ПОРТРЕТ НА ДЕВОЈКАТА ШТО ЌЕ СТАНЕ НАЈУСПЕШЕН АЛПСКИ СКИЈАЧ НА СИТЕ ВРЕМИЊА Микаела Шифрин пет победи зад Ингемар Стенмарк
Американката веќе стаса до својата 82. победа во Светскиот куп и се изедначи со рекордот на Линдзи Вон. До крајот на сезоната, Микаела има шанса да стаса до 87 победи, една повеќе од оние 86 со кои Швеѓанецот сѐ уште е најдобар алпски скијач на сите времиња. Со оглед на фактот дека Шифрин не планира да се пензионира пред 2026 година, постои само една можност да биде спречена во нејзините намери – засекогаш да снема снег на планините!
Со победата во велеслаломот во Крањска Гора, Словенија, во неделата, американската скијачка ѕвезда Микаела Шифрин го израмни рекордот на Линдзи Вон од 82 победи во Светскиот куп.
Погледнете детали од оваа извонредна победничка трка:
По водството од 0,24 секунди во првото возење, Шифрин заврши со 0,20 секунди пред Швајцарката Лара Гут-Берами, а на подиумот се најде и одличната скијачка од Словачка, Петра Влхова.
– Бев многу нервозна пред оваа трка. Не знам зошто, можеби малку и поради 82. Навистина сакав добро да скијам и успеав, просто не ми се верува – изјави Микаела по победата.
Во животна форма
Шифрин е во животна форма. Во последните трки таа триумфираше пет пати едноподруго. А токму оваа сезона фановите на Микаела ја очекуваа со загриженост, откако таа на Зимските олимписки игри во Пекинг минатата година не успеа ни да се качи на подиумот.
Сега веќе сите очекуваат таа во наредните недели сигурно да дојде до својата 83 победа во Светскиот куп и да ја остави зад себе славната Вон. Со тоа, Шифрин ќе стане најголемата женска ѕвезда во историјата на овој спорт.
Нејзиниот следен предизвик ќе биде да го собори рекордот на Стенмарк, кој победи во 86 трки од 1975 до 1989 година. Ако стаса до посакуваната 87. победа, Микаела ќе има најмногу победи во кариерата од кој било скијач во историјата.
Првата шанса за Шифрин е Сестриере, Италија, следниот викенд. Таму таа ќе вози велеслалом и слалом. Потоа Светскиот куп продолжува со уште 13 слаломи и велеслаломи.
Успони, но и падови
Своите рекордни 82 победи (засега само толку), Микаела Шифрин ги оствари во само 12 сезони. За истиот резултат на Вон ѝ беа потребни 18 сезони, а на Стенмарк 16 сезони. Вон имаше 33 години кога ја постигна својата последна победа, додека Швеѓанецот – една година помалку. Микаела во март ќе наполни 28 години. Тоа самото по себе зборува многу.
Треба да се каже и тоа дека успонот на Шифрин не одеше праволиниски. До првата побеца во Светскиот куп стаса на возраст од 17 години. Ова беше таа незаборавна трка:
Веќе на 18 години, на слаломот во Сочи, Микаела Шифрин освои златен олимписки медал. До 17 март 2019 година, на само четири дена по нејзиниот 24. роденден, таа имаше освоено 60 победи во Светскиот куп и сите очекуваа да ги надмине Вон и Стенмарк во наредните две сезони.
Тогаш нејзината кариера тргна низбрдо. Се соочи со лична трагедија, но и со повреда. Непосредно пред почетокот на сезоната на Светскиот куп во 2020 година, почина нејзината 98-годишната баба. Шифрин сепак победи на шест трки, од ноември до крајот на јануари 2021 година. Но, веќе не победуваше со темпото од нејзината претходна сезона. Во февруари 2020 година почина и нејзиниот татко Џеф, од повреда при несреќа во семејниот дом во Колорадо.
По смртта на нејзиниот татко, Шифрин отсуствуваше од ски-трките повеќе од 300 дена. Таа сепак се врати и победи во три трки, со што нејзиниот вкупен скор достигна 69. Иако до Олимпијадата во 2002 година таа освои уште четири трки во Светскиот куп, во Пекинг доживеа вистински дебакл.
Четири сезони пред „пензија“
Вистинското враќање на Шифрин на победничкиот трон беше означено со победите во слаломите од Светскиот куп во Леви, Финска. Сега веќе е извесно дека нејзиниот сон може да се оствари и до крајот на оваа сезона, најдоцна можеби во наредната.
Микаела не планира да се „пензионира“ пред Олимпијадата во 2026 година, чии домаќини ќе бидат Милано и Кортина д’Ампецо во Италија. Но, Олимпијадата е далеку, а пред неа има неколку сезони и многу трки во Светскиот куп.
Тајната на успехот
Која е тајната на успехот на оваа спортистка?
На прво место се неспорниот талент, речиси совршената техника и студиозноста на нејзините тренинзи. Кој сака да научи нешто во врска со ова, нека го погледне ова видео:
За разлика од многу свои конкурентки во Светскиот куп, Шифрин плени со својата сестраност. Освен што е подеднакво успешна во слалом и во велеслалом и секогаш е кандидат за подиумот, таа често се впушта и во брзинските трки, во супер-џи и во спуст. Понекогаш тоа е исцрпувачка и можеби погрешна тактика, но Микаела скија „со срце“ и секогаш го дава максимумот.
Освен тоа, таа и по својата телесна и психичка конституција, како и по начинот на кој живее, е комплетна спортистка и атлета. Погледнете детали од нејзиниот спортски живот, на кој е целосно посветена:
Се чини дека скијањето, тренинзите и натпреварите се животот на оваа Американка. Тоа не е лесно. Познато е дека големите спортисти жртвуваат многу од своите приватни животи. За среќа, олеснителна околност за Микаела е што таа е во врска со Александер Килде, кој и самиот е успешен алпски скијач. Погледнете како се согласуваат двајцата:
До следната победа на Микаела – само право кон целта!