🎥 ШОКАНТНО ДОСИЕ „САРАЕВСКО СНАЈПЕР САФАРИ“ Ќе открие ли истрагата имиња на богати странци, кои плаќале по 100.000 евра да застрелаат човек во опколениот град?

Три години по емитувањето на словенечкииот документарец „Сараево сафари“, Италија поведе истрага. Во првичните информации од истрагата се спомнуваат најмалку тројца Италијанци, за кои има сомнение дека патувале во Сараево како „снајпер туристи“. Меѓу нив, според Ал Џазира и други медиуми, е и сопственик на приватна клиника за естетска хирургија од Милано. Што друго може да се очекува од истрагата?

2,342

Италијанското обвинителство во Милано отвори истрага за наводни „туристи-снајперисти“ – богати странци, најмногу Италијанци, кои за време на опсадата на Сараево плаќале огромни суми пари за да пукаат во цивили „за забава“. Случајот, три децении по војната, повторно ги разгоре сеќавањата на преживеаните и ја натера Европа да се соочи со едно од најморничавите обвиненија од тој конфликт.

Обвинителот Алесандро Гоби води постапка за убиство извршено со „сурова и подла намера“, а на удар се луѓе кои, според првичните докази, меѓу 1993 и 1995 година им плаќале на припадници на војската на Радован Караџиќ за да добијат пристап до снајперски позиции над градот. Локалните медиуми пишуваат дека „воените туристи“ плаќале до околу 100.000 евра по ден за „привилегијата“ да пукаат кон опколените жители на Сараево.






Сараево беше под опсада речиси четири години, од април 1992 до почетокот на 1996 година – најдолга опсада на еден главен град во современата историја. Градот, опколен со артилериски и снајперски позиции на босанските Срби, живееше под постојан оган; официјалните проценки говорат за повеќе од 11.000 убиени мажи, жени и деца и десетици илјади ранети. Снајперистите беа симбол на тој терор: пукаа по луѓе на улица, по и по деца што одат на училиште, по мајки со цегери в рака, по старци што трчаат да купат леб…

Ценовник на смртта и „викенд ловци“

Идејата дека странци доаѓале во Сараево за да учествуваат во тој „лов на луѓе“ не е нова. За нив се зборуваше како за „викенд снајперисти“, луѓе поврзани со крајната десница, љубители на оружје и лов, кои се договарале во Трст, па преку Белград биле носени на српските позиции над градот. Таму, според обвинението, плаќале големи суми во денешна противвредност од околу 100.000 евра, а некои сведоштва зборуваат и за „ценовник на смртта“: најскапо било да се погоди дете, потоа маж, па жена, а старите луѓе „биле бесплатни“.

Истрагата во Милано започнала по кривична пријава на новинарот и писател Ецио Гавацени, кој со години собирал сведоштва и документи за оваа приказна. Тој вели дека првпат слушнал за „снајпер туризмот“ во италијанскиот печат преса уште во 1990-тите, но пресврт бил словенечкиот документарен филм „Сараево сафари“ на режисерот Миран Зупанич од 2022 година, кој јавноста ја запозна со сведоштва на поранешни разузнавачи и војници, за богаташи што доаѓале на „сафари по луѓе“.


Во филмот и во пријавата се спомнува и извесен Амеиканец со име Џон Џордан, поранешен пожарникар и доброволец во Сараево, кој уште во 2007 година пред Хашкиот трибунал сведочел дека забележал „туристи стрелачи“ – луѓе што не изгледале како локални, дојдени со ловечки пушки што повеќе прилегаат за лов на диви свињи отколку за урбана војна. „Кога гледаш момче со пушка за лов во црна шума, а не за бојно поле, и кога гледаш дека едвај знае да ја држи пушката, сфаќаш дека нешто не е во ред“, сведочел Џордан.

Сведоштва што оживуваат заборавени кошмари

Дополнителна тежина на случајот му дава и сведоштвото на босанскиот воен разузнавач Един Субашиќ, чии искази се дел од документацијата предадена на Италијанците. Тој тврди дека уште во 1994 година ги информирал италијанските разузнавачки служби дека групи Италијанци со чартер летови доаѓаат во Сараево, за да пукаат по цивили, и дека од италијанска страна му било кажано дека ваквите патувања ќе бидат запрени. Субашиќ денес верува дека истрагата во Милано конечно ќе доведе до „садари снајперистите “.

Преживеаните од Сараево велат дека за овие приказни слушале уште за време на војната. Џемил Хоџиќ, кој имал девет години кога почнала опсадата и подоцна го основал проектот „Sniper Alley Photo“, за Ал Џазира вели дека викендите секогаш биле особено опасни. „Постојано кружеше информација дека доаѓаат луѓе однадвор да пукаат по нас“, вели тој. Неговиот брат бил убиен од снајпер додека играл тенис во соседството: „Никогаш нема да дознаеме дали убиецот бил некој од тие што платиле за да го сторат тоа“.

Официјалните институции од Сараево исто така стојат зад случајот. Поранешната градоначалничка на Сараево, Бенјамина Кариќ, уште во 2022 година поднела свој извештај и пријава до босанското обвинителство по објавувањето на „Сараево сафари“, а годинава ги испратила материјалите и до Милано. Таа пишува за „богати странци вклучени во нечовечки активности“ и за основано сомнение дека членови на босанско-српската војска организирале „екскурзии за богаташи“, на кои тие со прецизни пушки пукаaле по градот, вклучително и по деца.

Тројца Италијанци осомничени дека биле „снајпер туристи“

Босанскиот конзул во Милано, Даг Думрукчиќ, изјави дека босанските власти целосно ќе соработуваат со Италијанците. „Со нетрпение ја чекаме вистината за една ваква сурова приказна и да ги расчистиме сметките со минатото“, пренесуваат медиумите негови зборови. Тој додава дека има информации што ќе му ги предаде на обвинителот, но и дека процесот ќе биде тежок, затоа што се работи за злосторства стари три децении.

Во првичните информации од истрагата се спомнуваат најмалку тројца Италијанци за кои има сомнение дека патувале во Сараево како „снајпер туристи“. Меѓу нив, според Ал Џазира и други медиуми, е и сопственик на приватна клиника за естетска хирургија од Милано. Обвинението, засега, се води против „непознати лица“, но адвокатите кои работеле со Гавацени велат дека материјалите се доволно солидни за постапката да се фокусира на конкретни осомничени лица.

Веста за италијанската истрага одекна и надвор од Европа. Во САД, конзервативната конгресменка Ана Паулина Луна најави дека ќе провери дали меѓу „снајпер туристите“ имало и американски државјани, ветувајќи дека, доколку тоа се потврди, ќе бара тие да бидат гонети. Истовремено, поединечни британски коментатори и здруженија на српски ветерани продолжуваат да тврдат дека станува збор за „урбан мит“ и „гнасна лага против Република Српска“, што уште еднаш покажува колку е поделен погледот на минатото во регионот.

Европска дамка што не исчезнува

Самиот режисер на „Сараево сафари“, Миран Зупанич, вели дека целта не му била да убедува некого, туку да ја изнесе приказната пред јавноста. „Филмот го нуди сведоштвото на луѓе кои тврдат нешто – нешто толку неверојатно што, како автор, почувствував обврска да го покажам“, изјави тој за Дојче Веле, додавајќи дека на публиката ѝ останува да суди. Некои од тие сведоштва денес се составен дел од предметот во Милано.

Истрагата доаѓа во време кога за многу семејства во Сараево основното прашање сè уште е истото како пред триесет години: кој го уби моето дете, татко, сестра? Најпознатата симболична приказна од тие години е љубовната трагедија на Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ, „сараевските Ромео и Јулија“, убиени од снајпер во 1993 година додека се обидувале да го преминат мостот во ничија земја. Нивните тела денови лежеа на асфалтот, нем нем сведок на војната во која човекот што трча преку улица е мета без вредност.


Во оваа приказна за „снајперисти од забава“ особено боли фактот што, според сведоците, за некои луѓе тоа била адреналинска авантура: да дојдат за викенд во туѓ град, да пукаат по непознати, па да се вратат дома и да продолжат со нормален живот. „Јас тоа го нарекувам рамнодушност кон злото“, вели Гавацени, објаснувајќи зошто решил случајот да го тера до крај, иако поминале толку години.

Прашањето е колку правдата може да стигне до убијците, триесет години подоцна, кога дел од документите се исчезнати, сведоците починати, а сеќавањата избледени. Но, за луѓето што живееле под снајперски оган во Сараево, важно е и тоа што некој воопшто се обидува да го истражи ова зло и да каже дека нивната болка не била ни игра, ни мит. Истрагата во Милано, колку и да е задоцнета, за многумина претставува прв обид да се именуваат оние што во таа војна со човечкото достоинство дошле „само за викенд“.

Поврзани содржини