирјето што уследи неколку дена подоцна укажува дека нападот можеби ја исполнил својата примарна цел – да го забави иранскиот нуклеарен напредок и да го засили американскиот притисок во преговорите.

Во поширок контекст, овој потег совршено ја отсликува стратегијата на Трамп во неговиот втор мандат – носење смели и контроверзни одлуки, дури и без широка јавна поддршка. Со Конгрес под контрола на Републиканците и без потреба од нов реизбор, Трамп си обезбеди политички простор за еднострани и високоризични потези – каков што беше и овој, се посочува во анализата на Ал Џазира Балканс.

Поврзани содржини