ТАТКОТО НА МИРЧЕ АЦЕВ МОЛЕЛ ЗА ИЛИНДЕНСКА ПЕНЗИЈА Фамилијата на илинденци и партизани доживеала голгота

Освен што бил учесник во Илинденското востание, Дончо Ацев е татко на познатиот народен херој Мирце Ацев. Прадедоот на Дончо, Симон, своевремено го изгонил турскиот паша - тиранин, со што селаните од Ореовец си ја вратиле земјата во свој посед. Синот-единец на Симон, Аџи-Костадин, како ајдук бил убиен од Отоманците, а еден од неговите синови, пак, Аце - како трговец бил ограбен и убиен од турски арамии-платеници.

182

Во јули 1946 година, властите во НР Македонија донеле Закон за илинденски пензии, со којшто биле опфатени прво околу 1.800 лица, а кратко потоа тој број се спуштил на околу 1.270 ветерани кои биле вклучени во македонските националнореволуционерни борби од илинденскиот и од предилинденскиот период.

Во првите години од постоењето на современата македонска држава, неколку илјади луѓе, барајќи илинденска пензија, ги раскажале своите животни приказни… Овие документи се непроценливо значаен извор, прво – за македонската национална историја, и второ – за животната драма на засегнатите луѓе.






Истражувачот Кочо Топузоски, во својата книга „Ветераните на Илинден“ (изд. „Панили“, Скопје, 2017), пренесува дел од тие документи.

Меѓу сите овие ветерани е и Дончо Ацев Симоноски од село Ореовец, Прилепско. Тој бил од познатото прилепско бунтовно и револуционерно семејство Ацеви – татко на познатиот македонски национален херој од Втората светска војна, партизанот Мирче Ацев. Дончо е познат како правнук на месниот херој Симон, кој своевремено го изгонил турскиот паша – тиранин, со што селаните од Ореовец си ја вратиле земјата во свој посед. Синот-единец на Симон, Аџи-Костадин, како ајдук бил убиен од Отоманците, а еден од неговите синови, пак, Аце – како трговец бил ограбен и убиен од турски арамии-платеници.

Аце имал шест сина и три ќерки: Мирче, Илија, Дончо, Петар (Петре), Ордан, Ѓорѓи (Гога), Ануша, Султана и Анастасија. По смртта на татко сѝ, Мирче, Илија, Петре и Анастасија, не можејќи да се прехранат – во различни временски периоди, неколкупати одат на печалба во Бугарија.

Молбата за илинденска пензија на тогаш речиси 80-годишниот Дончо е архивирана во телата на прилепската локална власт во 1951 година. Тука, Дончо истакнува дека бил учесник во Илинденското востание во 1903 година.

Со молбата, приложена е и негова биографија напишана од двајца соборци од Илинденското востание, како што вели Дончо во молбата. На почетокот на биографијата се наведува:

„Роден 1872 година, во село Ореовец, околија Прилепска, сега постојано место на жителство – с. Ореовец. Земјата (на Дончо, н.з.) од 200 декара, се наоѓа во СРЗ (Сојуз на работнички задруги). Семејството му се состои од 3 члена, од кои еден е работоспособен.“

– Јас почнав да работам во организацијата уште во 1895 година. Мене ме организираше мојот брат Мирче Ацев војвода, а потоа и Петре Ацев. Мојата работа прво се состоеше во тоа што уште во 1895. отидов (како) четник во четата (на) војводата Мутафов – раскажува Дончо во својот животопис.

Тука се говори за бугарскиот поручник Васил Мутафов, кој со свои 160 борци и востаници учествувал во Мелничките четнички акции на Македонскиот комитет во 1895., а загинал на 7 јули истата година, кај селото Дебочица, Горноџумајско. Дончо Ацев раскажува како потоа влегол во Прилепската чета на Гоце Делчев, а по нејзиното растурање, се вратил дома во Прилепско, каде што дејствувал како началник на селската милиција на ВМРО.

– Мојот брат Мирче падна убиен во село Уланци, Кавадаречко, во 1900 година, но пред тоа дојде брат ми Петре Ацев и истепаа многу Турци. После смртта на Мирчета, Петре и Гоце Делчев дојдоа кај мене и пак излегоа (како) војводи, а јас паднав в затвор. Во 1902 година бев пуштен од затвор по амнестија, а бев осуден на 4 години. Штом се прибрав в село, уште вечерта брат ми Петре дојде со четата од 40 души и одма ме зеде со него. Постојано бев во неговата чета, а мојата чета беше организирана уште пред да влезам во затвор – се присеќа Дончо.

Во 1903 година се движел низ Ореовец и околните села – Лениште, Плетвар, Крстец и Присат. Пред востанието, се планирал напад на турска единица кај местото Долна Каменица, но не дошле доволно комити и немало доволно оружје.

– Чета водев и (имав) борби со Турците сѐ до 1905 година… Амнестијата (мисли на преминувањето во легална дејност по Младотурската револуција, 1908., н.з.) се даде само за простите четници, а за војводите – не… Отидов во Бугарија, а оттука во Америка каде останав до 1910 година, а после си дојдов во моето село Ореовец, па тогашната власт ме стави под надзор. После доаѓањето на Србите – тие ме забркаа, но јас бегав – продолжува Дончо.

Во Кралска Југославија, вели, „живеел дома“, т.е. останал неактивен револуционер и се занимавал со земјоделство. Токму во тоа време, според истражувачот Коце Солунски, Дончо се оженил со Пара, со која имал 4 ќерки и 3 сина. Семејството било релативно имотно, а имале и куќа во Прилеп. После четирите девојчиња, во 1915. се родил и најстариот од нивните синови, славниот Мирче Ацев.

– За време на окупацијата на Бугарите, ми загинаа два сина – Мирче Ацев и Димче Ацев. Јас бев постојано под надзор, ме интернираа заедно со жена ми, и така – постојано на маки. Никаква помош како илинденец немам добиено ниту во бивша Југославија, ниту пак, во (бугарската) окупација, но само маки и мачење – подвлекува Дончо.

Тој ја завршува својата биографија со потпис. Инаку, овој малку познат македонски војвода поднел две молби за илинденска пензија – првата била одбиена, но жалбата од 1948 година му е уважена, а и втората молба потоа му е прифатена. Според истражувачот Топузоски, по жалбата од 1948., Дончо земал пензија од 1.500 динари – само половина од тогашниот максимум. По молбата од 1951., износот му е зголемен, но повторно, не земал максимални, тогаш – 8.000 динари. Топузоски укажува дека тоа е понижување за овој илинденец.

„Зошто е тоа така, не може ниту да се претпоставува, зашто Дончо Ацев Симоноски не само што лично имал значајно учество во илинденскиот и предилинденскиот период, туку и тројца од неговите браќа како војводи загинале во националнореволуционерните борби. Покрај тоа, двајца негови синови загинале во НОВ (Народноослободителната војсна, н.з.)… Сѐ што е машко од семејството Ацеви загинува во борбите за ослободување – од почетокот до средината на 20. век“, нагласува Топузоски.

Синот на Дончо, Мирче Ацев (крстен по неговиот чичко) е меѓу првите прогласени Народни херои. Топузоски нагласува дека овој однос на властите кон Дончо, зачудува, бидејќи новата народна власт – тогаш, на почетокот, сите свои принципи ги градела врз основа на илинденските револуционерни традиции.

Истражувачот го посочува и податокот дека Дончо поседувал 200 декари обработливо земјиште коешто ѝ го отстапил на раната тнр. „колективизација“, т.е. на Сојузот на работнички задруги.

Овој податок можеби е во линија со наводите на истражувачот Солунски, кој вели дека семејството на Дончо не било сиромашно, па можеби и затоа тој добил пониска пензија од други свои илинденски соборци.

Поврзани содржини