СЕ СЛУШАШЕ САМО КРАТОК ПРИДУШЕН КРИК И СЀ БЕШЕ ГОТОВО Како убивал озлогласениот командант на Аушвиц, Рудолф Хес?
Летото 1941 година, не можам да се сетам на точниот датум, ненадејно бев повикан кај Рајхсфирерот. Спротивно на неговиот обичај, Химлер ме прими без присуство на аѓутанти и ми рече: Фирерот нареди да се реши еврејското прашање еднаш за секогаш и дека ние треба да го спроведеме тоа, раскажал Рудолф Хес.
На судењето во Нирнберг, командантот на Аушвиц од 1940 до 1943 година, Рудолф Хес, рекол дека почувствувал големо олеснување кога пронашол ефикасен начин за убивање луѓе. Откривањето на смртоносниот гас „циклон Б“, како што објаснил, во голема мера му предизвикало олеснување на душата.
Нацистот Рудолф Хес го презел Аушвиц во 1940 година. Неговите надредени одлучиле „еврејското прашање“ да се реши преку масовно истребување, а тој веднаш започнал да ја исполнува задачата.
Хесовото откритие – циклон Б – водело до целта со голема ефикасност. До крајот на војната, тој лично наредувал да се убиваат и по 2.000 луѓе дневно.
Како Рудолф Хес станал нацист?
Роден е на 25 ноември 1900 година во Баден-Баден во Германија. Најголемиот дел од своето детство го поминал со желбата еден ден да стане свештеник. Тоа била желба и на неговиот строг татко.
– Родителите ме воспитуваа да бидам послушен и полн со почитување кон сите повозрасни луѓе, а особено кон старците, без оглед на нивниот социјален статус – сведочел Хес.
Кога имал 15 години, неговиот татко починал, а тој го одложил пристапувањето во црквата и ѝ се приклучил на германската војска во Првата светска војна.
Хес се истакнал и веќе на 17 години станал подофицир. Дури двапати го освојувал Железниот крст за храброст. Откако Германија забележала пораз, Хес се чувствувал многу разочарано и предадено. Како и многу други поранешни војници, тој ѝ се придружил на паравоената единица, а се приклонил и кон десничарската политика која како причина за поразот на Германија во војната ги издвојувала Евреите.
Иако е осуден на 10 години затвор, Хес е пуштен на слобода во 1928 година како дел од договорот за општа амнестија. Подоцна, во 1929 година, ја запознал својата сопруга Хедвиг Хенсел, а истата година запознал уште една личност која многу влијаела врз неговиот живот – Хејнрих Химлер.
ОД СС до Аушвиц
Кога во 1929 година Адолф Хитлер го именувал Хејнрих Химлер за командант на германскиот Шуцштафел, Химлер го повикал Рудолф Хес да му се приклучи.
Како СС официр, Хес во 1934 година отишол во концентрациониот логор Дахау. Во тоа време, Дахау бил повеќе центар за „превоспитување“ отколку логор за истребување, но искуството било доволно „поучно“ за да го инспирира Хес за многу работи што ги правел шест години подоцна во Аушвиц.
– Секој кој покажува и најмалку симпатија кон затворениците мора веднаш да исчезне од нашите редови. Потребни ми се сао цврсти, целосно посветени СС луѓе. Меѓу нас нема место за мекуши – грмел Теодор Ајке, командант на логорот.
На почетокот на Хес му било многу тешко да ги гледа бруталните малтретирања врз затворениците.
– На почетокот на војната за првпат присуствував на погубување, но тоа на мене не влијаеше ни приближно како присуството на брутално тепање – изјавил Хес подоцна.
На Ајке многу му се допаднал Хес, па го препорачал за унапредување. Хес најпрво бил помошник-командант во концентрациониот логор Захсенхаузен, а во 1940 година бил поставен на чело на Аушвиц.
Втората светска војна беснеела, а Химлер имал посебен план за Аушвиц.
– Летото 1941 година, не можам да се сетам на точниот датум, ненадејно бев повикан кај Рајхсфирерот. Спротивно на неговиот обичај, Химлер ме прими без присуство на аѓутанти и ми рече: Фирерот нареди да се реши еврејското прашање еднаш за секогаш и дека ние треба да го спроведеме тоа – раскажал Хес.
Но, Хес имал проблем. Требало да убие луѓе, илјадници луѓе, и морал тоа да го стори ефикасно. По посетата на логорот Треблинка, тој го критикувал командантот на логорот поради користењето јаглероден-моноксид.
– Мислев дека неговите методи не ефикасни – раскажал Хес.
Наместо тоа, Рудолф Хес користел гас наречен „циклон Б“ – пестицид на база на цијанид.
– Со гас-маска на лицето, лично ги следев убиствата. Во преполната гасна комора, смртта настапуваше во истиот момент кога циклон Б ќе беше пуштен. Се слушаше само краток придушен крик и сè беше готово за секунда – сведочел Хес.
Понекогаш, истакнал Хес, се чувствувал многу лошо поради ужасниот чин, а посебно му било тешко кога убивал мали деца. Но, колегата нацист Адолф Ајхман постојано го убедувал дека тие го прават тоа поради поголеми цели.
– Ајхман ми објасни дека токму децата се тие што први мораме да ги убиеме. Ми рече дека во никој случај не смееме да ги оставиме живи потенцијалните одмазници на своите родители – рекол Хес.
Хес придонел да порасне бројот на убиства во Аушвиц. Со циклон Б, нацистичкиот командант можел да убива и до 2.000 луѓе дневно. Во извештајот на СС од 1944 година, Хес е пофален како „вистински пионир во областа поради новите идеи и методи“.
Во текот на работата во Аушвиц, Хес со својата сопруга живеел идиличен живот во близина на логорот.
Кога во 1945 година завршила војната, а Германија била поразена, Рудолф Хес побегнал.
Смртта на Рудолф Хес
Откако некое време живеел под лажно име, германскиот Евреин кој побегнал од Берлин кога нацистите дошле на власт, Ханс Александар, го пронашол Рудолф Хес, по што поранешниот командант бил уапсен и бил изведен на суд.
За разлика од многу други нацисти, Хес покажал каење. Признал дека му било жал за жртвите, но дека морал да ги извршува наредбите.
– Тоа беа монструозни наредби. Добивав наредби и морав сам да ги извршувам – сведочел Хес.
Тој бил осуден на смрт. Поранешните затвореници во Аушвиц потпишале петиција со која се барало Хес да биде обесен во Аушвиц, а нивното барање било прифатено.
На 14 април 1947 година, поранешниот командант на Аушвиц бил вратен на местото на злосторството. Тој бил обесен на местото каде што илјадници луѓе испратил во смрт.
НАПОМЕНА:
Да не дојде до забуна, станува збор за Рудолф Франз Фердинанд Хес, а не за Рудолф Валтер Ричард Хес, кој во историјата е познат по тоа што му бил десна рака на Адолф Хитлер.