СОМНИТЕЛНА ГРУПА, БОМБА И 30 ГОДИНИ НЕДОУМИЦА Еден куп верзии за атентаторот на Глигоров, разврска нема

Меѓу можните извршители биле посочени: бугарската фирма „Мултигруп“, југословенската тајна служба „КОС“ и т.н. „Братиславска врска“. Паралелно, според друга хипотеза, атентатот бил реакција на геополитичкото приближување на Македонија кон НАТО и ЕУ, со потпишување на „Партнерство за мир“ и договорот со Унијата.

1,826

Навршуваат 30 години од 1995 година кога атентатор постави експлозив под „цитроен“ на улицата Македонија, во Скопје, во момент кога службениот „мерцедес“ со тогашниот претседател Киро Глигоров поминувал крај хотелот „Бристол“.

Претседателот останал без едно око, загинал возачот Александар Спировски, а сведочењата за тоа кој и зошто сакал да го елиминира државниот татко и понатаму се нишаат меѓу српско-руското подземје, бугарски бизнисмени, домашни фанатици и меѓународни шпиони.






Се работи за најконтроверзниот обид за атентат во македонската историја – нападот врз првиот претседател на независна Македонија. Експлозијата утринавата во 9:50 часот, го потресе центарот на Скопје, а неговите последици и до денес се обвиени со магла и сомнеж.

Бомбата била скриена во „цитроен АМИ-8“, паркиран крај „Бристол“. Пред него се движел „фиќо“, кој го забавил службениот „мерцедес С-500“ токму во моментот на детонацијата. Не е разјаснето кој го управувал малиот автомобил. Експлозивот бил југословенски, пластичен.

Возачот Александар Спировски загинал на лице место. Повредени биле телохранителот Илчо Теовски и минувачот Ристо Хаџиманов, кој подоцна починал.

Глигоров бил префрлен во болница, во кома. Кога го посетил Стојан Андов, тогашниот претседател на Собранието, можел само да ги мрда очните капаци. По операцијата од познатиот неврохирург Јовица Угриновски, Глигоров успеал да се врати во јавноста дури една година подоцна.

Мултигруп, КОС, Братиславска или домашна местенка?

Тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, објавил:

– Во атентатот е вклучена една финансиско-економска групација со седиште во соседна земја. Направата ја формирал странски државјанин со помош на лица од Македонија. Според профилот, извршителите можат да бидат фанатици, криминалци или шпиони.

Меѓу можните извршители биле посочени: бугарската фирма „Мултигруп“, југословенската тајна служба „КОС“ и т.н. „Братиславска врска“.

Истражни дејствија, но без резултат

Паралелно, според друга хипотеза, атентатот бил реакција на геополитичкото приближување на Македонија кон НАТО и ЕУ, со потпишување на „Партнерство за мир“ и договорот со Унијата.

Операцијата „Автомобил“, во која учествувале служби од САД, Германија и Британија, не донела обвинувања. МВР претресло 30.850 возила и 15.000 објекти, легитимирало 188.000 лица. Една можно сомнителна група била „Ослободителната војска на Македонија“ од Австралија.

Глигоров објавил автобиографија „Атентат – ден потоа“ во 2002 година.

Враќање на Македонија во Југославија?

Поранешниот телохранител на Слободан Милошевиќ, Горан Пајиќ, откри непознати детали поврзани со атентатот.

Според неговите тврдења Глигоров, се договорил со Слободан Милошевиќ дека Македонија да биде дел од новата Југославија. Набрзо потоа беше организиран и атентатот на Глигоров кој го преживеа обидот за атентат.

„Меѓутоа, очигледно тоа некому не му одговараше, па организираа побрзо и подобро убиство. За вакви работи се решава во дел од секундата“, изјави Пајиќ во емисијата „Добро утро Србија“, објави српски Мондо.

Сомнителни смртни случаи

Неколку лица вклучени во истрагата починале под неразјаснети околности. Вработен во МВР кој дал исказ бил пронајден мртов следниот ден. Телохранителот Д.Г. наводно се самоубил откако две лица го однеле од дома. Истражувачка од МВР била најдена со прострелна рана во челото на Водно.

Глигоров починал на 1 јануари 2012 година, во 94-та година од животот. Атентатот врз него остана неразјаснет, симбол на преодот кон нова Македонија – земја со сон за независност, но обградена со невидливи непријатели.

Поврзани содржини