ПУТИН Е ПОСРЕДНИК, ИГРАЧ ИЛИ САМО НАФРЛУВАЧ НА ИДЕИ? Американските напади врз Иран го ставаат рускиот лидер во незгодна, но потенцијално добитна позиција

Руското дипломатско влијание врз Иран е значаен адут за Владимир Путин. Иако Москва е сѐ повеќе изолирана од Западот по анексијата на Крим во 2014 и по инвазијата врз Украина во 2022, нејзината блискост со Техеран и натаму се смета за клучна во секоја потенцијална спогодба околу иранската нуклеарна програма.

1,509

Одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, да започне напади врз Иран му носи на рускиот претседател Владимир Путин и опасност и можност: нападите удрија врз стратешки партнер на Москва, но можеби отвораат и потенцијален прозорец за дипломатско влијание на Русија.

По нападите на САД врз клучни делови од иранскиот нуклеарен комплекс, Техеран се сврте кон Москва. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави во неделата дека ќе отпатува во Русија на консултации со Путин во понеделник.






Говорејќи на прес-конференција на маргините на состанокот на Организацијата за исламска соработка во Истанбул, Аракчи рече дека ќе одржи „сериозни консултации со рускиот претседател“ за ескалацијата на конфликтот, во кој сега директно се вмешаа и САД.

Тоа не е изненадување. Иран и Русија ги продлабочија врските во изминатите месеци, откако двете земји потпишаа договор за стратешко партнерство за време на посетата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на Кремљ во јануари. Посетата на Аракчи, изгледа, била веќе планирана: новинарката на НБЦ њуз, Андреа Мичел, изјави во петокот дека иранскиот министер ѝ кажал оти оди во Москва.

Русија недвосмислено е со Иран, но Путин е умерен во неговиот одговор

Официјалната реакција на руското Министерство за надворешни работи на американските напади врз Иран беше недвосмислено осудувачка. Во соопштение објавено во неделата, руското МНР наведува дека Москва „решително ги осудува“ нападите на САД врз иранските нуклеарни постројки, велејќи дека „неодговорната одлука да се нападне територијата на суверена држава со ракети и со бомби – без разлика на аргументите – грубо го прекршува меѓународното право, Повелбата на ОН и резолуциите на Советот за безбедност, кои веќе јасно ги класифицираа ваквите дејствија како недозволени“.

Остри зборови, иако со очигледна иронија: еден аспект од партнерството меѓу Москва и Техеран е трансферот на дрон-технологија што ѝ овозможи на руската армија да продолжи со бомбардирање на украинските градови.

Но, стратешкото партнерство меѓу Иран и Русија не е договор за меѓусебна одбрана. Руската влада во последниве недели јасно стави до знаење дека договорот не ја обврзува да го брани Иран ако биде нападнат. И во своите последни јавни изјави за израелско-иранскиот конфликт, Путин зазеде прилично умерен тон.

Говорејќи на пленарната сесија на 28. Меѓународен економски форум во Санкт Петербург, во петокот, Путин се повика на „легитимното право“ на Иран да го збогатува ураниумот за цивилна нуклеарна енергија, но истовремено покажа разбирање за „безбедносните грижи на Израел“ во врска со нуклеарните амбиции на Техеран. Рускиот претседател предложи – на малку заобиколен начин – дека Русија може да одигра посредничка улога во смирување на конфликтот.

– Ја изложивме нашата позиција пред двете страни. Како што знаете, ние одржуваме контакти и со Израел и со нашите пријатели во Иран. Имаме одредени предлози кои ја вклучуваат и Русија. Морам да нагласам дека во ниеден случај не се претставуваме како посредници… Само изнесуваме идеи – рече тој.

Путин држи важен адут во рака?

Пред да ја започне Израел својата воздушна кампања против Иран на 13 јуни, руските дипломати веќе излегоа со конкретен предлог: Русија да го преземе чувањето на иранскиот нуклеарен материјал за да го претвори во гориво за реактори.

Дипломатското влијание на Русија врз Иран е важен адут во раката на Путин, се вели во анализата на Радио Слободна Европа. Русија беше една од потписничките на Заедничкиот сеопфатен план за дејствување (JCPOA) – договорот од 2015 година за ограничување на иранската нуклеарна програма. Иако Москва е сѐ поизолирана од Западот откако го анектираше Крим во 2014 година и ја нападна Украина во 2022 година, нејзиното влијание врз Техеран честопати се гледа како клуч за секој договор со Иран.

Во коментар, објавен пред нападите на САД, Андреј Кортунов од блискиот до власта Руски совет за меѓународни односи напиша дека партнерството со Иран би можело да ѝ овозможи на Москва да одигра улога на „непристрасен посредник“ во смирување на конфликтот.

„На тој начин, Москва би го зацврстила своето влијание во регионот по падот на режимот на Башар ал-Асад во Сирија минатата година“, напиша Кортунов и додаде: „Сепак, тековната ескалација носи сериозни ризици и потенцијални трошоци за Москва. Факт е дека Русија не успеа да го спречи масовниот напад на Израел врз држава со која само пред 5 месеци потпиша договор за сеопфатно стратешко партнерство. Очигледно е дека Москва, освен со политички изјави и осуди, не е подготвена да ѝ пружи воена помош на Иран“.

Многу се смени откако беше потпишан JCPOA: Трамп се повлече од договорот во 2018 година; Иран реагираше со проширување на програмата за збогатување ураниум; режимот на Асад – клиент и на Русија и на Иран – се распадна; а Израел ја неутрализираше Хезболах, нанесувајќи сериозен удар врз иранската „оска на отпорот“.

„Гласините за мојата смрт се во голема мера – претерување“

Конфликтот на Блискиот Исток сега се развива уште побрзо по директната воена интервенција на САД. Русија, во меѓувреме, стои на понесигурна економска основа – министерот за економски развој, Максим Решетњиков, минатата недела изјави дека руската економија е на работ на рецесија-– иако евентуална криза во Блискиот Исток може да ја покачи цената на нафтата, која е столб на руската економија.

Говорејќи минатата недела во Санкт Петербург, Путин ја цитираше познатата изрека на Марк Твен, одговарајќи на прашање за влијанието на војната во Украина врз руската економија.

– Како што кажал еден познат писател: „Гласините за мојата смрт се во голема мера – претерување“ – рече тој.

Но, војната продолжува, со високи човечки и економски трошоци за Русија. Со вклучување на САД во директна воена акција против Иран, не е јасно дали Путин ќе може и понатаму да ужива иста геополитичка моќ како порано.

ДАЛИ ДОГОВОРОТ МЕЃУ РУСИЈА И ИРАН ПРЕДВИДУВА ВОЕНА ПОДДРШКА? Кремљ очигледно е со Техеран, вели Песков

Поврзани содржини