РАБОТАТ НАДВОР САМО НОЌЕ БИДЕЈЌИ ДЕЊЕ Е ПЕКОЛ Во земјата во која никој не се населува, не се плаќа данок и лековите се бесплатни

Сите во Кувајт се трудат да останат во затворена просторија бидејќи насекаде е климатизирано. По закон не се работи на отворено од 10 часот до 17 часот, па работниците работат од полноќ до утрината.

3,957

Немилосрдното сонце ги натерало властите на државата Кувајт да воведат закон со којшто се спречува излегување надвор кога е најголема жештина.

Туристичкиот водич и жител на Кувајт Валид Алками пораснал во најжешкиот град на светот каде што немилосрдната жештина ги принудува жителите да избегаат во текот на летото. Тој сведочи дека секоја година таму е сѐ потопло и потопло.






Валид целиот свој живот го поминал во Кувајт местото во кое вели дека „никој никогаш не се преселува“.

– Моментално, времето е совршено. Температурата наутро е 19 Целзиусови степени, а навечер 17 Целзиусови степени. Но, кон средината на јуни, температурите надминуваат 50 Целзиусови степени – вели туристичкиот водич.

На 21 јули 2016 година метеоролошката станица Митрибах, во северен Кувајт, забележала температура од 54 Целзиусови степени (што е трета највисока температура во светот). Температурата во 2021 година достигнала над 50 степени Целзиусови во текот на 19 дена, што е рекорд којшто би можел да биде урнат годинава.

Климатските научници предупредуваат дека Кувајт се загрева побргу од останатиот дел од светот, а се предвидува дека температурите ќе се зголемат за околу 5,5 степени до крајот на векот во споредба со 2000-те.

– Сите се трудат да останат во затворена просторија бидејќи насекаде е климатизирано. Поголем дел од жителите бегаат од жештината и летаат надвор од Кувајт. Претпријатијата се затвораат. По закон не може да работите на отворено од 10 часот до 17 часот, па работниците работат од полноќ до утро – додава Валид.

Во речиси сите затворени јавни простори има клима уреди, додека, пак, улиците се покриени со прскалки. Забраната на тамошната Влада за работа на отворено од 10 до 17 часот важи во летните месеци и е осмислена за да се спречи умирање на луѓето во временски услови кои претставуваат постојана опасност.

Меѓутоа, доколку лете се упатите во Кувајт, можеби ќе забележите дека правилото не се применува секаде. Работниците, кои неодамна емигрирале во земјата, работат на високи температури, покриени низ цело тело, од глава до пети, за колку-толку да се спасат од немилосрдното сонце.

– Кувајт станува сѐ пожежок, веќе со години е така. Се грижам поради глобалното затоплување. На секои неколку години, температурата се зголемува за 0,5 Целзиусови степени. Но, нема да се селиме. Валутата тука е една од најмоќните во светот, не плаќаме данок, Владата субвенционира сѐ, а цените на горивата се двојно пониски од тие во Саудиска Арабија. Лековите и образованието се бесплатни – истакнува Алками.

Поврзани содржини