ШТО ВЕЛИШ ПРИЈАТЕЛЧЕ, ДА НАПРАВИМЕ ЗАЕДНИЧКА ИЗЛОЖБА? „Нигде нема толку луѓе како во еден човек“ – серија автопортети на Јасмина Котевска и Тони Попов 

Јасмина Котевска, историчарка на уметност и Тони Попов, сликар и поет, ќе имаат заедничка изложба на 25 февруари во 20 часот, во просториите на „Соулкрафт“ во Скопје. Станува збор за серија на автопортрети кои ги создавале паралелно, но секој за себе и со кои порачуваат дека, емоциите не се слабост, туку материјал за создавање.

44

Јасмина Котевска е историчарка на уметност и вечен трагач по тенката линија помеѓу генијалноста и лудилото, посветена е на инклузијата на штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар преку разни работилници и проекти, а Тони Попов е уметник и поет кој е често дел од овие проекти, поточно, од сликарските работилници кои се спроведуваат како арт терапија за овие луѓе, а одржува и сликарски работилници за деца.

Во рецензијата за каталогот за неговата изложба на автопортрети во 2022 година, Никола Пијанманов напишал: Автопортретот како жанр кај сликарите е како монодрамата во театарот. Тука си сам. Ти и сите кои постојат во тебе. Само ти и оној кој гледа од тебе, во тебе… автопортретот никогаш не е опседнатост со своето лице, туку потрага по себе.






Веројатно токму оваа потрага по себе е она што ги поттикнало на создавање на делата за нивната заедничка изложба насловена како „Емотивни пејсажи / Нигде толку луѓе како во еден човек“, а идејата за неа била на Јасмина.

– Тоа беше на почетоците кога сликарскиот наплив во мене веќе беше започнат. Му велам: што  велиш пријателче, ајде да направиме една заедничка изложба! Па така се договоривме да работиме паралелно слики кои подоцна ќе бидат изложени како една целина – вели Јасмина.

Тоа подоцна е 25 февруари, од 20 часот, во просториите на „Соулкрафт“ во Скопје.

Според авторите, делата од оваа изложба отсликуваат состојби  и расположенија, емотивни и психолошки, дел иницирани од најразлични настани од секојдневието, а дел можеби колективни согледувања на истите.

– За себе лично можам да кажам дека сликите беа еден вид на спознание на сопствените емоционални состојби кои во изминатите години се напластувале, а сега излегоа на виделина, се визуелизираа преку овие портрети – вели Јасмина и додава дека станува збор за спонтани емоционални портрети без претходна умисла и замисла што ќе биде прикажано.

– Можам да кажам дека никогаш не знам што ќе произлезе како завршница, незнам каков лик ќе насликам и незнам кое расположение од многуте ќе го прикажам. Се е спонтано, така да на крајот, преку сликите и јас го запознавам својот емотивен и психолошки свет, кој навистина е комплексен и затоа сум уверена дека навистина нема никаде толку многу луѓе колку во еден човек. Во случајов, тој човек сум јас, бидејќи само за себе можам да бидам свесна – објаснува нашата соговорничка.

Таа е уверена дека кога човек чува во себе толку големи емоции, тие знаат да тежат, па тој си мисли дека само нему му е даден најтешкиот пат за изодување, но кога споделува со другите, тежината се олеснува, патот е полесен и исполнет и согледувањата се појасни, а тоа е дека сите ние како човечки суштества во одредена мера носиме исти работи во себе.

– Верувам дека многумина во портретите ќе се препознаат себе и ќе препознаат емоција или состојба која ја носат во себе – вели таа.

За Тони, кој со сликарство се занимава професионално 15 години и зад себе има повеќе самостојни и групни изложби, оваа изложба има поинаков контекст од досегашните.

– Овој циклус на дела не отстапува од начинот на кој сликам но, овде самите слики се работени наменски, баш за оваа заедничка изложба и гледав на некој начин да се синхронизирани со делата на Јасмина, не по стил, туку по сензибилитет.

Инаку, иако сликарството со кое професионално се занимавам 15 години, навистина ме исполнува, пред некое време имав период кога не сакав веќе да сликам. Не дека немав желба или не знаев што, туку свесно одбивав да сликам, да давам, затоа што кај нас, на ова апатично поднебје е многу тешко човек да создава. Ама ете, Јасмина почна еден серијал и потоа моите слики дојдоа многу лесно и спонтано – искрен е и Тони кој патем, токму другарувајќи со Јасмина и соработувајќи со неа на проекти со штитениците од Психијатриската болница и одржувајќи со нив сликарски работилници на кои Јасмина присуствува како организатор, но и како учесник, ѝ помогнал да се ослободи и да проба да го извади од себе тој внатрешен крик за креација кој во неа постоел целиот нејзин живот.

– Јас од дете имав љубов кон уметностите, а имав желба да бидам сликар, но не се сметав доволно добра и талентирана за да студирам на Академија. Низ минатото сум имала сликарски обиди, но не сум им давала доволно значење. Во мене секогаш постоеше и постои тој нагон за креација, па другарството со Тони и сликарските работилници направија да се ослободам. Мојот сликарски процес беше спонтан, инициран од длабоки внатрешни состојби кои во даден момент кулминираа и сликарството дојде како терапија, како лечебен процес. Како историчар на уметност секако дека сум свесна дека јас не сум уметник од рангот на академските уметници, но штом постои нагон за креација и истиот резултира со ликовни дела кои имаат ненамерно запазена сликарска естетика, поседуваат длабочина и комуницираат со гледачот, сметам дека слободно може тие слики да ги наречеме уметнички дела. Еве да бидам појасна, јас не сакам да сум академски сликар, реалистично да копирам и прикажувам предмети, јас сакам да ја насликам душата на човекот, со сите негови внатрешни процеси. Секако, во случајов мислам на сопствената душа, на тоа да си го разголам сопственото постоење за да може да се запознам во целост како битие – вели таа.

Инаку, тенката линија меѓу творењето и психијатриските болести, нивната поврзаност, како и лековитото дејство на арт-терапијата, се она што ги преокупира и двајцата.

Јасмина преку Центарот за креативни индустрии-НЕБО од Суводол, Демир Хисар, постојано организира работилници за фотографија, сликарски и други техники за творење, работилници за филм и слични, кои секогаш завршуваат со некоја изложба или дури и филм (филмот Железната тврди на Митко Панов произлезе токму од една работилница за филм во Психијатриската болница во Демир Хисар).И секогаш во основата на она што го прави лежи обидот да се поттикне дискусијата за менталното здравје и да се победат предрасудите за менталните болести.

Минатата година таа и Тони соработуваа на изложбата „Физиогномски белешки /потиснати соништа”, која вклучуваше ликовни дела создадени од девет лица – штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар, за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година, предводени од Тони Попов. Овие сликарски работилници имаа и терапевтска функција, иста онаква каква што овие двајца уметници спровеле сега и врз самите себе.

Поврзани содржини