СЕИРЏИИТЕ ВО ИТАЛИЈА ЌЕ ДОБИВААТ ХОНОРАР Безработните пензионери кои „дремат“ по градилиштата станаа феномен

Пензионерите во Италија кои секојдневно го следат текот на работите во нивните соседства, ќе бидат ангажирани како хонорарци од страна на генијалните градежници кои решиле да ја искористат нивната страст за практични цели.

383

Пензионерите кои вишокот слободно време го користат собирајќи се околу градилиштата и споделувајќи им несакани совети на работниците, се масовна појава во последните десет години во Италија.

Во Болоња има дури и посебен термин за нив – Умарел. Зборот на локалниот дијалект значи „мал човек“ и од минатата година официјално влезе во италијанскиот речник.






Умарели има на секој чекор – ако се поправа семафорот, се асфалтира улицата, се копаат темелите за нова зграда… Обично во положба со склопени раце зад грбот, индивидуално или групно, стојат и критички ги набљудуваат работите . Ако градилиштето е оградено, нема проблем, искусниот Умарел веќе ќе најде начин да ѕирне зад оградата.

Во местата околу Болоња, градежните компании сè повеќе оставаат прозорци на оградите на градилиштето за да може Умарелите да ја набљудуваат работата, а некои го препознаа неисцрпниот ресурс на безработните пензионери и им плаќаат хонорарно на места каде што нема надзор.

Така, во 2015 година, градот Ричионе, кој се наоѓа на околу 130 километри југоисточно од Болоња, издвоил 11.000 евра од буџетот за да ги плати платите на Умарелите за да ги надгледува локалните градилишта – вклучително и броењето на камионите што влегуваат и излегуваат за да се осигура дека материјалите биле испорачани или отстранети според планираното, како и чување од кражба доколку на локацијата нема чувари.

Умарел на годината

Градот Сан Лазаро ди Савена, на шест километри од Болоња, дури и ја додели наградата „Умарел на годината“ на локалецот Франко Бонини.

Во 2016 година, локалното културно здружение Succede solo a Bologna („Само во Болоња успева“) објавило т.н. Умарел картичка, како начин да се соберат средства за продолжување на реставрацијата на црквата Сан Петронио. Картичката е наменета за сите (вклучувајќи ги и туристите) и за само 5 евра ви дава право внимателно да ги следите работите околу базиликата.

Создадена е и апликација за паметни телефони наречена Umarell која ги следи локациите на тековните работи на патиштата и различните градилишта.

Синџирот за брза храна Бургер Кинг „вработи“ и неколку Умарели, како дел од маркетинг кампањата на социјалните мрежи за промовирање на нивното зголемено присуство во земјата.

Доаѓањето на градилиште како вид на забава


Во јули 2017 година, комисијата за именување на улиците на Градскиот совет на Болоња одобри плоштадот источно од центарот на градот во квартот Чиренаика да го носи името Piazzetta degli Umarells – констатирајќи со свесна иронија дека плоштадот во тоа време бил во изградба.

Во април 2018 година, плоштадот беше свечено отворен, но една година подоцна била украдена плочата со името.

„За мене доаѓањето на градилиштето е забавно“, изјавил Роко, еден од болоњските кибицери, за италијанскиот Хафингтон пост. „Таму поминувам десет минути, најмногу четвртина час дневно за да ги видам завршните работи започнати пред година и пол. Со престојот овде учиш многу работи, работниците ни објаснуваат што работат, какви материјали користат и од каде доаѓаат“.

Што велат градежниците за тоа?

Иако многумина би помислиле дека присуството на пензионери само ги нервира градежните работници и им пречи во секојдневното работење, факт е дека Умарелите знаат да дадат добри совети.

„Тие се луѓе на кои навистина им се восхитувам бидејќи често знаат да бидат корисни. Ни помагаат, на пример, кога правиме подготвителни работи или кога копаме, решаваат многу проблеми“, вели Адријано Брешанини, раководител на градилиштето со децениско искуство.

„Погледнете го тој човек таму“, вели тој, покажувајќи кон г-дин Фауст, еден од пензионерите што ги следат настаните на локацијата. „Тој е гаранција. Ако се оди добро, тоа е благодарение на него“.

Поврзани содржини