ПУТИН И ИЛОН МАСК РЕДОВНО СЕ СЛУШААТ ПО ТЕЛЕФОН? Муабетат за сателити, технологија и за геополитика

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, тврди дека единствената комуникација што Кремљ ја имал со Маск била преку еден телефонски разговор во кој тој и Путин разговарале за „вселенската, како и за сегашните и идните технологии. „Волстрит Џурнал“ пишува дека милијардерот редовно се слуша со рускиот претседател во последните две години.

1,282

Илон Маск, најбогатиот човек на светот, бил во редовен контакт со рускиот лидер Владимир Путин во последните две години, според извештајот на „Волстрит Џурнал“. Весникот цитира неколку поранешни американски, европски и руски функционери. Тие тврдат дека Путин го молел Маск да не го активира сателитскиот интернет Старлинк над Тајван како услуга кон кинескиот претседател Си Џинпинг, кој е сојузник на Путин.

Во анализата на „Волстрит Џурнал“ се вели дека обемот на контактите на Маск со Путин е строго чувана тајна и дури дека и некои функционери во Белата куќа на Бајден не биле свесни за нив. Маск уште не го коментираше написот.






Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, тврди дека единствената комуникација што Кремљ ја имал со Маск била преку еден телефонски разговор во кој тој и Путин разговарале за „вселенската, како и за сегашните и идните технологии“.

Песков инсистираше на тоа дека ниту Путин, ниту другите претставници на Кремљ не одржуваат редовни разговори со Маск. Сепак, во извештајот на Журнал се вели дека разговорите со највисоките руски функционери траеле од 2022 година до оваа година и го вклучиле Сергеј Кириенко, првиот заменик началник на кабинетот на Путин.

Кириенко беше обвинет од американското Министерство за правда минатиот месец дека создал 30 интернет домени, некои на социјалната мрежа Икс на Маск, за ширење на руски дезинформации наменети да ја намалат поддршката за Украина и да влијаат на претседателските избори во САД закажани за 5 ноември.

Илон Маск е клучен играч во американската вселенска програма преку својата компанија Спејс Икс. Трамп во кампањата досега доби вкупно 119 милиони долари во донации од милијардерот Илон Маск. Милијардерот и лично се појави на некои од митинзите.

Понатаму, доколку Трамп биде избран на 5 ноември, Маск би можел да игра важна улога во новата американска администрација. Трамп предложи Маск да ја предводи владината комисија за ефикасност доколку победи.

– Ова е приказна за олигархиско заробување на САД. Ако луѓето како Маск го реизбраат Трамп, тие ќе очекуваат секакви регулаторни подароци во нивна полза – рече Фиона Хил, која беше висок директор за европски и руски прашања во Белата куќа на Трамп.

Таа ја спореди ситуацијата во САД сега со најславниот период на олигарсите во Русија по падот на Советскиот Сојуз.

Во октомври 2022 година, Маск објави на тогашниот Твитер план за мир меѓу Русија и Украина кој во голема мера ги одразуваше позициите на Москва.

Иан Бремер, политиколог кој раководи со американската консултантска фирма „Eurasia Group“, рече дека Маск му кажал дека директно разговарал со Путин и претставниците на Кремљ во врска со состојбата во Украина.

Маск го негираше тврдењето на Бремер, но Хил, која присуствуваше на истата елитна конференција во Аспен, Колорадо како и Маск еден месец претходно, рече дека тоа е вистина. Таа рече:

– Тој му кажа на Иан Бремер дека разговарал со Путин и им кажа на многу други луѓе. Маск во основа ги откри работите што му ги кажа Путин.

На почетокот на овој месец, новинарот Боб Вудард во својата нова книга објави дека самиот Трамп имал дури седум приватни телефонски разговори со Путин откако ја напуштил функцијата. Трамп рече дека нема да го коментира известувањето, но дека доколку разговарал со Путин тоа ќе било „паметна работа“.

 

Поврзани содржини