СЕ ТОПАТ АЛПСКИТЕ ГЛЕЧЕРИ ВО ШВАЈЦАРИЈА И ОТКРИВААТ МНОГУ ТАЈНИ Пронајдено тело на алпинист исчезнат пред 37 години
Глечерот Теодул, како и другите глечери низ Алпите, видно се намалува во последните години. Теодул е дел од скијачки регион Зермат кој е најголем во Европа.
Човечкото тело пронајдено на глечер недалеку од швајцарскиот Матерхорн му припаѓа на германски алпинист кој исчезнал во 1986 година. Откритието е последното од големиот број долго чувани тајни што ги откриваат алпските глечери, кои сега брзо се намалуваат поради климатските промени.
Телото беше пронајдено на почетокот на месецот од страна на алпинисти кои откако го преминале глечерот Теодул над Зермат, во мразот го забележале смрзнатиот чевел на планинарот и крампони. ДНК анализата потврдила дека се работи за германски алпинист кој исчезнал пред 37 години. По него била започната опсежна операција за пребарување и спасување, но таа не вродила со плод. Полицијата не го прецизира неговиот идентитет, потврдувајќи само дека тој имал 38 години кога исчезнал.
Глечерот Теодул, како и другите глечери низ Алпите, видно се намалува во последните години. Теодул е дел од скијачки регион Зермат кој е најголем во Европа.
До 80-тите години на минатиот век, Теодул сè уште бил поврзан со соседниот глечер Горнер, но сега тие се одвоени. Речиси секое лето, мразот што се топи открива нешто или некој што исчезнал пред неколку децении. Така, минатата година, остатоците од авионот што се урна во 1968 година излегоа од глечерот Алеч.