СО ДЕДО И БАБА ОДИМЕ ЗАЕДНО НА РАБОТА Што ја очекува генерацијата Бета?

Младите од генерацијата Бета ќе бидат родени во свет што нема да може да се замисли без вештачката интелигенција. Таа и автоматизацијата ќе бидат дел од образованието, здравството, работата, но и од забавата. Живтотот без приватни ВИ-асистенти, без персонализирано учење и без терапевтски 3Д холограми ќе биде речиси незамислив. Аналитичарите и футуристите се обидуваат да разберат каде води сето тоа.

110

Дали знаете што е тоа генерација Бета?

Генерацијата Бета (или „Gen Beta“) ги вклучува сите родени од 1 јануари 2025 до 2039 година. Според прогнози, до 2035 година генерацијата Бета ќе сочинува околу 16 % од светската популација. Се очекува многу од овие луѓе да го доживеат 22. век.






Називот „Бета“ е избран како продолжение на низата според грчката азбука – Алфа, Бета, Гама и така натаму. Бета е налик на технолошката верзија 2.0 – обновена и надградена генерација, но не послаба, коментираат некои критичари, во повеќе актуелни статии на оваа тема.

Вештачката интелигенција ќе биде нивниот природен свет

За разлика од претходните генерации, младите од генерацијата Бета ќе бидат родени во свет што нема да може да се замисли без вештачката интелигенција (ВИ). Таа и автоматизацијата ќе бидат дел од образованието, здравството, работата, но и од забавата.

Живтотот без приватни ВИ-асистенти (co‑pilots), без персонализирано учење и без терапевтски 3Д холограми ќе биде речиси незамислив. Оваа генерација ќе порасне со гејминг и со интерактивни холограми, каде терапијата и учењето ќе бидат искуства, а не само информации. Овој техно-реализам не ги прави студенти, туку истражувачи, креатори, иноватори.

Аналитичарите поставуваат логично прашање – каква ќе биде улогата на родителите?

Родителите, главно младите миленијалци и постарите од генерацијата Зет, ќе поставуваат граници, ќе се залагаат за  дигитален детокс, како и за баланс меѓу тој дигитален свет со надворешни активности. Големо прашање е колку ќе бидат успешни во тоа.

Генерација со најголема еко-свест

Футуристите предвидуваат дека генерацијата Бета ќе има најголема еко-свет во споредба со сите други досегашни генерации. Се очекува оваа генерација да се справува со климатските кризи, со претераната урбанизација на просторот и со недостигот на ресурси на планетата. Овие проблеми ќе бидат нејзината „нова нормалност“. Оптимистите додаваат дека социјалната правда и инклузивноста природно ќе ги наследат од родителите од генерацијата Зет.

Но, прекумерното време поминато онлајн дефинитивно ќе предизвикува пораст на анксиозноста и на депресијата кај тинејџерите. Во некои земји веќе се зборува за нова регулатива за овие проблеми, но се чини дека многу повеќе ќе се постигне со квалитетно образование и со развој на свесноста за предизвиците.

Урбани трендови и хибриден стил на живеење

Очекувањето е дека генерацијата Бета ќе ги переферира за живеење градските центри наместо предградијата – заради потреба од хибриден начин на живеење и работа. Нив ќе им биде потребен  физички простор каде што луѓето, освен дигитално, ќе се поврзуваат и лично, а тоа сепак да не одзема премногу време и енергија. Новата урбана инфраструктура ќе мора да одговори на овие барања.

Училиштата ќе бидат ВИ‑оптимизирани и хибридни. Наставниците ќе користат ВИ‑платформи и сопствени адаптивни алатки. Младите ќе се подготвуваат за свет во кој ќе има работни места што денес не постојат денес, при што конкуренцијата на вештачката интелигенција ќе бара и човечки вештини: креативност, емоционална интелигенција, комплексно размислување.

Покрај усвојувањето на новите вештини и алатки неопходни за живот во светот во кој ќе доминира вештачката интелигенција, борба против диопфејковите и дезинформации, за приватност, за сајбер безбедност и за дигитална етика ќе бидат дел од образованиетио и од воспитувањето.

Што значи тоа да си човек?

Нурнати во тој ВИ-метеж, припадниците на генерацијата Бета неспорно ќе се прилагодуваат на реалноста во која вештачката интелигенција е и допрва ќе биде компетентна во извршувањето на многу задачи, но ќе си го поставуваат и клучното филозофско прашање – што значи, всушност, да си човек?

Многу значаен тренд во општетсвото ќе бидат социјалните и економски притисоци предизвикани од стареење на населението. Ќе има драматичен недостиг од работна сила во многу области, а ќе недостасуваат и негуватели. Економската стратегија ќе мора да одговори на овие проблеми. Не е далеку времето кога внуците и бабите и дедовците ќе одат заедно, рака под рака, на работа.

Генерацијата Бета се децата на ерата на вештачката интелигенција и на автоматизацијата, но тоа не значи дека ќе бидат робови на машините. Напротив, тие ќе бидат оние кои ќе ја обликуваат новата хармонија помеѓу човекот и технологијата. Урбани, креативни, еко‑свесни, но пред се, хумани.

И да – дедо и баба ќе трчаат зад нив, бидејќи тоа може да биде најпродуктивниот работен тим што светот некогаш го видел.

Кој преживее, ќе раскажува…

Поврзани содржини