СИ ПРЕСУДИЛ СО ПИШТОЛОТ ШТО МУ ГО ПОДАРИЛ ПУТИН Расте бројот на мистериозни смртни случаи во руската елита – паднале, се удавиле, се самоубиле
Поради затвореноста на руските власти, невозможно е да се утврди точната бројка, но според западни медиуми и руски активисти, од почетокот на инвазијата врз Украина до денес, под сомнителни и неразјаснети околности животот го загубиле над 75 влијателни личности од руската политика, војска и бизнис-елита.
Многу припадници на руската елита починале на сомнителен и на таинствен начин од почетокот на руската инвазија на Украина. Аналитичарите велат дека причините за тоа се сложени, но и типични за руската висока политика, се наведува во анализа објавена од Јутарњи лист.
Иако не постои точен и сигурен број поради затвореноста на Русија, според западни агенции и руски активисти, повеќе од 75 важни личности од политичките, воените и од бизнис круговите во Русија починале под сомнителни или неразјаснети околности од почетокот на војната во Украина, во февруари 2022 година, до јули 2025 година.
Во таа бројка се вбројуваат олигарси, политичари, воени функционери и луѓе поврзани со државните структури.
Официјална Москва ја опишува нивната смрт како самоубиства, падови од прозорци, случајни труења, срцеви удари или насилна смрт во семејни трагедии.
Последен таков случај е смртта на Роман Старовојт.
Неговото тело било пронајдено во московскиот округ Одинцово, каде што живеат многу членови на руската елита. Руските медиуми јавиле дека се самоубил во парк, со пиштол што му го подарил претседателот Путин.
Старовојт од мај 2024 година беше министер за транспорт, а претходно беше гувернер на Курската област, која украинските сили ја нападнаа во август 2024.
Воениот успех на Киев во тој регион ја понижил Русија. Старовојт бил разрешен од функцијата министер непосредно пред самоубиството.
Падови од прозорци, давења во када и во базен
Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа 2 месеца откако покрена побуна против претседателот Путин со својата платеничка група Вагнер.
Тој и неговите луѓе имаа значајна улога во првата година од војната во Украина, но кога изразија незадоволство од раководењето со војната и кога тргнаа во воен поход кон Москва, стана јасно дека нема да потраат долго. Денес веќе ги нема ни него ни неговата група.
Една од ретките компании во Русија, која на почетокот срамежливо се огласи против инвазијата на Украина, објаснувајќи дека таква војна ќе ја ослабне економијата, беше Лукоил.
Претседателот на тој енергетски гигант, Равил Маганов, почина откако наводно паднал од прозорец на болница во Москва.
Со пад од прозорец животот го завршиле и олигархот Павел Антов и Марина Јанкина, финансиска директорка на западниот воен округ.
Самоубиство со бесење извршиле поранешниот извршен директор на Новатек, Сергеј Протосења, високиот менаџер во Гаспром Александар Тјуљаков и полковникот, задолжен за мобилизација, Роман Малик.
Низата продолжува со гушења во када, давења во базен, пад по скали, а најчестата наведена причина за смрт е срцев удар.
Руските медиуми никогаш не истражуваат што стои зад овој голем број на смртни случаи на влијателни луѓе, а официјална Москва само изразува сочувство и ги игнорира прашањата од западните медиуми.
Атмосфера на страв
Руските професори и аналитичари, што побегнале на Запад, главно се плашат да ги коментираат овие смртни случаи под свое име. Но, даваат до знаење дека тие се последица на сложени борби за моќ, контрола над ресурси и на брзо елиминирање на потенцијални закани за режимот.
Сето тоа создава дополнителна атмосфера на страв и несигурност во рамките на елитата, што дополнително ја зацврстува авторитарната контрола и ги одвраќа од обид да му се спротивстават на режимот.
Во тој контекст, сомнителните смртни случаи служат и како предупредување за оние кои би можеле да бидат дисиденти или закана.
На таа линија е и професорот Џефри Винтерс, политиколог од Универзитетот во Илиноис и автор на книгата „Олигарси“, кој истакнува дека е речиси невозможно богат човек во Русија да биде убиен без знаење на државата.
– Тоа се милијардери со телохранители, со пристап до најдобра медицинска нега, со приватни возачи и со целосна заштита која може да се купи со пари. Не можам директно да тврдам, но логично е дека тие се отстранети од истата рака која им овозможила да станат богати, влијателни или политички моќни – рече тој.
Нелојалноста значи смрт
Украина ги користи сите тие сомнителни смртни случаи за да го покаже бездушниот карактер на рускиот режим и за да ѝ објасни на западната јавност против што, всушност, се борат Украинците.
Советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, изјави дека во Русија нелојалноста значи смрт.
Поранешната советничка на Белата куќа за Русија и одличен познавач на Кремљ, Фиона Хил, вели дека не треба сите случаи да се ставаат под ист заеднички именител и да се заглавува во теории на заговор, но не треба ни да се чудиме што недемократски режим не функционира на демократски начин.
Во интервју за Гардијан таа нагласи дека ова е само еден сегмент од војната што Русија ја води со Западот и која веќе долго трае.
– Русија се зацврсти како противник на начини кои веројатно не ги предвидовме во целост. Труења, атентати, сајбер напади, саботажи и закани кон инфраструктурата – сето тоа е дел од истата тактика – смета таа.
„Синдромот на изненадна смрт на влијателни Руси“, како што Би-Би-Си ги нарече овие случаи лани, не започна со инвазијата на Украина.
И пред нападот на Украина, барем 38 смртни случаи на бизнисмени, кои во некој момент биле блиски со Кремљ, се објаснуваат со несреќни или со мистериозни околности.
Најпознат е случајот со олигархот Борис Березовски, кој изврши самоубиство во својот дом блиску до Лондон.
Британските истражители по истрагата изјавија дека не пронашле докази за насилна смрт, но на социјалните мрежи малкумина поверуваа во тоа објаснување. Како што и денес малкумина веруваат дека влијателните и богати Руси се толку невнимателни или психички лабилни.
РУСКИ МИНИСТЕР ИЗВРШИ САМОУБИСТВО? Неколку часа претходно Путин го разреши