ПРИНЦОТ ОД ВЕЛС СЕ РАСПЛАКА ПРЕД КАМЕРИТЕ Вилијам разговараше со мајка чие дете починало, а сопругот се самоубил
На Светскиот ден на менталното здравје, принцот од Велс зборува за болката поради самоубиствата, додека Кралската фондација ја лансира Националната мрежа за спречување на самоубиства. Вилијам го посети домот на Ријан Менингс од Кардиф, мајка која претрпе незамислива загуба во 2012 година.
Принцот Вилијам се појави во ново видео по повод Светскиот ден на менталното здравје, зборувајќи за разорното влијание што самоубиството го има врз семејствата и заедниците. Емотивниот разговор, кој трогна многумина до солзи, беше објавен кога неговата Кралска фондација ја лансираше Мрежата за спречување на самоубиства – национална иницијатива што обединува дваесет организации низ Велика Британија за да им помогне на оние што се погодени од трагедијата.
Во видеото, принцот од Велс го посети домот на Ријан Менингс од Кардиф, мајка која претрпе незамислива загуба во 2012 година. Нејзиниот син Џорџ почина ненадејно од скриена болест кога имаше само една година, а само пет дена подоцна, нејзиниот сопруг Пол си го одзеде животот.
Оттогаш, Ријан ја претвори својата тага во мисија – таа основа добротворна организација која им обезбедува поддршка на семејствата погодени од ненадејната и неочекувана смрт на деца и млади луѓе под 25 години.
Во нивниот интимен разговор, Вилијам и Ријан зборуваа за потребата од подобра поддршка за оние кои ги изгубиле најблиските, но и за стигмата што сè уште ја опкружува темата за самоубиство.
„Не знаев како воопшто преживеавме“
Принцот Вилијам го започна разговорот прашувајќи ја Ријан како успеала да ги одгледа своите постари деца, Холи и Исак, по трагедијата.
– Искрено, не знам како преживеавме. Само се будите и продолжувате, ден за ден – призна таа.
Зборувајќи за ставот на општеството кон самоубиството, поранешната наставничка по физичко образование рече дека е шокирана од тишината околу темата.
– Никогаш порано не сум била погодена од самоубиство, тоа беа вести што ги читате и продолжувате понатаму. Луѓето не зборуваат за тоа, дури и не сакаат да спомнат што се случило. Беше збунувачко и болно за мене во тоа време – додаде Британката.
„Зошто не разговараше со мене?“
Принцот Вилијам потоа спомена дека семејствата честопати се соочуваат со безброј прашања по самоубиството на близок. Ријан потврди дека таа самата „повторно ги преживува тие последни денови со Пол, прашувајќи се што можела да направи поинаку“.
– Пред да го изгубиме Џорџ, бевме толку среќни. Тоа само покажува дека ова може да му се случи на секого – рече таа во интервјуто.
Кога принцот Вилијам ја праша што би му рекла на својот покоен сопруг доколку би имала можност, Ријан одговори: „Јас само би го прашала – зошто не разговараше со мене? Си го поставувам тоа прашање секој ден. Тој беше скршен, се обвинуваше себеси, но ако само дојдеше кај мене, ако разговаравме, сè ќе беше поинаку. Толку работи пропушти, толку многу радост. Ќе бевме добро – и тоа е она што најмногу боли“.
Во тој момент, принцот Вилијам беше видливо потресен. Застана за да се собере, а Рајан го праша: „Дали си добро?“
Принцот ѝ се извини велејќи дека е тешко е да се поставуваат овие прашања.
На што Ријан одговори: „Знам, и ти си изгубил некого. Животот може да нè удри со најтешките удари, но разговорот и надежта се она што нè држи понатаму.“
Како да се спречат понатамошни самоубиства?
На крајот од разговорот, Вилијам нагласи дека отворениот дијалог е клучот за превенција: „Најдобриот начин да се спречи самоубиството е да се зборува за тоа. Да се зборува за тоа рано, со луѓе што ги сакаме и на кои им веруваме. Ви благодарам што проговоривте.“
Принцот Вилијам и принцезата Кејт со години јавно зборуваат за важноста на менталното здравје, особено кај младите. Нивната фондација поддржува неколку програми што се занимаваат со превенција од депресија, анксиозност и самоубиство, како и поддршка за семејствата што ги изгубиле најблиските.