ТЕЖОК УДАР ВРЗ ПЛЕНКОВИЌ, НА ПОВИДОК ПОДЕЛБИ ВО ХДЗ Хрватска по триумфот на претседателот Зоран Милановиќ
Поразот на Драган Приморац, кандидатот на ХДЗ, покажа дека хрватските избирачи не се импресионирани од обвинувањата дека Милановиќ бил „проруска марионета“. Хрватска е земја со највисока инфлација во еврозоната и со висока корупција и тоа е она што ги загрижува Хрватите.
Победата на Зоран Милановиќ на претседателските избори во Хрватска предизвика значајни реакции и анализи во медиумите и во политичките кругови во оваа земја, но и во светот. Претседателските избори, кои завршија со убедлива победа на Милановиќ над кандидатот поддржан од ХДЗ, Драган Приморац, се толкуваат како голем удар за владејачката партија и за премиерот Андреј Пленковиќ.
Хрватска има највисока стапка на инфлација во еврозоната и висока корупција
Медиумите во светот оценија дека тешкиот пораз на Приморац е сериозен удар за ХДЗ и за премиерот Пленковиќ. Новинската агенција АФП забележа дека резултатите од изборите се уште еден удар за Пленковиќ по последниот корупциски скандал во ноември (аферата „Берош“).
Приморац, кој честопати го критикуваше Милановиќ како „проруска марионета“ и го обвинуваше дека „ја поткопува веродостојноста на Хрватска во ЕУ и НАТО“, не успеа да ги убеди гласачите. Од друга страна, Милановиќ, кој јавно ја осуди руската инвазија на Украина, честопати го критикуваше Западот за воената поддршка на Киев. Неговиот став против мисијата на хрватските војници за обука на украинските војници во Германија беше исто така предмет на дебата.
АФП истакна дека „ЕУ-членката Хрватска, со своите 3,8 милиони жители, се бори со моментално највисоката стапка на инфлација во еврозоната, како и со раширената корупција и недостигот од стручна работна сила“.
Кога ќе изгубиш и во својата улица…
Во вториот круг од изборите, Милановиќ освои убедливи 74,68% од гласовите, додека Приморац доби само 25,32%. Во првиот круг, резултатите беа значително порамномерни, но сепак во корист на Милановиќ.
Катастрофата на Приморац се гледа и во тоа што во улицата во Сплит каде што тој долго време живеел, противкандидатот Милановиќ доби 322 гласа, а Приморац само 69. Слична ситуација се забележува и на други избирачки места во овој град. Во улицата каде што е станот што го купила неговата мајка со попуст, Приморац освоил само 26 гласа, наспроти 188 за Милановиќ.
На Пленковиќ му се виновни и медиумите
По поразот, премиерот Пленковиќ изјави дека ги прима на знаење резултатите од изборите и дека партијата ќе се насочи кон подготовка за претстојните локални избори.
„Јасно е дека не сме задоволни со резултатите, но ги анализиравме и извлековме поуки“, изјави Пленковиќ, додавајќи дека владата ќе продолжи да се фокусира на клучните теми за граѓаните, вклучувајќи економски и безбедносни предизвици.
Пленковиќ ги обвини Милановиќ и неговата кампања за „манипулација со јавноста“, особено околу прашањето за испраќање хрватски војници во Украина, што, според него, било „бесрамна лага“. Исто така, тој го критикуваше Милановиќ за тоа што никогаш не им честитал на изборни победи на неговите претходници, вклучувајќи го и него.
Не мислат во ХДЗ сите како Пленковиќ
Иако официјалниот став на ХДЗ е да не му се честита на Милановиќ и да не присуствува на неговата инаугурација, неколку членови на партијата, како Јаков Ветма и Томислав Шута, сепак му ја честитаа победата.
„Јасно е дека Милановиќ не е претседателот што лично сакам да не претставува во светот, но целосно го почитувам изборот на хрватските граѓани и му честитам на победникот. Ние, кои се залагаме за многу потребната промена во Сплит, целосно ни е јасно што треба да направиме за да ја постигнеме“, изјави Томислав Шута, претседател на ХДЗ vo Сплит и нивен кандидат за градоначалник.
Овие потези предизвикаа критики од Пленковиќ, кој ги повика сите членови да ги следат партиските насоки. „Тоа се луѓе од локално ниво, кои очигледно не го следат партискиот став“, изјави Пленковиќ.
Хрватска ги менува своите приоритети
Победата на Милановиќ ја зацврсти неговата позиција и ја отвори вратата за нови предизвици на релацијата претседател – влада. Аналитичарите очекуваат тензична кохабитација меѓу Милановиќ и Пленковиќ, особено во однос на надворешната политика и односите со ЕУ и НАТО.
Јасно е дека оваа изборна победа не само што го рефлектира незадоволството на гласачите, туку и сигнализира промени во политичките приоритети на Хрватска.