ПРЕД 50 ГОДИНИ МОЖЕБИ СМЕ НАШЛЕ ВОНЗЕМСКИ МИКРОБИ НО… Познат научник има своја теза за почвата на Марс и мисијата „Викинг“

Според Дирк Шулце-Макух научниците ставиле вода врз сувата марсовска почва за да ги живнат скриените вонземски микроби, но, ако самите микроби функционирале како оние во пустините на Земјата, кои вода црпат преку влажноста од воздухот, тогаш тие буквално биле удавени.

413

Научник од НАСА смета дека пред речиси 50 години научниците веројатно нашле живот во примерок од планетата Марс, но додавајќи му вода и хранливи материи тие всушност – го убиле! Шокантното тврдење од јуни годинава е на астробиологот Дирк Шулце-Макух од Техничкиот факултет во Берлин, а добива на кредибилитет и на внимание сега кога роверот Кјуриосити веќе „ора“ по црвената планета и за кој е планирано да враќа примероци негде на почетокот на 2030-тите години.

Што се случило пред 50-тина години? Во проектот „Викинг“ биле донесени примероци од тлото на Марс во кои биле најдени хлорирани органски материи и радиоактивен јаглерод. Научниците помислиле дека ако имало живот на Марс, на пример, во форма на бактерии, тогаш тие би се хранеле, а потоа би испуштале радиоактивен јаглерод.






Научниците почнале да вбризгуваат хранливи материи во почвата очекувајќи за возврат да добијат радиоактивен јаглерод. Резултатите биле измешани. Од три тестови само првиот дал позитивен резултат. Истражувачите не биле убедени. Морале да заклучат дека сепак не се работи за живот, туку веројатно за перхлорат, соединение кое се користи кај огнометите и во ракетното гориво, а кое може да впие хранливи материи.

Но, тука доаѓа тезата на Шулце. Тој потсеќа дека во експериментите заедно со хранливите материи на почвата била додавана вода, бидејќи самата марсовска почва е доста сува. Во јуни за БигТинк тој изјави дека можеби водата направила овие марсовски микроби, ако биле присутни, да бидат умртвени, а причината ја наоѓа во тоа што тие биле буквално удавени, односно биле навикнати водата ја екстрахираат на друг начин – преку воздухот, односно атмосферата на Марс.

Тој дава примери од микроби на Земјата, кои живеат во многу екстремни услови, на пример во пустина, а се хранат само со влажноста од воздухот врзувајќи ја преку солите кои постојат во карпи на пример и притоа ја добиваат водата како водороден пероксид.

Но, истурањето вода врз нив би ги убило.

„Ако претпоставиме дека домородниот живот на Марс можеби се адаптирал на неговата околина со инкорпорирање на водороден пероксид во неговите клетки, ова би можело да ги објасни резултатите од Викинг“, напиша Дирк Шулце-Макух за БигТинк, додавајќи дека масениот спектрометар со гасен хроматограф ги загревал примероците пред да ги анализира.

„Ако клетките на Марс содржеле водороден пероксид, тоа би ги убило. Покрај тоа, тоа би предизвикало водородниот пероксид да реагира со сите органски молекули во близина за да формира големи количини на јаглерод диоксид – што е токму она што го детектирал инструментот“.

Во своја студија од 2007 година Шулце-Макух заедно со коавторот Јоп М. Хауткупер напишале:

„Оваа адаптација би имала особени предности во марсовската средина за обезбедување ниска точка на замрзнување, извор на кислород и хигроскопност“.

Поврзани содржини