ПРВПАТ ЖЕНА Е ШЕФ НА БРИТАНСКАТА ТАЈНА СЛУЖБА Кoја е Блејз Метревели, грузиски антрополог и шпион одликуван од кралот?
Блејз Метревели во 2024 година била одликувана со титулата Придружник на Редот на Сент Мајкл и Сент Џорџ, во рамки на роденденските почести на кралот, за нејзиниот придонес кон британската надворешна политика.
Првпат во својата 116-годишна историја, британската надворешна разузнавачка служба МИ6 ќе добие жена на своето чело – на таа функција е именувана Блејз Метревели.
Метревели се приклучила на МИ6 во 1999 година, а подоцна годинава ќе го преземе раководството од досегашниот директор, сер Ричард Мур, станувајќи 18-от шеф на агенцијата, објави Би-Би-Си.
Таа во моментов ја предводи единицата за технологија и иновации во рамки на МИ6, а по повод назначувањето изјави дека чувствува „гордост и чест“.
Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, го поздрави нејзиното именување како историски момент за земјата.
Која е Блејз Метревели?
Блејз Флоренс Метревели има грузиско потекло. Студирала антропологија на Пемброк Колеџ при Универзитетот во Кембриџ. Во 1997 година била дел од екипажот што победил на Женската веслачка трка (Women’s Boat Race).
Во 1999 година се приклучила на МИ6 како оперативен агент, објави НДТВ.
Голем дел од нејзината кариера го минала на терен, работејќи на оперативни задачи на Блискиот Исток и во Европа. Низ годините извршувала широк спектар на улоги во рамки на МИ6.
Исто така, била на директорска позиција во МИ5 – домашната разузнавачка агенција на Обединетото Кралство.
Подоцна била именувана за Генерален директор за технологија и иновации во МИ6. Во 2024 година таа била одликувана со титулата Придружник на Редот на Сент Мајкл и Сент Џорџ (CMG), во рамки на роденденските почести на кралот, за нејзиниот придонес кон британската надворешна политика.
„Истакнат технолошки мислител и иднина на британското разузнавање“
– Со богатство од искуство од целата наша заедница за национална безбедност, Блејз е идеален кандидат да го води МИ6 во иднината – изјави британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, објави Лајвминт.
Во време на глобална нестабилност и нови закани по безбедноста, додаде тој, кога технологијата е моќ, а нашите противници се сè поединствени и соработуваат поблиску, Блејз ќе овозможи Велика Британија да се справи со овие предизвици директно, а со тоа ќе ја одржи Британија безбедна дома и во странство.
Метревели ќе биде 18-ти шеф на МИ6 кога ќе ја преземе функцијата од Ричард Мур.
– Апсолутно сум пресреќен поради оваа историска номинација на мојата колешка, Блејз Метревели, да ме замени како „Ц“. Блејз е високо етаблиран разузнавачки офицер и лидер, а и еден од нашите најистакнати мислители за технологијата. Со нетрпение ја поздравувам како првата жена раководителка на МИ6 – рече претходниот шеф во заминување.
Што е Тајната разузнавачка служба МИ6?
МИ6, позната и како Тајна разузнавачка служба, има задача да прибира информации надвор од земјата со цел, заштита на националната безбедност.
Основана во 1909 година, таа работи тајно низ целиот свет и поднесува извештаи до министерот за надворешни работи. Агенцијата се фокусира на закани како што се тероризам, сајбер напади и непријателски држави. Нејзиниот шеф „Ц“ („C“) е единствениот јавно именуван службеник. За разлика од МИ5, која се занимава со домашно разузнавање, МИ6 работи исклучиво во странство.
Но, зошто титулата се вика „Ц“? Првата разузнавачка агенција во Британија, Тајната служба (Secret Service Bureau), е основана во 1900-те. Капетанот Менсфилд Каминг од Кралската морнарица, кој ја раководел службата, наводно секогаш ги потпишувал своите писма со буквата „C“ и токму поради тоа се појавило кодното име.
Во својата актуелна улога, Метревели е одговорна за развој на технолошки решенија кои ја штитат анонимноста на агентите и ги спречуваат обидите за надзор и следење, особено од страни како Кина.
– Горда сум и почестена што ми е доверено водството на Службата. МИ6 има клучна улога, заедно со МИ5 и со штабот за владини комуникации (GCHQ), во зачувувањето на безбедноста на британскиот народ и во промовирањето на британските интереси во странство. Со нетрпение очекувам да продолжам со таа работа заедно со храбрите офицери и агенти на МИ6 и со нашите многубројни меѓународни партнери – изјави Метревели.