СКАНДАЛ ГО ТРЕСЕ ХРВАТСКОТО СКИЈАЊЕ Олимпијските асови ги плаќале во кеш, на граница запленети 120.000 евра
Случајот силно одекна во спортската јавност, бидејќи Ведран Павлек важеше за клучен човек, тесно поврзан со најголемите успеси на хрватското алпско скијање.
Голем скандал го потресе Хрватскиот скијачки сојуз, откако долгогодишниот директор на алпските репрезентации и на ски-пулот, Ведран Павлек, поднесе неотповиклива оставка, во момент кога полицијата и обвинителството почнаа истрага за финансиското работење на организацијата.
Оставката беше прифатена на седница на Извршниот одбор на сојузот, а како привремен директор до крајот на сезоната е назначен тренерот Горан Рачки. Павлек во своето образложение истакна дека лично смета дека „не направил ништо погрешно“, но дека се повлекува за да не го оптоварува работењето на сојузот и за да им овозможи на спортистите мирен завршеток на сезоната.
УСКОК им влегол во трагата
Аферата избувна откако хрватското обвинителство за борба против корупцијата (УСКОК) започна проверка на финансиското работење на сојузот. Истражителите ја презедоа деловната документација, а во фокусот на интересот се наводни исплати на поголеми суми во готовина и можни финансиски неправилности во управувањето со средствата.
Целата приказна почнала со инцидент на граница за време на Зимските олимписки игри, кога службени лица запреле човек поврзан со сојузот со околу 120.000 евра непријавен кеш. Во торбата, според медиумските извештаи, биле пронајдени и белешки со имиња на луѓе на кои требало да им бидат исплатени парите.
Овој настан ја поттикнал истрагата за можен систем на исплати „на рака“, односно во кеш, кој наводно се користел со години за покривање трошоци и дневници во рамките на скијачките програми. Сепак, засега станува збор за истрага и проверка на сомнежи, а не за докажана вина.
Падна човекот заслужен за најголемите успеси
Случајот силно одекна во хрватската спортска јавност, бидејќи Павлек важеше за една од највлијателните фигури во националното скијање. Тој речиси три децении беше клучен човек во системот и беше тесно поврзан со најголемите успеси на хрватското алпско скијање.
Павлек е поранешен скијач кој настапувал на три Зимски олимписки игри, а по завршувањето на кариерата во 1998 година станал директор на хрватските алпски репрезентации. Во периодот кога тој го водеше системот, Хрватска освои повеќе олимписки медали и кристални глобуси, предводена од легендарните скијачи Јаница и Ивица Костелиќ.
Вила на Ибица, виден во Дубаи?
Истрагата на УСКОК продолжува, а Хрватскиот скијачки сојуз соопшти дека целосно ќе соработува со институциите додека не се утврдат сите факти околу финансиското работење.
Во меѓувреме, во хрватските медиуми и на социјалните мрежи почнаа да кружат и други шпекулации поврзани со приватниот живот и имотот на Павлек. Дел од нив тврдат дека тој наводно поседува луксузна вила на шпанскиот остров Ибица, додека други медиумски извештаи сугерираат дека во последните денови бил виден и во Дубаи. Овие информации засега не се официјално потврдени, но дополнително ја подгреваат јавната дебата околу човекот кој со децении беше една од најмоќните фигури во хрватското алпско скијање.