ТОЛКУ БЛИЗУ ДО ВОЈНА НЕ СМЕ БИЛЕ ОД РАСПАДОТ НА СФРЈ Путин праќа трупи во Белорусија, Британците ја вооружуваат Украина

Мислам дека рускиот претседател Владимир Путин ја направи најголемата грешка во својата кариера потценувајќи колку храбро народот на Украина ќе се бори против него ако тој изврши инвазија, им рече на новинарите американскиот сенатор Ричард Блументал.

1,431

„Европа олку блиску до војна не била од распадот на Југославија“.

Со вакви зборови се изразил висок дипломат на ЕУ за состојбата во Украина, зборувајќи со Катја Адлер, новинарка на Би-Би-Си. Дека Европа се спрема за можен конфликт говорат и новите распоредувања на војници. Шведска испрати стотина свои војници на балтичкиот остров Готланд, а Финска рамизслува да му се приклучи на НАТО. Путин не губи време и го проширува својот фронт во Белорусија, а Британците возвраќаат со тоа што Украина ќе ја опремат со противтенковски систем со краток дострел.






И Германците не останаа покусо. Новата министерска за надворешни работи Аналена Баербок, вчера го посети Киев велејќи дека окупацијата на Украина може да има „екстремни последици“ за Русија. Екстремните последици, како што ги сфаќа Западот, можат да бидат и укинувањето на свифт-плаќањето во банките со што Русија ќе биде економски отсечена, но истите можат да се претворат и во кошмар за Европа, која нема да има како да го плаќа рускиот гас.

Полјаците се исплашени. Тие веќе имаа хибридна војна со мигранти на белоруската граница. Нивниот премиер Матеуш Моравјецки лани за Би-Би-Си изјави дека Западот мора да се разбуди од геополитичката дремка кога станува збор за намерите на Москва. Тој додаде дека земјите дури сега конечно се разбудиле „од мирисот на многу јако кафе“.

фото: твитер/принтскрин

Путин ја направи најголемата грешка во кариерата

Сега, кога јакото кафе ги разбуди НАТО-сојузниците, група сенатори од САД ѝ ветија оружје на Украина за време на посетата на Киев. Голем број Украинци веќе се подготвуваат за мобилизација или пак самите се мобилизираат во случај на евентуална окупација.

– Мислам дека рускиот претседател Владимир Путин ја направи најголемата грешка во својата кариера потценувајќи колку храбро народот на Украина ќе се бори против него ако тој изврши инвазија – им рече на новинарите американскиот сенатор Ричард Блументал и додаде:

– Ќе воведеме сериозни економски санкции, но уште поважно, ќе му дадеме на народот на Украина оружје, смртоносно оружје што му е потребно за да ги брани своите животи – рече тој по средбата на делегацијата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Но, колку оружје навистина ќе обезбедат Американците? Тоа оружје може да вклучува противтенковски проектили Javelin, ракети Стингер, мало оружје и чамци, изјавил сенаторот. Од другата страна на границата, Русија веќе има над 100.000 војници и опрема, иако Москва тврди дека окупација не е во план.

Москва ќе го повтори инцидентот од 2014 година

Меѓутоа, американските власти тврдат дека Москва е подготвена да го повтори инцидентот од 2014 година, кога ги обвини украинските власти за злоупотреба по истиот модел и го анектираше Крим. Тоа е територија на која мнозинството од населението зборува руски, а на референдумот кој западните земји го прогласија за нелегален граѓаните се изјаснија Крим да стане руска територија. Потоа следеше конфликт во кој загинаа илјадници луѓе.

Западот сега се подготвува за следната епизода од овој најнов конфликт, заклучува Би-Би-Си.

Британија испраќа „лесно“ оружје во Украина

Бен Валас, британскиот министер за одбрана со зборовите „ќе има последици“, како во ракавици да ѝ објави војна на Русија, доколку нешто се случи во Украина. Британија веќе реши да ја вооружи Украина, но не е позната бројката на новите „лесни противтенковски одбранбени системи“.

– Овие системи се со краток дострел … меѓутоа … ако тенковите влезат во Украина, извршат инвазија, тоа оружје ќе биде дел од самоодбраната – се обрати Валас во британскиот парламент, додавајќи дека мал број Британци ќе ги обучуваат Украинците да ракуваат со новото оружје.

Валас, исто така, рече дека го поканил рускиот колега Сергеј Шојгу да го посети Лондон во наредните недели за да разговара за кризата, но не знае дали поканата ќе биде прифатена.

– Сегашниот јаз е голем, но не е несовладлив. Сè уште се надевам дека дипломатијата ќе надвладее. Изборот е на претседателот Путин – рече тој.

Русија ќе вежба „Обединета одлучност“ со Белорусија

Изборот на Владимир Путин можеби не е војна, но сигурно е проширување на моќта и нејзино покажување и изложување на границите со Западот. Најновата вест, дека руски сили пристигнуваат во Белорусија со специјални возови за заедничката вежба „Обединета одлучност“ ги разбранува светските медиуми. Според официјален Минск, вежбата треба да започне во февруари, објави Гардијан.

Воените аналитичари сметаат дека Москва би можела да испрати свои сили во Украина преку територијата на Белорусија, што би значело војна на два фронта. Вежбите треба да се одржат во близина на белоруската граница Литванија и со Полска, а дел од воените „игри“ ќе се одржат во близина на границата со Украина.

Истовремено, од Русија пристигнуваат извештаи за испраќање дополнителна опрема, вклучувајќи тенкови и балистички ракети со краток дострел, на руско-украинската граница. Дури и без војна, вооружувањето мора да продолжи.

Поврзани содржини