СОБОРЕЦОТ НА ГОЦЕ ОСТАНА ВЕРЕН НА СОЦИЈАЛИСТИЧКИТЕ ИДЕАЛИ На денешен ден е роден Димо Хаџи Димов
Делото на Хаџи Димов зборува за социјалистичкиот карактер на македонското револуционерно движење и на континуитетот меѓу Илинденското востание и идните партизани во Македонија.
На денешен ден во 1875 година во селото Горно Броди, Серско, Егејска Македонија, роден е Димо Хаџи Димов, најборбен и најсестран идеолог и теоретичар на автентичното македонско национално ослободително движење, близок соработник на Гоце Делчев, на Јане Сандански и на други истакнати македонски револуционери.
Семејството на Хаџи Димов во 1879 година, бегајќи од турскиот аскер, се доселува во Дупница, Бугарија. Таму Димо завршува основно училиште, а во 1891 година се запишува во Педагошката гимназија во Ќустендил. Таму ќе се најде под влијание на својот учител Ефрем Каранов, кој кај него ќе ја разгори неговата љубов кон помагање на сиромашните. Со завршување на училиштето (1895 година) ќе учителствува во Дупница преокупиран со социјалистичките идеи и ослободување на својот народ.
Во редовите на ТМОРО се вклучува во 1896 година. Се спријателува со Јане Сандански за кого, според кажувањето на Иван Харизанов, Димо Хаџи Димов претставува духовен учител, „кој како брат се грижеше за него“. Од 1901 година Хаџи Димов се вклучува поактивно во македонското ослободително движење. Во судирот помеѓу Внатрешната организација и Врховниот комитет Хаџи Димов застанува категорично на страната на Внатрешната организација.
Во договор со Гоце Делчев, тој во јануари 1903 година заминува со четата на Борис Сарафов за Македонија. По неколку месеци, на 3 мај, пристига во селото Баница за да се сретне со Делчев. Следниот ден турската војска го напаѓа селото и во Битката загинува Делчев. Хаџи Димов успева да се извлече и кон крајот на мај се враќа во Дупница.
По Илинденското востание заедно со Јане Сандански и Ѓорче Петров застанува против врховистите. Се профилира како истакнат претставник на Серската група и на реформската струја во ВМОРО. Тој е еден од авторите на Директивата за идната дејност на Организацијата. Учествува во организацијата и уредувањето на органот на ВМОРО „Револуционерен лист“ од јуни 1905 година. На Рилскиот конгрес е избран и за уредник на овој весник.
Во 1908, во времето на Младотурската револуција Хаџи Димов заминува за Солун и е еден од иницијаторите за создавање на Народната федеративна партија, заедно со Јане Сандански. Една од целите на оваа партија е Македонија да се оформи како одделна самоуправна единица т.е. турската империја да се реформира како источна федерација и наместо вилаетите од националните провинции да се формираат самоуправни области како: Македонија, Албанија, Ерменија.
Така Димо станал и народен пратеник, заедно со Јане, во надеж дека Младотурците ќе дозволат Македонија да биде автономна во една нова модерна Турција која ќе биде социјалистичка федерација. Го уредува и весникот „Конституциона зора“. Во Солун останува до јануари 1909 година, кога се враќа во Софија и се вработува во Министерството за земјоделство. По падот на Младотурците учествувал во Првата светска војна.
По војната Димо Хаџи Димов, како претставник на левото крило, бил клучен преговарач со Тодор Александров. Во јули 1924 година во Виена бил потпишан Мајскиот манифст, и бил јавно објавен во весникот „Балканска федерација“. Набрзо потоа, сепак, Александров, негирал дека бил потписник. Тој негирал затоа што бил загрижен за својот живот и сметал дека комунистите ќе го ликвидираат. Наскоро Александров и навистина е ликвидиран и заменет со Ванчо Михајлов. Во името на наводната одмазда за убиството на Александров, Ванчо Михајлов ги наредува најголемите убиства на македонистите. Дваесетттите години се времето на борбата меѓу левите македонисти и комунисти и десните ванчомихајловисти, приврзаници на бугарскиот цар. Во најголемиот дел од атенатите на сред Софија биле убиени Македонци. Во тој период загинуваат и Јане Сандански и Ѓорче Петров. Атентатите биле наречени „гангстерски“ во печатот на западните земји, а стигнале на насловните страни во САД.

Во еден од првите такви атентати настрадал Хаџи Димов. По порачка на бугарскиот двор, терористот Владо Черноземски на 13 септември 1924 година сред бел ден го застрелал Димо Хаџи Димов. Тој случајно се нашол на улицата Пиротска во Софија бидејќи наслушнал дека истиот ден бил убиен големиот македонски војвода, штипјанецот Славчо Ковачев. Ковачев бил уредник на весникот „Автономна Македонија” и идеолог на Македонската емигрантска федеративна организација. Димов бил на пат кон кафеаната Галик кога бил пресретнат од Черноземски, кој неколку пати го застрелал, а потоа, за да се осигура дека Димов е мртов, пукал уште двапати во трупот.
Делото на Хаџи Димов зборува за социјалистичкиот карактер на македонското револуционерно движење и на континуитетот меѓу Илинденското востание и идните партизани во Македонија.