РЕИНКАРНАЦИЈА, ТАЈНИ ЗНАЕЊА И ДРУГИ ЧУДНИ ВЕРУВАЊА НА ДРУЗИТЕ Кои се луѓето што не дозволуваат никој нов да им се приклучи?

Друзиската теолошка школа потекнува од Египет на почетокот на 11 век како секта во рамките на шиитскиот ислам. Оваа школа се смета за езотерична од страна на официјалниот ислам. Обвиткана во еден вид тајност, друзската мисла вклучува мистични елементи како што е верувањето во реинкарнација.

420

Друзите се малцинство на Блискиот Исток, поделени меѓу Израел, Либан и Сирија, кои се стремат да го зачуваат својот идентитет.

– Друзите се натплеменска заедница што ги надминува просторот и географијата – вели Макран Рабах, историчар и професор на Американскиот универзитет во Бејрут.






Повеќе од еден милион Друзи од Блискиот Исток одиграле многу важна улога во регионот, додава тој, прецизирајќи дека Друзите се дел од основачките заедници во Либан и во Сирија.

Во последните денови имаше судири меѓу Друзите и бедуините во јужна Сирија, а по тој повод Франс-прес, презентира извештај за Друзите.

Секта што постои од 11 век

Друзиската теолошка школа потекнува од Египет на почетокот на 11 век како секта во рамките на шиитскиот ислам. Оваа школа се смета за езотерична од страна на официјалниот ислам.

Обвиткана во еден вид тајност, друзската мисла вклучува мистични елементи како што е верувањето во реинкарнација.

– Не сфаќате дека одредени луѓе се Друзи сè додека самите не го признаат тоа – вели Макрам Рабах.

Заедницата Друзи не прифаќа нови членови и не охрабрува бракови надвор од нејзините граници. Бракот надвор од верата Друзи е редок и силно се обесхрабрува.

Интересно е што, според верувањето на Друзите, секој денешен член на заедницата е реинкарнација на претходен Друз – душа што се прераѓа исклучиво во рамките на својот народ, бидејќи, како што велат тие, „кој еднаш станал Друз, останува Друз“, а нови конверзии не се дозволени, објаснува Маоз Израел.

Многу религиозни практики на Друзите се чуваат во тајност, дури и од заедницата како целина. Само елита на иницијанти, познати како ʿuqqāl (луѓе кои знаат), целосно учествуваат во нивните религиозни служби и имаат пристап до тајните учења на светите списи, Ал-Хикма ал-шарифа, се вели во текстот на Енциклопедија Британика.

Религиозните празници на Друзите се совпаѓаат со муслиманскиот календар. Традиционалната облека на Друзите е црна. Мажите носат бели турбани или шапки со специфична форма, а жените ги покриваат главите и дел од лицето со долг бел превез.

– Друзите всушност не ги признаваат исцртаните граници – вели Рабах, додавајќи дека тоа се должи на фактот дека Друзите стапуваат во брак во рамките на својата заедница низ целиот регион, додавајќи дека религиските водачи играат многу важна улога во одржувањето на овие регионални врски меѓу Друзите.

700.000 Друзи живееле во Сирија пред граѓанската војна

Пред почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година, земјата беше дом на околу 700.000 Друзи, кои зборуваа арапски, заеднички јазик за целата земја, што е вистински мозаик од заедници.

Според универзитетскиот експерт и калиграф Сами Макарем, кој живеел од 1931 до 2012 година, Друзите почнале да мигрираат во јужна Сирија во 16 век, во регион што сега се нарекува Џабал ал-Друзи во покраината Свеида.

Сириските Друзи се особено концентрирани во оваа покраина, која е нивно упориште, како и во соседната покраина Кунеитра и во предградијата на Дамаск, особено Џарамана и Сана, кои пролетва беа погодени од секташко насилство.

Во Либан, според проценките, околу 200.000 Друзи живеат главно во планинските централни региони и во јужните делови на земјата, во близина на границите со Израел и Сирија.

Во Израел, околу 153.000 Друзи се израелски државјани, кои живеат главно во северните делови на земјата.

За разлика од другите израелски Арапи, од Друзите се бара да служат и во израелската армија.

Во сириската Голанска Висорамнина, анектирана од Израел, околу 22.000 Друзи имаат статус на лица со постојан престој. Само 1.600 од нив добиле израелско државјанство, додека, пак, други остануваат врзани за својот сириски идентитет.

Анексијата на Голан од страна на Израел раздели цели семејства, иако Друзите од анектираниот Голан честопати можат да ја посетат Сирија за да студираат или да присуствуваат на свадби.

Некои Друзи од јужна Сирија се населиле и во соседниот Јордан, каде што се проценува дека заедницата Друзи брои помеѓу 15.000 и 20.000.

Надвор од Блискиот Исток, дијаспората на Друзите се етаблирала во Северна Америка, Латинска Америка и во Австралија.

Движечка сила на национализмот уште од Отоманското Царство

Друзиските лидери се движечката сила на национализмот на Блискиот Исток уште од Отоманската Империја.

Во Сирија, друзискиот султан Паша ал-Атраш, кој предводел бунт во 1925-1927 година, бил претходник на независноста на Сирија од Франција, која конечно била постигната во 1946 година.

Во Либан, друзискиот лидер Камал Џумблат одиграл клучна улога од 1950-те до неговото убиство во 1977 година, наредено од Сирија, за време на Либанската граѓанска војна.

Од падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во декември, Израел ја засили својата поддршка за Друзите во Сирија, солидарност која се перцепирала различно во рамките на заедницата.

Валид Џумблат (76), кој ја презеде функцијата на нов лидер на друзиската заедница во Либан, ги повика Друзите во Сирија да ја отфрлат израелската интервенција, а друзиските лидери во Сирија ја потврдија својата лојалност кон обединета Сирија. Но, некои Друзи повикаа на меѓународна заштита по пролетното насилство врз нив.

Во Израел, духовниот лидер на Друзите, шеикот Мофак Тариф, ја повика еврејската држава да ги заштити друзите во Сирија.

Поврзани содржини