„ТЕ БАКНУВА ПРВИОТ И ПОСЛЕДЕН ГЕМИЏИЈА“ Орце Поп Јорданов ја минираше Отоманската банка во Солун

Орце Поп Јорданов е водачот на славната група на „Гемиџиите“, или „Солунските атентатори“, кој загинува херојски на 30 април 1903, во куќата во која живеел, фрлајќи ги последните бомби врз турските војници, кои го држеле под опсада. Претходно тој ја минира Отоманската банка во Солун и на 29 април 1903 го активирал динамитот во прокопаниот тунел и ја кренал во воздух Отоманската банка. Потоа фрлал бомби пред хотелот „Салоник“.

3,631

„Чувствував дека немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, туку на делото, кое што беше цел и смисла на мојот живот. Да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана Македонија. Да умрам е за мене врховна повелба на мојата совест. Со мојата смрт ќе им го фрлам на непријателите, на поробувачите на мојата татковина, мојот безграничен презир. Те прегрнува и те бакнува првиот и последен од гемиџиите, од самооткажаните.“

Овие возвишени зборови на гемиџијата Орце Поп Јорданов – Орцето се дел од писмото, кое тој ѝ го испратил на неговата сакана Кате пред неговата смрт.






„Сакам и со својата смрт да бидам во полза на делото – ослободувањето на нашата скапа и сакана Македонија“

Орце Поп Јорданов е водачот на славната група на „Гемиџиите“, или „Солунските атентатори“, кој загинува херојски на 30 април 1903, во куќата во која живеел, фрлајќи ги последните бомби врз турските војници, кои го држеле под опсада. Претходно тој ја минира Отоманската банка во Солун и на 29 април 1903 го активирал динамитот во прокопаниот тунел и ја кренал во воздух Отоманската банка. Потоа фрлал бомби пред хотелот „Салоник“.

Орцето сакал и со својата смрт сакал да биде корисен за револуционерното дело и својата татковина Македонија. Непосредно пред Солунските атентати се осигурил во друштвото Њујорк на 10 илјади франци на име на Симеон Радев. Орцето го замолил Симеон Радев тие пари по неговата смрт да му ги предаде на Борис Сарафов, затоа што тој им дал 10.000 франци на гемиџиите и ги помагал на разни начини.

Во писмото до Радев, тој истакнал:

„Пред неколку месеци се осигурив на 10.000 франци, која сума по мојата смрт ќе ти биде исплатена. Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија.“

Солунските атентати се низа бомбашки напади во Солун, извршени од 28 април до 1 мај 1903 година од страна на Гемиџиите, анархистичка револуционерна група од Велес. Целта на овие напади била да се нападне најзначајниот европски град во Османлиското Царство, за да се привлече вниманието на големите сили врз македонското прашање. Во изведувањето на Солунските атентати учествувале десетмина гемиџии: Јордан Поп Јорданов – Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов и Цветко Трајков.

Не можејќи да го поднесат страдањето на својот народ од турската тиранија, Гемиџиите решаваат да преземат дејства, преку кои ќе го актуелизираат македонското прашање во Европа. Со таа цел решаваат да извршат напади врз објекти на европскиот капитал во Турција, а по можност и да се всеат колку е можно повеќе хаос во Солун преку напади врз државни објекти. Гемиџиите сметале дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и дека преку нивните поединечни акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната

Гемиџиите се стремеле да извршат редица атентати врз железничките линии, турските достоинственици и европските банкарски институции. Преку овие терористички акции се надевале дека ќе предизвикаат интервенција на големите европски сили заради автономија за Македонија.

На 28 април во близина на солунското пристаниште Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени. Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул-Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан хаос во железничкиот сообраќај.

На 29 април вечерта и Константин Кирков поставува 2 кг динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град е во темница и без вода. Во целиот град владее паника, хаос и страв. Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, врз Отоманската банка се фрлени две бомби, по што Јордан Поп Јорданов – Орцето го активира експлозивот, кој уништува поголем дел од зградата на банката.

Во истото време на повеќе локации во Солун гемиџиите фрлаат бомби: Милан Арсов фрла бомба во летниот театар Алхамбра, Илија Трчков фрла две бомби на главната улица, Димитар Мечев фрла две бомби пред хотелот Египет, Константин Кирков фрла бомба пред Гранд хотелот, а Георги Богданов пред кафеаната Ноја. Владимир Пингов предизвикува пожар кај „Бошњак-ан, а потоа фрла бомба пред вратата на Топхането (турската државна управа), каде што е застрелан од војници.

По овие акции Мечев и Трчков се вратиле во својот стан и од таму почнале да фрлаат бомби врз турската војска. Откако фрлиле 50-60 бомби, се самоубиле, за да не бидат фатени од турските власти. На 30 април во борба со турската војска и полиција загинува и Јордан Поп Јорданов. На 1 мај се извршуваат две неуспешни акции. Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенска станица, но е убиен од стражарот. Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми паша. Откако не успева, Трајков се самоубива, активирајќи бомба.

Гемиџиите успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција на своето време. Нивниот план бил успешно извршен. Сите дипломатски претставници во Солун ги известиле своите влади за солунските настани. Во битка со војската и полицијата се убиени шестмина од гемиџиите: Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Уапсени се четворица: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие прво се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Либија).

„Тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, за да станат првите светци на македонската револуција…“

Во 1923 година Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“ запишал: „…великите македонски покојници во Солун беа се заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на Идејата, но не и на славата. Таму, во урнатините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни. … Од моментот кога Орце го запали фитиљот во Отоманската банка – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската осветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да станат првите светци на македонската револуција…“

„Македонскиот идеал во лицето на Солунските атентатори беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата… Тешко ќе биде за историчарите да определи кое од двете собитија – Солунските атентати, или Илинденското востание – било позначајно, што било повеличествено: дали примерот на личната бестрашност, или системската подготовка на масите за револуцијата. И ако Илинденското востание донесе едно самоосознание на македонските маси, Солунските атентати се оној поттик, кој што го создава македонскиот идол на револуцијата, на кого ќе му се восхитуваат вековите… Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија.“ – истакнува Павел Шатев во „Освртот по повод Солунските атентати“.

Поврзани содржини