РОБОТСКИТЕ ТАКСИ ВОЗИЛА ЌЕ ГИ ОСВОЈАТ МЕТРОПОЛИТЕ ДО 2035 ГОДИНА Европа ќе каска зад Кина и зад Америка

Автономните таксија забрзано влегуваат во мегаполисите и го менуваат пазарот на градски превоз. Регулативите и трошоците ќе одлучат кој ќе вози прв, а кој ќе чека на семафор. На долг рок, роботаксијата би можеле да заменат 55% до 85% од градските патувања во економски развиените метрополи.

77

Низ светските метрополи до 2035 треба да кружат најмалку 700.000 роботски такси возила, а можеби и до 3 милиони целосно автономни возила. САД и Кина ќе ја водат експанзијата, но Европа ќе чекори побавно, вели анализата на Boston Consulting Group.

Европа, според анализата, ќе се соочи со фрагментирана регулаторна рамка. Трошоците за енергија и за одржување се повисоки. Регулативите се построги. Тоа ќе ја забави комерцијализацијата.






Текстот со наслов „Конечно е тука Еволуцијата на роботакси“ прогнозира силен раст на пазарот со оваа нова технологија. Според конзервативната проценка, Кина би можела да има 850.000 роботакси до 2035 година. САД околу 350.000. Европа приближно 120.000.

Кина веќе ја држи предноста. Околу 60% од анкетираните потрошувачи таму изјавиле дека се отворени за користење роботакси. Во САД и во Европа таа подготвеност се движи меѓу 30% и 35%.

 

Студијата покажува промена во перцепцијата. Роботаксито станува привлечно за луѓе кои не се фасцинирани од технологија, туку бараат безбедност и пониска цена. Boston Consulting Group очекува прифаќањето во САД да достигне 60% до 2030 година. Во Европа да надмине 45%.

Boston Consulting Group проценува дека лансирање комерцијална операција во еден град во САД може да трае до 2 години. Цената се движи меѓу 15 и 30 милиони долари.

Кина има друга математика. Оперативните трошоци таму се 30% до 50% пониски. Причината лежи во поевтина технологија и пониски трошоци за работна сила.

 


Сепак, почетниот ентузијазам за оваа технологија ослабел. Неколку компании се повлекле или ја смениле стратегијата. Практичните пречки биле сериозни.

Но, во градови како Сан Франциско, Лос Анџелес и во Пекинг веќе се лансирани комерцијални услуги. Тоа му дава нова енергија на пазарот.

На долг рок, роботаксито би можело да замени 55% до 85% од градските патувања во економски развиените метрополи. Скапото паркирање ја засилува атрактивноста на оваа нова услуга.

Сепак, приватните автомобили нема да исчезнат и ќе останат доминантни на места кајшто нема големи сообраќајни метежи и кајшто ќе има ниски емисии на јаглерод, смета Boston Consulting Group.

Поврзани содржини