ПСИХОЛОШКАТА ГРАНИЦА НА ХАМНЕИ МОЖЕБИ Е ПРЕМИНАТА Каква е иднината на Иран по конфликтот со Израел и дали ќе гради атомска бомба?

Многумина веруваат дека Хамнеи досега се спротивставувал на создавање бомба за да избегне војна. Но, сега, во рамките на системот веројатно растат гласовите што бараат оружје. Сепак, секој потег за создавање бомба би бил огромен ризик.

1,474

Бомбардирањата стивнаа по 12-дневниот конфликт меѓу Иран и Израел, а истрошената теократија на Иран и 86-годишниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, сега мора да се прегрупираат и да изградат нова стратегија во променетиот пејзаж, анализира Асошиејтед прес.

Израелските воздушни напади ги уништија горните ешалони на моќната Револуционерна гарда и го намалија нејзиниот арсенал балистички ракети. Израелските ракети и американските бомби за бетонски засолништа оштетија делови од иранската нуклеарна програма, иако степенот на оштетување сè уште се дискутира.






Хамнеи замина во длабока изолација на непозната локација и се појави само двапати во видеа, додека израелската авијација држеше контрола над иранското небо.

Самоопишаната иранска „Оска на отпорот“ – мрежа на сојузнички држави и милиции на Блискиот Исток – претрпе сериозни удари од Израел по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Поддршката од странство, која Иран можеби ја очекувал од Кина и од Русија, не се оствари. Внатрешно, старите проблеми остануваат, особено економијата која е уништена од санкции, корупција и од лошо управување.

„Иранското раководство претрпе сериозен удар и сега ќе биде фокусирано на зачувување на примирјето, кое му дава простор за внатрешна стабилизација и реконструкција“, објави Евроазиска група во анализа во средата.

Хамнеи ќе мора да направи чистка?

Израелската кампања покажа колку длабоко израелската разузнавачка служба е инфилтрирана во Иран – особено во способноста за брзо лоцирање воени команданти, како и врвни нуклеарни научници.

Примарната задача за Хамнеи сега можеби ќе биде чистка од нелојални поединци во редовите.

– Мора да има некаква прочистителна акција. Но, прашањето е: кој ќе ја спроведе? Овој степен на недоверба, што очигледно постои сега, ќе го парализира секое ефикасно планирање или безбедносна реформа – вели гостинот истражувач на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, Хамидреза Азизи.

Во таква атмосфера, обновата на војската, особено на Револуционерната гарда, ќе биде предизвик. Но, гардата има голем базен на офицери. Еден од врвните преживеани од војната, генерал Есмаил Каани, командант на елитната Кудс единица, беше снимен на провладина демонстрација во Техеран во вторникот.

На цивилната сцена, министерот за надворешни работи Абас Арагчи беше овластен речиси на ниво на де факто премиер, објавувајќи соопштенија дури и за примирјето, додека други институции молчеа.

Хамнеи, исто така, мора да ја преиспита безбедносната политика што ја градеше две децении. Алијансите во „Оската на отпорот“ му овозможуваа на Иран да проектира моќ низ Блискиот Исток, но истовремено беа замислени како одбранбен штит – да ја држат војната далеку од иранските граници. Тие сега се покажаа како неуспешни.

Трка за атомска бомба?

По кампањата на Израел што ги разоткри слабостите на Иран, Хамнеи може да заклучи дека единствениот начин за заштита е конверзија на нуклеарната програма во вистинска бомба – како што направи Северна Кореја.

Иран отсекогаш тврдел дека неговата нуклеарна програма е мирољубива. Но, тој е единствената земја без нуклеарно оружје што го има збогатено ураниумот до 60%, што е само еден чекор до оружје.

Многумина веруваат дека Хамнеи досега се спротивставувал на создавање бомба за да избегне војна, вели Азизи. Но сега, според него, во рамките на системот веројатно растат гласовите што бараат оружје.

– Можно е веќе да ја поминавме таа психолошка граница кај Хамнеи – вели тој.

Сепак, секој потег за создавање бомба би бил огромен ризик. Степенот на штета од американските и од израелските напади сè уште не е јасен, но Иран сигурно треба повторно да ги изгради нуклеарните објекти и инфраструктурата за центрифуги, што може да трае со месеци или со години.

А сето тоа треба да се направи во крајна тајност, далеку од очите на израелското и на американското разузнавање. Ако Израел дознае, може повторно да нападне.

Хамнеи може и да тргне по спротивен пат – враќање на разговорите со САД во надеж за олеснување на санкциите.

Американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, изјави во вторник навечер на Фокс њуз дека „постои надеж за идни преговори“.

– Веќе разговараме. Се надеваме на долгорочен мировен договор кој ќе му даде шанса на Иран да се прероди – рече тој.

Иранската економија еродира со текот на времето

Многумина стравуваат дека иранската власт ќе започне нова жестока пресметка со внатрешната опозиција, додека се обидува да се стабилизира. Иранската економија е разурната од санкции, корупција и од хронично лошо управување.

Мрежата за електрична енергија веќе со месеци е нестабилна, со долготрајни и чести прекини. Привременото бегство на дел од жителите на Техеран ја намали потрошувачката, но нивното враќање најавува уште полоши рестрикции во летните месеци – со последици за сè, од пекари до фабрики.

Во текот на војната беше затворена и берзата, како и менувачниците, со што привремено беше запрен падот на ријалот.

Во 2015 година, кога беше постигнат нуклеарниот договор со светските сили, ријалот се менуваше по курс од 32.000 за еден долар. Денес тој се движи околу 1 милион ријали за долар. Со повторно отворање на економските објекти, веројатен е нов пад.

Економските проблеми веќе предизвикале бранови протести. Во 2019 година, по зголемувањето на цените на горивата, протести избија во околу 100 градови и села, при што беа запалени бензински пумпи и банки. Во следната репресија, беа убиени најмалку 321 лице, а илјадници беа уапсени, според Амнести Интернешнал.

Во 2022 година, масовни протести избувнаа поради смртта на Махса Амини, млада жена уапсена наводно поради неносење хиџаб. Режимот одговори со брутална репресија – над 500 убиени и повеќе од 22.000 приведени.

И покрај тоа, многу жени во Техеран сè уште одбиваат да носат хиџаб. Активистите се плашат дека војната ќе биде изговор за нови репресии.

Во отворено писмо минатиот викенд, добитничката на Нобелова награда за мир, Нергес Мохамади, напиша: „Исламската Република е верски, авторитарен и мизогин режим, неспособен за реформи, и систематски ги крши основните права на иранскиот народ.“

Но, таа повика на прекин на огнот во војната.

„Зашто цврсто верувам дека демократија и мир не се раѓаат од мрачните и ужасни коридори на војната и на насилството“.

Прашања за наследникот на Хамнеи

И покрај израелските најави за негова елиминација, Хамнеи ја преживеа конфронтацијата. Но, што следува – останува неизвесно.

Војната може да иницира промена во структурата на Исламската Република, која може да се движи повеќе кон спектарот на милитаризирана власт.

Во моменталниот систем, врвни шиитски свештеници се на врвот на хиерархијата, а цивилната власт, војската и разузнавачките служби им се потчинети. Хамнеи ја симболизира таа духовна власт.

Панел од шиитски свештеници е надлежен за избор на негов наследник. Неколку имиња се споменуваат – вклучувајќи го неговиот син и внукот на ајатолахот Хомеини. Некои кандидати се тврдокорни, други, пак, се сметаат за поумерени.

Но кој и да биде избран, војската и Гардата најверојатно ќе бидат вистинската моќ зад завесата.

– Се зборува за транзиција од духовно-доминантна Исламска Република кон воено-доминантна. Оваа војна го направи тоа сценарио поверојатно. Следната власт ќе биде уште повеќе милитаристичко-безбедносна – вели Азизи.

Поврзани содржини