ПРОГРАМЕРИТЕ И ПРОФЕСИИТЕ ПОВРЗАНИ СО ПИШУВАЊЕ СЕ ПРВИ НА УДАР Отпуштањата поради вештачката интелигенција веќе се случуваат во САД

Проф.д-р Златко Василкоски, Македонец во Бостон кој повеќе од една деценија предава машинско учење и Вештачка интелигенција (ВИ) на Бостонскиот универзитет, објаснува кои работни места најбрзо ќе исчезнат поради новата технологија

947

Македонскиот физичар и научник Златко Василкоски живее во Бостон околу 35 години, а речиси 30 години е универзитетски професор.
Проф.д-р Василкоски е автор на првата книга од жанрот на популарната наука на македонски јазик – „Мултиверзум за почетници“, која беше издадена пред три години.
Во 2012 година тој го разви наставниот план за курс за анализа на податоци со вештачка интелигенција на Бостонскиот универзитет на кој сè уште предава машинско учење и Вештачка интелигенција (ВИ).

– Предметот што го предавам на Универзитетот во Бостон се нарекува машинско учење и вештачка интелигенција со примена во науката за податоци. Тоа е курс на постдипломско ниво што студентите по компјутерски науки мора да го поминат за да добијат магистерска диплома. Првично во 2012 година започна како курс за машинско учење и наука за податоци, но во последните 6-7 години со експлозијата на вештачката интелигенција беше потребно да го вклучиме во наставниот план и во програмата за мојот курс – објаснува Василкоски.






Во разговор за Плусинфо, овој професор на Бостонскиот универзитет ги разјаснува најчестите дилеми на луѓето во врска со вештачката интелигенција, меѓу кои и најчесто поставуваното прашање – кои работни места најбрзо ќе исчезнат поради новата технологија?

– Предвидувањето на иднината никогаш не е лесно, но се чини дека барем засега видовите работни места што лесно можат да бидат заменети со вештачка интелигенција се оние што во голема мера се потпираат на обработка на текст. Како и со секоја нова технологија како што се машините за пишување, компјутерите и денес вештачката интелигенција, сите тие заменуваат одреден број луѓе што рачно обработуваат и работат со текст.
Сите сме сведоци на леснотијата со која генеративната вештачка интелигенција создава слики, видеа, говор и музика. Не е јасно колку луѓе, ако воопшто се случи тоа, вклучени во овој вид индустрија ќе бидат заменети со вештачка интелигенција – вели професорот.

Програмери во САД веќе се соочуваат со откази

Но друга неочекувана професија што ќе биде силно погодена од вештачката интелигенција, вели нашиот соговорник, е работата на компјутерските програмери.

– Многу е интересно што вештачката интелигенција може екстремно брзо да генерира компјутерски код, апликации, веб-страници и слични работи за кои во минатото се користеше армија програмери кои работеа со недели или со месеци. Сега сето ова може да се направи за неколку минути од страна на вештачката интелигенција без никакви трошоци. И ова е веќе многу очигледно со оглед на големиот број програмери кои беа отпуштени во последните десет месеци, барем во САД – објаснува Василкоски.

Според него, вештачката интелигенција (ВИ) повеќе не е далечна иднина – таа веќе го менува пазарот на трудот, а првите кои ќе го почувствуваат ударот се токму тие, програмерите и професиите поврзани со пишување.

Како да добиеме попрецизни и поточни одговори од ВИ?

Едно од многу честите прашања што луѓето обично го имаат кога првпат се среќаваат со вештачка интелигенција е и тоа како да добијат попрецизни и поточни одговори од, како што го нарекува Василкоски, моторот со вештачка интелигенција.

– Ова не е едноставно прашање. Се претпоставува дека прашањето што му го поставуваме на моторот со вештачка интелигенција има еден и прецизен одговор. Но, обично, тоа не е случај. Значи, проблемот се сведува на видот на прашањата што ги поставуваме, колку е двосмислено нашето прашање и, конечно, можностите на моторот со вештачка интелигенција со кој комуницираме.
Во однос на комуникацијата со моторот на вештачката интелигенција, обично треба да бидеме многу специфични и прецизни како ги поставуваме нашите прашања, што е малку поинакво или можеби поразлично од тоа како би го поставиле истото прашање на личност или природна интелигенција. Типично, вештачката интелигенција претпочита детално и добро објаснето прашање и секогаш е добра идеја да се одреди форматот на одговорот што го очекуваме од неа – објаснува професорот.

Зборувајќи за најпрактичните и позитивните примени на вештачката интелигенција во која било деловна или индустриска средина, Василкоски вели дека, дефинитивно се потпираме на одличното семантичко разбирање на текстот од страна на вештачката интелигенција.

– Преку техниката на RAG (Retrieval-augmented generation), ова вклучува обработка на многу голем број локални текстуални содржини (база на знаење) за кои LLM (large language models) зад вештачката интелигенција не е свесен. Преку RAG, вештачката интелигенција станува свесна за оваа локална база на знаење за која не е обучена и лесно може да даде детални одговори или да најде релевантни информации.
Вештачката интелигенција е во суштина голем јазичен модел или LLM кој семантички го разбира значењето на текстот. Како таква, таа е обучена и креирана врз основа на целата текстуална содржина достапна онлајн или во кои било книги. Како такви, овие модели се свесни за општото знаење на човештвото.
Но, секоја компанија би имала своја база на знаење, голема количина на информации што ги користи во своите бази на податоци. Секако, LLM не би биле свесни за овие локални бази на знаење што секоја компанија ги чува во своите евиденции. Значи, една од најпрактичните апликации наречена RAG на вештачката интелигенција е интеграцијата и проширувањето на овие локални бази на знаење со многу општите способности на LLM да разберат секаков вид текст – објаснува професорот.

ВИ во областа на филмот и образованието

Понатаму, проф.д-р Василкоски зборува за уште некои примени на вештачката интелигенција, меѓудругото, и во областа на филмот, кадешто веќе се стравува дека може да ги замени и вистинските актери, сценаристи и режисери.
– Сите сме свесни за генеративните способности на вештачката интелигенција. Генеративна во смисла на генерирање слики, музика и видеа. Неодамна, Google објави два модели што генерираат филмови со холивудски квалитет само со интеракција со овие два модели преку текст. Во основа, им кажувате на двата модели да генерираат различни сцени од филмот и да ги корегираат и менуваат работите како што би го направил тоа филмскиот режисер на вистински филм со актери и екипа – вели Василскоски.
Го прашавме професорот и за употребата на вештачка интелигенција во образованието, која често се злоупотребува од страна на учениците.
Василкоски појаснува дека лекот за некои од злоупотребите е пред секој тест во училница да им се соберат телефоните на учениците и прераскажува за тоа како неодамна, за првпат, вештачката интелигенција се покажала на исто ниво како и најдобрите ученици на математичката ученичка олимпијада.

Поврзани содржини