САД ЗАБРАНИЈА ПОВИЦИ СОЗДАДЕНИ ОД ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА „Роботските повици“ веќе влегоа во претседателската кампања

Одлуката доаѓа откако властите во американската сојузна држава Њу Хемпшир спроведуваат интензивна истрага за случајот со „роботски повици“. Роботските повици го имитирале гласот на американскиот претседател Џо Бајден. Измамниците сакале да ги одвратат луѓето од учество на прелиминарните избори на Демократската партија за утврдување кандидат за претседател на САД во 2024 година.

162

Американската Федерална комисија за комуникации (ФКК) забрани роботски повици до граѓаните кои содржат човечки гласови создадени со вештачка интелигенција (ВИ). Тоа значи дека нема да се толерира искористувањето на оваа технологија заради измама. Одлуката ќе стапи во сила веднаш, а ФКК ќе може да ги казнува лицата и компаниите кои користат гласови генерирани со ВИ и да ги блокира таквите повици.

Оваа едногласна одлука на ФКК се однесува на „робоповиците“ засновани на ВИ за пресоздавање гласови од познати или од непознати личности. Според Законот, телефонските оператори не смеат да користат автоматизирани системи, ниту вештачки создадени или претходно снимени гласовни пораки за да контактираат со потрошувачите преку мобилни или фиксни телефони, освен ако прво не добијат изрична писмена согласност од потрошувачот за таков повик.






Претседателката на ФКК Џесика Розенворсел изјави дека „лошите момчиња“ веќе користат ВИ и „робоповици“ за да се претставуваат како познати луѓе, да изнудат пари или да дезинформираат гласачи.

– Ова изгледа како нешто од далечната иднина, но заканата е веќе тука… Сите може да бидеме цел на овие лажни повици, па почувствувавме дека е време за акција, сега и веднаш – изјави Розенворсел.

Максималната казна за прекршител е 23.000 долари по повик. На примачот на лажниот повик кој иницира спор му е дозволена отштета до 1.500 долари за секој несакан повик.

Одлуката доаѓа откако властите во американската сојузна држава Њу Хемпшир спроведуваат интензивна истрага за случајот со „роботски повици“. Роботските повици го имитирале на гласот на американскиот претседател Џо Бајден. Измамниците сакале да ги одвратат луѓето од учество на прелиминарните избори на Демократската партија за утврдување кандидат за претседател на САД во 2024 година.

ФКК успешно се справи со првите „робоповикувачи“ кои се обидоа да се вмешаат во изборите. Имено, казнети се двајца конзервативци – измамници со по пет милиони долари за лажно информирање луѓе во области со доминантно црнечко население. Јавувачот тврдел дека гласањето по пошта може да доведе до опасност од апсење, посета од извршители за долгови, па дури и до присилна вакцинација.

Поврзани содржини