ПОШТЕНСКИ МАРКИ СО „РОЛИНГ СТОУНС“ Годинава групата одбележува 60-годишнина
Нивните настапи низ светот ќе бидат овековечени на осум поштенски марки, како и ликовите на пејачот Мик Џегер, гитаристите Кит Ричардс и Рони Вуд и покојниот тапанар Чарли Вотс, кој почина минатата година, на 80-годишна возраст.
Британската Кралска пошта денеска објави дека ќе издаде специјална серија од 12 поштенски марки во чест на еден од најдолговечните рок-бендови на сите времиња, „Ролинг стоунс“. Тоа се случува во годината кога групата ќе ја одбележи својата 60-годишнина.
Нивните настапи низ светот ќе бидат овековечени на осум поштенски марки, како и ликовите на пејачот Мик Џегер, гитаристите Кит Ричардс и Рони Вуд и покојниот тапанар Чарли Вотс, кој почина минатата година, на 80-годишна возраст.
– Малку бендови во историјата на рокот успеаја да создадат толку богата и обемна кариера како Ролинг Стоунс. Тие ги создадоа некои од најкултните и најинспиративни албуми во современата музика, а нивните настапи во живо може да се наречат револуционерни! – рече Дејвид Голд, претставник на британската мултинационална Кралска пошта.
Основан во 1962 година, „Ролинг стоунс“ е еден од најуспешните и најдолговечни рок-бендови во светот, со проценета продажба од над 240 милиони примероци ширум светот и бројни награди, вклучително и три „Греми“.
„Стоунс“ се четвртата британска музичка група, по „Битлс“, „Пинк Флојд“ и „Квин“, во чија чест Кралската пошта издаде специјални поштенски марки. Серијата ќе се најде во продажба од 20 јануари.