СЕ СЕЌАВАМЕ НА ДЕНОВИТЕ КОГА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ СЕ СОЕДИНИ СО МАКЕДОНИЈА Бугарите одамна го признаа како македонски син
Од селото Баница, преку Ксанти, Пловдив и Софија, посмртните останки на македонскиот револуционер 43 години патуваа до Скопје, за во првите денови на октмоври во 1946 година конечно да се исполни заклетвата тој да почива во престолнината на Македонија.
Деновиве навршуваат 76 години од свеченото пренесување на коските на Гоце Делчев од Софија во главниот град на тогашна НР Македонија, Скопје. Тоа е еден од најважните политички и историски настани во поновата историја на македонскиот народ.
Во 1946 година завршува последното патешествието на светите Гоцеви коски од Егејска низ Пиринска во Вардарска Македонија. Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, Македонија бара од Бугарија коските на Гоце да бидат пренесени во НРМ. Според некои извори, тоа го побарал Димитар Влахов, кој имал блиски релации со тогашниот бугарски претседател Георги Димитров. Предавањето на моштите на Гоце Делчев било одобрено од него, човек по потекло од Пиринска Македонија.
Дома после 43 години од смртта
Македонија чекала цели 43 години за да ги прибере коските на Гоце. Македонските власти побарале од Националниот комитет на Сојузот на македонските братства во Бугарија да се согласи останките на Гоце да се пренесат во Скопје. Националниот комитет го прифатил барањето и на 4 октомври 1946 година организирал поклонение на Гоцевите останки.
За пренесувањето на коските во Скопје биле изврешени посебни подготовки. Бил изработен нов саркофаг во резба од страна на македонскиот уметник Нестор Алексиев. На предната страна се наоѓал ликот на Гоце, на задната страна знамето на ВМРО, а на страничните грбовите на Македонија и на Југославија. Била избрана посебна делегација и почесен одред предводен од генералот Кирил Михајловски – Груица.
Трогателни церемонии
Според спомените на овој генерал, по официјалната церемонија во Софија, коските во придружба на околу 2 000 Македонци, ја напуштиле престолнината на Бугарија. На 7,8 и 9 октомври 1946 година саркофагот со коските по минал низ Егејска и Пиринска Македонија, а насекаде народот му одавал последна почит на Гоце. Груица раскажува:
„На пат меѓу Симитли и Петрич, во едно село каде што населението беше од Кукуш, машко и женско, старо и младо, празнично облечени, легнаа наземи кога лафетот поминуваше покрај нив“.
Весникот „Македонско знаме“ напишал:
„Една трогателна манифестација на еден народ, кој бил секогаш единствен во своите идеали и остана до крај верен на Гоце Делчев. Гоце – мртов се соедини со својот слободен народ во својата слободна држава“.
Биле одржани посебни манифестации во Македонија. Тие ја достигнале својата кулминација на 10 октомври 1946 година во Скопје, кога останките на Гоце пристигнале во престолнината на македонската држава. Коските биле положени во црквата „Свети Спас“, а подоцна е изработен монументален мермерен саркофаг во кој почиваат земните останки на Гоце. Пред овој саркофаг се поклониле многу политичари и државници, меѓу кои и Јосип Броз Тито.
Интересно е дека на на свечената академија во Скопје, одржана на 7 октомври 1946 година, за значењето на испраќањето на посмртни останки на Гоце Делчев во Скопје, како и за неговото животно дело, говорекл и академик Тодор Павлов (исто така од македонско потекло), еден од тројцата регенти на Царството Бугарија од 1944 до 1946 година. Во својот говор, Павлов недвосмислено ќе каже: „Македонија може да биде, треба да биде и конечно ќе биде обединета во своите природни историски граници. Така обединета, моќна, слободна, суверена и од секој поглед прогресивна, таа навистина ќе стане моќна обединувачка алка на балканските словенски и другите демократски народи – славна историска улога на која беше предодредена дури и во времето на нејзиниот бесмртен син Гоце Делчев“.
Кој ги чуваше Гоцевите посмртни останки?
Македонскиот народ долго ги чувал, како скапа реликвија, коските на Гоце Делчев. Најголема заслуга за тоа имале македонскиот деец Михаил Чаков и Илинденската организација. По битката кај Баница, со дозвола на турските власти, Гоце Делчев бил погребан заедно со Димитар Гуштанов. Во 1906 година, Чаков и Таската Спасов Серски тајно го откопуваат гробот и посмртните останки ги предаваат на клисарот на црквата „Св. Никола“, Никола Мутафчиев, кој изработува сандаче за коските и ги сместува под престолот во црквата. Сите биле заколнати да ја чуваат тајната на сандачето.
Во текот на Првата светска војна Баница настрадала, а Чаков ги прибрал коските во Ксанти. Потоа ги пренесува во Пловдив и во Софија. Чаков ја чува тајната се до август 1923 година, кога коските на Делчев биле изложени во црквата „Св. Недела“ во Софија. Откако биле сместени на таванот на црквата, Илинденската организација ги презема во нивниот дом во Софија каде коските на Делчев биле сместени во саркофаг. На предната страна била испишана заклетвата на македонските генерации, коските на Гоце да бидат пренесени во престолнината на Македонија.
Пренесувањето на коските на македонскиот револуционер во просториите на Илинденската организација во 1923 година било документирано и снимено со камера од македонскиот револуционер и публицист Арсениј Јовков, во документарниот филм „Македонија“. Филмот набргу бил забранет од бугарските власти, а една година подоцна, во 1924-та, Арсениј Јовков бил заклан по наредба на бугарскиот слуга Ванчо Михајлов.
Ова е една ретка снимка од пренесувањето на моштите на Гоце во Македонија:
ШТО КАЖА ТОДОР ПАВЛОВ ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ?
Како и да е, не смееме да бидеме неправедни спрема сеќавањето на големиот македонски син, и затоа тука, сепак, сме должни да одбележиме дека Гоце напишал во едно свое писмо: „Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“ Овој восклик на Гоце покажува дека ако тој беше жив, во никој случај немаше да остане рамнодушен на фактот дека денес во Македонија има маса книги, а не само поетски и публицистички, напишани токму на македонски јазик, кој веќе прилично се разви и се повеќе и повеќе се дооформува и усовршува како нов литературен македонски јазик.
Лириката на Рацин, на Неделковски и особено на Венко Марковски и на цела редица други талентирани македонски поети, прекрасни списанија и многу други дела кои излегуваат со зголемено темпо, прекрасни драмски дела, изведени со огромен успех од страна на Скопскиот народен театар, од чие мајсторство и ние овде во главниот град на братска Бугарија, имавме неодамна прилика да се восхитуваме, не само од изведбата на артистите, туку и од кршниот и звучен македонски јазик – сето тоа е непобитен доказ дека желбата на Гоце е веќе историски факт кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги на нашите великобугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата наназад, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет.
Но, како што реков погоре, и пак ќе кажам, и покрај сето ова, Гоце со самата негова револуционерна дејност и особено со немилосрдната борба против великобугарските, великосрпски и други злоупотреби за сметка на македонскиот народ и револуција, неизмерно придонесе за таквото решение на ова прашање, кое историјата веќе му го даде без можност за ревизија, и кое логично ги надополни и ги доврши самите револуционерни македонско-ослободителни погледи и дејност на Гоце.