СУДАНСКИОТ КОЛАПС ГО ОСТАВА СВЕТОТ БЕЗ ЕДЕН МНОГУ ВАЖЕН ПРОИЗВОД Дали знаете од што стравуваат заедно Coca-Cola, M&M’s и фармацевтските компании?
Ако хаосот во Судан продолжи уште неколку месеци, ќе бидат сите што пијат газирани пијалаци, сите што земаат лекови, сите што ставаат креми на лицето.
Судан, повеќедеценискиот најголем производител на гума арабика во светот, се соочува со длабока индустриска криза поради жестокиот судир меѓу војската и паравоените сили. Овој природен засилувач, кој се користи во газирани пијалаци како Coca-Cola, во слатки како M&M’s, во фармацевтски таблети и дури во паста за заби, денес е заложник на хаосот што ја преплави земјата.
Во репортажите на Ал Џезира производителите предупредуваат дека пристапот до насадите е речиси невозможен.
– Нашите дрвја стојат сами во пустината – ниту можеме да стигнеме до нив, ниту сме сигурни дека ќе се вратиме живи – вели Ахмед, земјоделец од регионот Кордофан.
Неговата приказна ја отсликува колективната неизвесност на илјадници семејства кои живеат од бербата на акација.
Цените паѓаат, складиштата празни
Цените на гумата арабика на локалниот пазар се вртоглаво паѓаат, не поради вишок, туку поради ризик. Трговците се плашат да купуваат или да складираат.
– Никој не сака да преземе товар што не знае дали ќе може да го извезе – вели еден трговец од Картум.
Извозните канали се нарушени, камионите ретко се движат, а складиштата често се празни.
Гума арабиката е незаменлива во глобалната индустрија затоа што делува како природен стабилизатор – состојките во пијалаците остануваат разредени рамномерно, чоколадните премази не се распаѓаат, а таблетите се раствораат предвидливо. Таа е буквално лепакот што ги држи заедно многу производи од секојдневието.
Во фармацевтската индустрија се користи за капсули што се распаѓаат на точно одреден начин во организмот. Во козметиката помага во создавање на креми и серуми со стабилна текстура. Затоа големите компании внимателно ја следат ситуацијата. Еден западен снабдувач за Ал Џезира изјавил дека „нема вистинска замена со ист квалитет” и дека долготрајно нарушување во Судан може да ги засегне глобалните синџири.
Судан доминантен играч на пазарот
И покрај тоа што Чад, Нигер и некои земји во Саел се обидуваат да го зголемат производството, нивниот капацитет е далеку од доволен да го надополни губитокот. Над 70% од светската варијанта на високо квалитетната гума арабика потекнува од суданската акација сенегал. Тоа го прави Судан доминантен играч без кој глобалните корпорации речиси не можат да функционираат.
Судирот има и директни последици по луѓето. Многу мали рурални заедници зависат само од бербата и продажбата на гума арабика.
– Ова не е само производ – ова е нашата економија. Ако паднеме ние, ќе падне цела заедница – вели Самра, жена која повеќе од 20 години собира смола од акација. Раселувањето, гладот и сиромаштијата се закануваат да станат новата нормала.
Хуманитарните организации предупредуваат дека доколку дрвјата не се одржуваат, приносите ќе опаднат со години. Акацијата е издржлива, но не е вечна. Ако бербата стане невозможна, насадите ќе се запустат, што значи и долгорочна штета за индустријата и за околните екосистеми.
Последиците ќе ги почувствуваат сите
Меѓународната заедница сè уште нема пронајдено механизам за безбеден економски коридор што ќе ги заштити бербата и транспортот. За производителите тоа е знак дека кризата допрва ќе се продлабочува.
– Ако ова продолжи уште неколку месеци, светот ќе почувствува – вели еден судански извозник. – Не зборуваме само за Судан – зборуваме за сите што пијат газирани пијалаци, сите што земаат лекови, сите што ставаат крем на лицето.
Ситуацијата со гума арабиката станува мрачен симбол на пошироката суданска трагедија: земја што го снабдува светот со клучна суровина денес не може да обезбеди ниту стабилен приход за сопствените граѓани. А ако војната продолжи, последиците ќе ги почувствуваат и милиони потрошувачи низ целиот свет, без воопшто да знаат што ги поврзува нивните омилени производи со суданската пустина.