СТИГМАТА СЀ УШТЕ ИМА ГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТОТ НА ЛУЃЕТО СО ХИВ Здружението „Заедно посилни“ го одбележува Светскиот ден на СИДА
Една од главните пречки во успешното справување со ХИВ-инфекцијата претставува сè уште распространетата стигма. Во текот на 2022 година, Здружението „Заедно посилни“ документирало 4 случаи на одбивање на здравствена услуга на пациенти поради тоа што се ХИВ-позитивни и 3 случаи во кои им била повредена доверливоста на медицинските податоци.
Денес е Светскиот ден на СИДА, денот кога ги одбележуваме солидарноста со луѓето што живеат со ХИВ и здружените напори на светот за ставање крај на оваа епидемија.
ХИВ-инфекцијата е една од сè уште активните пандемии, но светот бележи значителен напредок во намалувањето на бројот на нови инфекции и бројот на смртни случаи поради СИДА. Денес, 41 година откако беа документирани првите случаи на ХИВ-инфекција, со сигурност знаеме дека е возможно да се стави крај на епидемијата на овој вирус, а тоа е прифатено и како глобална политичка цел до 2030 година.
Македонија, како и другите земји, има преземено меѓународни обврски да инвестира во справувањето со епидемијата на ХИВ, во согласност со Декларацијата за ХИВ и СИДА на Генералното собрание на Обединетите нации од 2021 година, како и со Акциските планови на Светската здравствена организација за ставање крај на ХИВ, вирусните хепатити и сексуално преносливите инфекции до 2030 година.
Државата, велат од здружението „Заедно посилни“, има одговорност да вложи во докажаните мерки што ќе придонесат за намалување на бројот на нови инфекции и конечно ставање крај на оваа епидемија.
Мерките вклучуваат: широка достапност на бесплатно ХИВ-тестирање, достапност на можноста за самотестирање за ХИВ, услуги за сексуално здравје ослободени од стигма, обезбедување средства за превенција, како кондоми и лубриканти, предекспозициска профилакса и стерилен прибор за инјектирање, подигнување на свесноста, како и сексуално образование прилагодено на возраста. Во нудењето на овие услуги неизбежно е партнерството со граѓанскиот сектор и организациите на засегнатите заедници, кои може да ги испорачаат овие услуги до луѓето на кои им се неопходни за да се заштитат од ХИВ и од СИДА.
„Обврска на Владата е да осигури непрекината достапност на современа антиретровирусна терапија за пациентите со ХИВ и да ги заштити овие како и сите други граѓани од стресот предизвикан поради проблемите во обезбедувањето на лекови. Се проценува дека до крајот на минатата година со ХИВ живееле 38,4 милиони луѓе во светот, од коишто 85% биле свесни за својот статус, а 75% примале антиретровирусна
терапија. Наспроти тоа, во истата година само 66% од проценетите околу 550 лица со ХИВ кај нас биле свесни за својот ХИВ-позитивен статус, а 59% биле на терапија. Ова укажува дека нашата земја треба да вложи многу посериозни напори за унапредување на насочените програми за превенција и тестирање, за кои е докажано дека даваат резултати и се дел од националната програма за ХИВ“, се вели во соопштението од здружението.
Според нив, една од главните пречки во успешното справување со ХИВ-инфекцијата претставува
сè уште распространетата стигма. Во текот на 2022 година, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ документирало 4 случаи на одбивање на здравствена услуга на пациенти поради тоа што се ХИВ-позитивни и 3 случаи во кои им била повредена доверливоста на медицинските податоци.
„Стигмата значително влијае врз квалитетот на живот на луѓето со потврдена ХИВ-инфекција, а истовремено и ги одвраќа другите луѓе да направат ХИВ-тест тогаш кога треба. На овој ден апелираме до одговорните тела и институции да му посветат посебно внимание на овој проблем при санкционирањето
на случаи на дискриминација врз основа на ХИВ-статусот“, велат оттаму.
Вечерва, на 1 декември Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ ќе го одбележи Светскиот ден на СИДА во 2022 година со пригоден настан и добротворна забава во барот СОМА, под слоганот „Заедно погласни“. Настанот е со почеток во 20:00 часот и е отворен за сите заинтересирани.