ТАЈНИТЕ СОСТОЈКИ НА УРБАНОТО СКОПЈЕ Калина Малеска е неуморен раскажувачки маратонец
Длабоката искреност на авторката и совршената дистанца од себе се тајните состојки на Малеска кои ѝ ја овозможуваат потребната самокритичност и водат кон оригиналната духовитост со која нејзините јунаци ги надминуваат сите животни ситуации.
Да се погледне на животот од неговата ведра страна дури и кога тој ви задава удари и ве доведува во надреални ситуации е вештината која ја негува писателката Калина Малеска и во својата четврта збирка раскази „Скопје во високата зона“, во издание на „Или-или“ (2021), која беше промовирана деновиве.
Малеска е доверлив сведок на животот во градот и на сето она што значи урбано живеење – од еден искривен и избледен графит, преку недостигот на вода во висококатниците, проблемите на јавниот превоз, соживотот, полумаратонот, до социјалните мрежи и општествените прилагодувања.
Длабоката искреност на авторката и совршената дистанца од себе се тајните состојки на Малеска кои ѝ ја овозможуваат потребната самокритичност и водат кон оригиналната духовитост со која нејзините јунаци ги надминуваат сите животни ситуации.
Расказите се поделени во четири циклуси/зони кои претставуваат времеплов низ минатиот, сегашниот и животот во иднината во Скопје. Тие сведочат за промените на животните навики кај луѓето, за промените во говорот, во секојдневните ритуали, во погледот кон светот кој се менува под притисокот на модерната технологија.
Додека може да се рече дека урбаното секојдневие е мотив кој се провлекува во сите раскази, тие се различни по структура, содржат реални или надреални моменти, се инспирирани од лични доживувања, мигови на проблесоци и спознавања, очудување и помирување со апсурдот.
Малеска е неуморен раскажувачки маратонец. Таа тоа и го пресликува во расказот „Прекини – преточувања“, каде вели дека прекините како мерењето температура на детето и преточувањата/повторното нурнување во приказната, им даваат сила на книгите, живост на ликовите и веродостојност на заплетите.
Збирката „Скопје во високата зона“ е доказ дека инспирацијата е насекаде и дека од секоја случка може да се извлече поука, но и да се врами добар расказ, како што тоа спонтано го прават љубопитните познавачи на животот и вистинските мајстори на перото.