ПУТИН ЈА ЗАГУБИ УКРАИНА ЗАСЕКОГАШ Столтенберг укажува на големиот стратешки пораз на Русија
Целта на оваа инвазија беше да се спречи Украина да се движи кон НАТО и Европската унија. Украина сега е поблиску до НАТО и Европската унија од кога било досега, исатакнува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Русија засекогаш ја загуби Украина како резултат на војната и нема да може да ги постигне своите воени цели и покрај огромните воени напори по инвазијата во февруари минатата година, убеден е генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
– Целта на оваа инвазија беше да се спречи Украина да се движи кон НАТО и Европската унија. Украина сега е поблиску до НАТО и Европската унија од кога било досега. Ова е голем стратешки пораз за Русија. Претседателот Путин засекогаш ја загуби Украина – рече Столтенберг во интервју за ДПА, посочувајќи на фактот дека Русија со децении ја гледаше Украина како дел од својата сфера на влијание.
Поранешниот норвешки премиер е сигурен дека Украина на крајот ќе ја постигне целта за влез во НАТО. Тој, исто така, истакна дека Русија плаќа енормно висока цена за својата војна.
– Русија изгуби стотици авиони, илјадници борбени тенкови и има 300.000 жртви. Нивната економија е послаба. Тие се политички поизолирани. Инфлацијата е зголемена, животниот стандард е намален – рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО сепак, предупреди да не се смета на брз крај на војната, велејќи дека нема индиции дека Путин ќе го промени курсот, дури и по неговиот очекуван реизбор на 17 март.