СТОЛТЕНБЕРГ СПОМНА ПОДЕЛБА НА УКРАИНА ЗА МИР? Колку територија, колку независност, колку суверенитет…(ВИДЕО)

Единственото прашање е која цена сте спремни да ја платите за мир? Колку територија, колку независност, колку суверенитет...сте спремни да жртвувате за мир, рече Столтенберг.

239

Прашање е која цена Украина е спремна да ја плати за да добие мир, рече вчера Јенс Столтенберг по средбата со финскиот претседател Саули Ниниисто, а притоа ги спомна зборовите територија, суверенитет и независност. Изјавата на Столтенберг ја пренесоа многу малку од западните медиуми иако видеото од разговорите во местото Култаранта се појави на Твитер. Потоа следеа разговори за Шведска и за Финска. Но, дали генескот на НАТО ја најави можната поделба на Украина?

– Мирот е можен. Единственото прашање е која цена сте спремни да ја платите за мир? Колку територија, колку независност, колку суверенитет…сте спремни да жртвувате за мир – изјави тој.






Столтенберг не предложи кои услови Украина треба да ги прифати, додавајќи дека „оние кои ја плаќаат највисоката цена треба да ја донесат таа пресуда“. Неговата изјава доаѓа во време кога расте чувството дека земјата би можела да биде притисната да направи отстапки за својата територија, иако нејзините челници се одлучно против тоа. Неодамнешниот извештај на Си-Ен-Ен сугерира дека официјални лица во Вашингтон, Лондон и Брисел се состануваат без нивните украински колеги за да ги разговараат можните варијанти за крај.

Меѓу плановите за кои наводно разговарале поддржувачите на Киев била рамката предложена од Италија кон крајот на мај, тврди Си-Ен-Ен.

Прво обелоденет од италијанските медиуми, планот од четири точки повикува на прекин на огнот и демилитаризација на линијата на фронтот во источна Украина, со тоа што Украина потоа најверојатно ќе стане неутрална држава. Третата фаза би вклучувала договор меѓу Москва и Киев за статусот на Крим и Доњецката и Луганската народна република. Сето тоа би било крунисано со мултилатерален договор за мир и безбедност во Европа, фокусиран на разоружувањето и контролата на вооружувањето.

Наводниот план, сепак, беше отфрлен и од украинското и од руското раководство.

Додека западните сојузници на Украина разговараат позади нејзинот грб, украинската војска губи и до 200 војници дневно, неодамна потврди украинскиот претседател за Би-Би-Си. Дека Украина навистина може да загуби за Гардијан потврдува и заменик-шефот на украинското разузнавање, Вадим Скибицски, според кого „сѐ зависи од оружјето кое Запад ни го дава“, пишува Њузвик.

– Украина има едно артилериско парче до 10 до 15 руски артилериски парчиња. Нашите западни партнери ни дадоа околу 10 отсто од тоа што го имаат.

Скибицки изјави за Гардијан дека Украина користи меѓу 5.000 и 6.000 артилериски куршуми секој ден. Тие речиси останаа без сопствената артилериска муниција и користат гранати од 155 калибар според НАТО стандардите, смета тој.

Утринава советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак јавно објави што е потребно  за Украина да ја добие војната. Ќе стигнат ли на време пратките со оружје за Украина?

„Ни треба тешко оружје за да ја завршиме војната: 1.000 хаубици од 155 милиметри, 300 повеќецевни фрлачи (MLRS), 500 тенкови, 2.000 оклопни возила и 1.000 беспилотни летала“, напиша Подољак.

Минатиот месец американскиот претседател Џо Бајден потпиша пакет помош од 40 милијарди долари за Украина. Тој, исто така, најави дополнителен пакет безбедносна помош за земјата во вредност од 700 милиони долари на 1 јуни.

Поврзани содржини
na