ПУТИН ДОБИВА 2,6 ПАТИ ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ ШТО ТРОШИ ВО УКРАИНА Дури и со ефективно ембарго, би можел да остане во плус?
Ако го преточиме истото во часови, Руската Федерација троши 15,5 милиони долари на секои 60 минути војна, или минута војна чини околу 258 илјади долари. Една секунда би чинела 4.300 долари. Дури и ако ембаргото ја постигне целта да и откине на земјата по пола милијарда дневно, Путин со истово темпо, би бил 128 милиони евра во плус, ако се изземат останатите економски фактори.
Русија дефинитивно заработува повеќе пари од својот извоз на нафта, гас и енергенси отколку што троши на војната во Украина секој ден. Разликата меѓу приходот и расходот е 2,6 пати во корист на заработеното. Тоа грубо значи дека воените трошоци за земјата се само третина од она што таа досега го направила продавајќи ги енергенсите по покачени цени за 60 отсто, за што Плусинфо претходно пишуваше.
Претпоставката на повеќе западни медиуми, базирани на податоци од руското Министерство за економија од минатиот месец е дека земјата троши до 372 милиони долари дневно, но како што покажаа бројките од заработката за првите 100 дена војна, профитот е милијарда евра дневно, односно вкупно 97 милиони долари(93 милиони во евра). Ако го преточиме истото во часови, Руската Федерација троши 15,5 милиони долари на секои 60 минути војна, или минута војна чини околу 258 илјади долари. Една секунда би чинела 4.300 долари.
Според друга анализа, Владимир Путин потрошил 26,4 милијарди меѓу jануари и aприл за војната, што е 2,6 отсто од целиот руски БДП проектиран за годинава. Ако ги следиме овие бројки разликата е уште поголема. Тогаш, Русија троши само 220 милиони евра дневно за војната, а добива милијарда од извозот, речиси пет пати повеќе.
Слична сума потврдуваат бројките објавени од руското Министерство за економија, каде се вели дека трошењето за месец април било над 330 милиони долари дневно, односно дека потрошени се 628 милијарди рубљи за националната одбрана. Треба да се има предвид дека април беше интензивниот месец кога се водеа битките во челианата во Мариупол.
Секако, овие бројки имаат друго значење за обичниот Русин кој е погоден од инфлацијата. Таа до крајот на годината се очекува да достигне и 17 отсто, а да биде висока, речиси 7 отсто, во идната 2023 и 6 отсто во 2024 година, пишува ТрејдингЕкономикс. Во моментов рубљата е целосно опоравена од нивото пред војната и се продава за 0,018 долари. Она што повеќе ги загрижува економистите е надворешниот долг на земјата, заробените пари на олигарсите и секако, новото ембарго на нафта од ЕУ.
Доколку ембаргото на ЕУ влезе во полн ефект, за што е предвиден рок до крајот на годината, Русија би можела да губи и до пола милијарда евра дневно, пишуваше Плусинфо, односно толку во моментов дневно плаќаат европските земји за нафта.
Земено по претходните бројки тоа значи дека наместо заработка од милијарда дневно, сега Путин ќе има заработка од само 500 милиони евра на секои 24 часа, а ако војната продолжи со истиот интензитет претседателот ќе дава 372 милиони од нив за „одбраната“ на земјата во Украина.
Тоа значи дека тој пак ќе биде 128 милиони евра во ќар дневно, ако ги изземеме сите други фактори кои придонесуваат Русија економски да тоне.