РУСИТЕ ГО ПРОДАДОА АПАРТМАНОТ НА ЗЕЛЕНСКИ НА КРИМ Конфискуваниот стан на аукција е продаден за 480.000 долари
Сопругата на Володимир Зеленски, Олена, го купила апартманот во 2013 година, една година пред Русија да го окупира полуостровот кога сегашниот претседател на Украина сѐ уште беше актер.
Апартман на Крим во сопственост на семејството на украинскиот претседател Володимир Зеленски бил продаден од окупаторските руски власти на аукција, јави руската државна новинска агенција ТАСС.
Станот од 120 квадратни метри во луксузното одморалиште Јалта на југот на полуостровот е продаден за 44,3 милиони рубљи (480.000 долари), што е речиси двојно повеќе од првичната понуда.
На аукцијата имало само двајца понудувачи. Официјален претходен сопственик на станот била сопругата на Володимир Зеленски, Олена, која го купила апартманот во 2013 година, една година пред Русија да го окупира полуостровот. Тогаш Зеленски сѐ уште беше актер.
Станот има три соби со поглед на Црното Море и палатата Ливади, летната резиденција на Николај Втори, последниот руски император.
Експропријацијата била извршена на почетокот на оваа година по измената на законот едногласно усвоена од Парламентот на Крим. Според извештаите, некои од приходите треба, да бидат искористени за војната против Украина.
Купувачот Олга Липовечкаја изјави за порталот Mash news дека го купила имотот поради неговата локација и климата на Крим, а не поради неговата историја.