СЕ ТОВИМЕ УШТЕ ОД МАЛИ НОЗЕ Секое трето дете во Македонија има прекумерна тежина
Сè повеќе деца редовно консумираат високо преработена храна, слатки пијалаци и грицки, а многу поретко овошје и зеленчук. Овој тренд се забележува особено кај учениците во урбаните средини.
Секое трето дете во Македонија има проблем со прекумерна тежина или дебелина, покажуваат најновите податоци за здравјето и навиките во исхраната кај најмладите. Според анализите, дури 34% од момчињата и 28,3% од девојчињата на возраст од 7 до 9 години се со прекумерна тежина или дебелина, што претставува сериозен аларм за јавното здравје во земјата.
Нездрави навики во исхраната
Овие податоци ги објавија здравствените институции во пресрет на Светскиот ден за борба против дебелината. Експертите предупредија дека Македонија се соочува со растечки проблем со нездравата исхрана кај децата. Иако многу родители сметаат дека недостигот од физичка активност е главната причина, истражувањата покажуваат дека над 90% од децата имаат барем еден час дневна физичка активност, што значи дека главниот проблем се навиките во исхраната.
Според анализите на здравствените институции, сѐ повеќе деца редовно консумираат високо преработена храна, слатки пијалаци и грицки, а многу поретко овошје и зеленчук. Овој тренд се забележува особено кај учениците во урбаните средини, каде што достапноста на брза и калорична храна е поголема.
Не само естетски, туку и здравствен проблем
Експертите предупредуваат дека дебелината кај децата не е само естетски проблем, туку сериозен ризик за здравјето. Децата со прекумерна тежина имаат многу поголема веројатност да развијат болести како дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања, проблеми со дишењето и нарушувања на метаболизмот. Дополнителен проблем е што дебелината во детството често продолжува и во зрелата возраст.
Истражувањата покажуваат дека околу 80% од адолесцентите кои се дебели остануваат дебели и како возрасни, што значително го зголемува ризикот од хронични болести подоцна во животот.
Еве што препорачува УНИЦЕФ
Во тој контекст, УНИЦЕФ повикува на конкретни мерки за подобрување на исхраната во училиштата. Организацијата предупредува дека училиштата се клучна средина во која се формираат навиките во исхраната и дека таму треба да се создадат услови за здрави избори. Една од препораките е ограничување на продажбата на нездрава храна во и околу училиштата и воведување појасни стандарди за тоа каква храна може да се нуди на учениците. Истовремено се предлага поголемо присуство на свежо овошје, зеленчук и нутритивно избалансирани оброци.
Според експертите, важна улога имаат и родителите. Навиките во исхраната се формираат во семејството, па затоа е важно децата уште од најрана возраст да се навикнат на разновидна и балансирана храна. Истовремено, здравствените власти предупредуваат дека без системски мерки – од подобра едукација, преку регулација на храната што се продава на децата, до национални програми за здрави оброци во училиштата – проблемот со дебелината може дополнително да се продлабочи.