ПОЗНАТАТА ГРЧКА ПЛАЖА ЛЕТОВО ЗАБРАНЕТА ЗА ПЛИВАЊЕ Важно известување за сите туристи што планирале да ја посетат

Според новите правила, кои официјално стапија на сила на 14 јуни, пливањето на плажата Навагио на Закинтос сега е строго забрането, додека престојот со бродот е дозволен до 20 минути на оддалеченост од 50 метри.

1,551

Посетителите на Закинтос ова лето нема да можат да пливаат на познатата плажа Навагио, но ќе можат да и се восхитуваат и да ја фотографираат од брод на оддалеченост од 50 метри. Плажата е затворена од безбедносни причини поради опасност од лизгање на земјиштето, по препорака на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП).

Според новите правила, кои официјално стапија на сила на 14 јуни и беа издадени од Капетанијата на пристаништа на Закинтос, пливањето во познатиот залив сега е строго забрането, додека престојот со бродот е дозволен до 20 минути. Работното време на плажата е од 8:00 до 15:30 часот, додека пристапот е дозволен до вкупно 15 моторизирани и немоторизирани пловни објекти.






Навагио или „плажата на бродолом“ е најпозната на Закинтос, а името го добила по потонатиот брод кој наводно се користел за шверц на цигари, а кој се насукал на брегот во 1983 година. Остатоците од потонатиот брод се дел од живописен пејзаж со високи бели карпи и тиркизно море.

Инаку, за безбедност на туристите, оваа плажа се проверува двапати годишно, а сега веќе е јасно дека оваа сезона нема да биде отворена за капење.

Новите строги мерки за пристап до плажата, како и почитувањето на временскиот рок за престој, ќе бараат значително зголемен надзор на Капетанијата на пристаништа на Закинтос, со оглед на тоа што светски познатата плажа, според капетанот на островот, Минас Донос, достигна присуство и до 100 бродови во заливот во исто време.

-Растојанието од 50 метри од плажата е точната граница за заштита на посетителите од какви било одрони. Веќе се поставени пловечки бариери на секои 15 метри. Мислам дека нема да има девијантно однесување од локалното население кое работи со туристи, ниту од оние кои приватно ја посетуваат плажата – изјави Донос во интервју за „Катимерини“.

Најпознатата плажа на Закинтос која е светски позната туристичка атракција, во исто време важи и за една од најопасните според серијата несреќни случаи што се забележани во последните години.

Во 2017 година, 22-годишна Кубанка загина во несреќа на Навагио кога застана над карпа и се обиде да направи селфи.

Во септември 2018 година, седум лица беа повредени откако се урнаа камења додека стотици посетители беа на плажата. После оваа несреќа плажата извесен период беше затворена за посетители.

Во 2019 година плажата повторно беше отворена за туристи. Три години подоцна беше забележан голем одрон поради земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтер, кој повторно ја затвори плажата. Сепак, властите им дозволија на туристите да го посетат ова познато место, но само од брод, додека влегувањето на плажа или капењето во близина беше строго забрането.

Поврзани содржини