ПУТИН МИ РЕЧЕ „ВЕ ПУШТИВ ВО НАТО И ВО ЕУ“ Колинда Грабар Китаровиќ раскажува за „руската хибридна акција“ во Хрватска
Поранешната хрватска претседателка тврди дека во разговор со Путин непосредно пред влезот на Црна Гора во НАТО рускиот претседател ѝ рекол дека ги пуштил Словенија и Хрватска да се измолкнат во ЕУ и во НАТО, но дека нема да дозволи другите земји да заминат во овие сојузи.
„Но Путин ми рече, во еден од отворените разговори што ги имавме, дека за жал ги оставил Словенија и Хрватска да се измолкнат и да станат членки на ЕУ и НАТО, но дека нема да дозволи други земји да заминат“.
Вака изјави поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ во 47-минутно интервју за поткастот „One Decision“ на поранешниот директор на британската надворешна разузнавачка служба Ми6.
Хрватскиот Н1 пренесува дека во изјавата Грабар Китаровиќ мисли на разговар со рускиот претседател кој се случил пред влезот на Црна Гора во НАТО. Таа во интервјуто вели дека разговорот бил „значаен затоа што (Русите) буквално се обиделе да предизвикаат државен удар пред да влезе Црна Гора“.
Таа предупреди дека Путин „повторно создава сфери на влијание“, но дека оди „многу подалеку од сферата на влијание што Руското Царство, на пример, ја имало на Балканот.
Vladimir Putin met with President of Croatia Kolinda Grabar-Kitarovic in the Kremlin https://t.co/ZMp478mClk pic.twitter.com/GEHDC0Dh1Y
— President of Russia (@KremlinRussia_E) July 15, 2018
На прашањето зошто загубила од актуелниот претседател Зоран Милановиќ на претседателските избори во 2020 година таа вели дека тоа е поради „руска хибридна акција“.
– ЛНГ-терминалот беше најголемата точка на расправија со Русија и веројатно беше причина за хибридните акции за време на изборната кампања, што придонесе за резултатот од изборите во 2020 година – рече Грабар Китаровиќ.
Поранешната претседателка на Хрватска исто така рече дека во нејзината земја нема проруски настроени гласачи и дека оние што се отворено проруски се „мотивирани од економски интереси“ поврзани со руското влијание врз енергетскиот сектор.
Грабар Китаровиќ предупреди дека „оние што се против влезот на Босна и Херцеговина во НАТО и ЕУ“ користат изговори за тоа да не се случи, оценувајќи дека требало да се искористи моментот од пред неколку години кога целото раководство на Босна и Херцеговина се согласи да се приклучи на акциониот план за членство (МАП) во НАТО „вклучувајќи го (претседателот на Република Српска Милорад) Додик“.
Таа додаде дека денес Додик е „проруски и пропутиновски настроен“ и дека „добива инструкции од Путин или од некој друг од Русија“.
– За жал, ја загубивме можноста бидејќи Република Српска сега јасно става до знаење дека не сака ниту во НАТО ниту во ЕУ – заклучува таа.