„ПРИМИРЈЕ МЕЃУ КИЕВ И РУСИЈА НА ВЕЛИГДЕН“ Дали протече планот на Трамп за запирање на војната во Украина?

Наводно, овој план активно се разговарал во политичките и во дипломатските кругови на Украина. Американците им го предале предметниот план на европски дипломати, а од нив стигнал и до Украина, но не се открива на кој начин и како Киев го добил планот, се вели во објавата на украинскиот портал Страна.

1,733

„Русија и Украина ќе прогласат примирје по целата линија на фронтот на Велигден, кој годинава се слави на 20 април. Во исто време, Украина мора да ги повлече војниците од регионот Курск, а потоа на крајот на април треба да се одржи Меѓународна мировна конференција која ќе го официјализира договорот меѓу Русија и Украина со посредство на САД, Кина, европските земји и со земјите од глобалниот југ. Потоа, по принципот ‘сите за сите’, Украина и Русија ќе разменуваат затвореници“.

Грубо кажано, вака наводно изгледал планот што го подготвил тимот на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој најави крај на Руско-украинската војна за 100 дена, објави украинскиот портал Страна, пренесе Њузвик.






Наводно, овој план активно се разговарал во политичките и во дипломатските кругови на Украина. Американците им го предале предметниот план на европски дипломати, се вели во објавата на украинскиот портал, а од нив стигнал и до Украина, но не се открива на кој начин и како Киев го добил планот.

Иако сè уште нема потврда дека документот е автентичен, уредниците навеле дека некои точки од планот се совпаѓаат со изјавите на самиот Трамп и на неговиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог.

Сепак, канцеларијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштила дека објавата на порталот е лажна.

Поништување на уредбата

Според достапните информации, американскиот мировен план вклучува телефонски разговор меѓу Трамп и Владимир Путин веќе овој месец или во февруари, а потоа и дискусија за натамошните активности со Киев.

Во следната фаза, Володимир Зеленски ќе мора да го откаже указот за забрана на преговори со Путин, по што во февруари или во првата половина на март треба да се одржи средба меѓу Трамп и Зеленски со Путин. Сѐ уште не е одлучено дали тие ќе бидат билатерални или трилатерални, но потоа треба да се одобрат главните параметри на мировниот план.

Додека продолжуваат преговорите и непријателствата, Доналд Трамп нема да го блокира испраќањето воена помош за Украина. Прогласувањето на крајот на војната наводно мора да биде готово до 9 мај, а од Украина ќе се бара да не ја продолжува вонредната состојба и мобилизација по тој датум, според објавата на наводниот план на Страна, пренесува порталот Новости.

Како последна фаза во планот наводно се споменува одржувањето на претседателските избори во Украина, на крајот на август, а и на парламентарните избори на крајот на октомври.

На што ќе треба да се договорат Украинците и Русите?

Според наводниот план, Украина ќе мора да се откаже од членството во НАТО (и оваа одлука мора да биде одобрена на самитот на Алијансата), но за возврат ќе стане членка на ЕУ до 2030 година. Во исто време, ЕУ ќе преземе одговорност за реконструкцијата на Киев.

Исто така, Украина нема да ја намали големината на својата армија, а САД ќе продолжат да ја поддржуваат модернизацијата на украинските вооружени сили.

Покрај тоа, Украина ќе се откаже од воените и од дипломатските обиди за враќање на окупираните територии, но нема да го признае рускиот суверенитет над нив, што е отстапка за Кремљ.

Посебно ќе се разговара и за европскиот мировен контингент по завршувањето на воените дејствија бидејќи Киев го бара тоа, но Москва е категорично против, па затоа сето тоа треба да се земе со резерва.

Важна точка во договорот е одредбата според која на изборите ќе им биде дозволено учество на украинските политички партии „кои се залагаат за одбрана на рускиот јазик и за мирен соживот со Русија“.

Исто така, мора да се прекинат сите дејствија против Украинската православна црква и против рускиот јазик.

Истовремено, по склучувањето на мировниот договор, се вели во објавата на порталот, наводно ќе бидат укинати санкциите против Русија, при што некои ограничувања ќе бидат веднаш укинати, а други во рок од 3 години, во зависност од почитувањето на договорот од страна на Русија.

Ќе бидат укинати сите ограничувања за увоз на руска енергија во ЕУ, но нивниот увоз ќе подлежи на посебна царина, а средствата ќе бидат искористени за обнова на Украина.

Киев не го потврди планот

Треба да се напомене дека украинското раководство одби да го потврди постоењето на планот. Началникот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак, изјави дека медиумите немаат никакви „мировни планови за 100 дена“ и дека Русија можеби стои зад објавата.

Сепак, на 22 јануари објави Трамп му наредил на својот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, да стави крај на Руско-украинската војна за 100 дена, објави добро информираниот Вол Стрит Џурнал.

„Но, склучувањето договор со Путин ќе биде многу потешко одшто изгледаше во предизборните ветувања на Трамп,“ гласеше скептичниот заклучок на Вол стрит џурнал.

Но, дека нешто се случува зад сцената, беше очигледно од фактот дека лидерот на фракцијата Слуги на народот во Врховниот совет, Давид Арахамија, кој ја предводеше украинската делегација на преговорите во Истанбул во 2022 година, беше присутен и на Инаугурацијата на Трамп.

Соработниците на Трамп сметале дека поканата за Арахамија „е важен чекор што ја покажува намерата на Трамп да обезбеди добар договор за Украина“, но и дека американскиот претседател „не се откажува од својата цел, што значи ставање крај на војната до пролет“.

Што мисли Путин за сето тоа?

Треба да се земе предвид дека не се знае што мисли Путин за сето тоа, кој тврди дека сака мир, но според неговите услови, кои вклучуваат значително намалување на украинската армија и легализација на окупацијата на една петтина од таа земја. .

Сепак, следните недели би можеле да бидат почеток на крајот на најкрвавата европска војна од 1945 година.

Поврзани содржини