СВИНСКО НИКОЈ НЕ САКА НИ ДА ДОПРЕ! Србија на мака поради свинската африканска чума
Иако оваа болест нема влијание врз луѓето, никој не сака да јаде свинско месо. Ова е најпечатливо на српските свадби што се прават летово, се жалат угостителите.
Свинската африканската чума го десеткува бројот на овој добиток во Србија која се соочува со сериозни проблеми поради ширењето на болеста на свињите.
Иако оваа болест нема влијание врз луѓето, никој не сака да јаде свинско месо. Ова е најпечатливо на српските свадби што се прават летово.
Угостителите велат, свинско никој не сака ни да допре, фрламе по 30 килограми свинско печење.
– Кога келнерот го носи на маса, сите прво прашуваат дали е свинско или јагнешко. Постарите уште знаат како, но помладите само се гледаат, никој не го зема. Полни овали со свинско печење стојат по масите – раскажува еден белграѓанец за српските медиуми.
Дека навистина е така потврдува и сопственичка на ресторан кој организира и свадби.
– Фрливме 30 килограми печење. Сега им се јавуваме на младенците да им понудиме да земат само јагнешко за гостите да не гладуваат. Сѐ што послужуваме помина контрола, има печат, но луѓето се плашат – вели српската угостителка.
Од српската Управа за ветеринарство појаснуваат дека африканската свинска чума е вирусна, многу опасна заразна болест за која нема вакцина, но ги напаѓа само свињите и дивите свињи и не претставува опасност за луѓето кои можат да консумираат свинско месо во регистрирани објекти кои се под надзор на ветеринарната инспекција. Но, сепак, човекот може да биде преносител на болеста и тоа го зголемува стравот и претпазливоста кога се косумира месо.
Од Сточарското здружение на Стопанската комора на Србија посочуваат дека африканската свинска чума донесе бројни проблеми и дека прашање е што ќе биде со цената на свинското месо и со бројот на свињите на српските фарми.
Поради ширењето на свинската африканска чума во Србија досега се еутанизирани околу 18.000 свињи.